„In-Out illumination“ - изложба за контрастот и симбиозата на енергетската природа на универзумот

12.12.2014 10:37
„In-Out illumination“ - изложба за контрастот и симбиозата на енергетската природа на универзумот

Се работи за еден доста интерсен концепт на комбинирање на техники и материјали (акрил на платно и рендген снимки на коски од човечко тело), со цел да се долови идејата дека фундаменталната стварност се состои од неразделна квантна исповрзаност на вселената. Притоа, согледувањето на тој процес нa енергетски структури во кои слободно се движи духот кулуминира со илуминација (in-out illumination).

На изложените дела можеме да видиме човечки тела прикажани како една вибрантна спојка на затвореноста и површноста на човековата кожа и своевидни отворени прозорци во мозаикот на човечкото претставени преку рендген снимки кои даваат увид во она што се наоѓа отаде добро познатата површност на надворешниот изглед на телото. Но, во овој случај коската не е последната длабочина до која досега видикот во „внатрешноста“. Равенките на модерната физика и другите илустрации испишани врз рендген снимките ја поместуваат границата на видливост многу подалеку од коскената срж - ја трансцендираат перспективата на поединечен, издвоен ентитет и го ставаат објектот во пошироката енергетска мрежа каде што космичкото и човечкото вибрираат во истиот ритам.

Уметикот Наумоски говори за две форми на енергија: Трансцедентална (внатрешната енергија на самото битие) и Протомордијална (енергијата на стварноста восприемена од надвор). Таквиот однос помеѓу енергиите, или поточно нивната симбиоза, го изразува низ позитив-негатив ситуација, т.е ситуација „In-Out“, што во случајов е спојот на различни медиуми кои со својата структура ја доловуваат оваа дихотомија.

Тој понатаму преку цртеж го проширува концептот за енергијата и тоа од аспект на источната мистичка духовност поставена наспроти експериментите на современата физика.

Благојче Наумоски - Бане (1985, Кичево) дипломира во 2007 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек, насока сликарство во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 магистрира кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и активно учествува во сите нејзини проекти. Исто така учествувал на повеќе групни изложби во Берлин, Њујорк, Париз, Словенија, Израел, Полска, Бугарија, Косово, Чешка... како и на повеќе домашни колонии. Во изминатиов период има реализирано дванаесет самостојни и повеќе групни изложби.