Курирај ме или окни ме?! Има ли разлика?

12.12.2014 09:54
Курирај ме или окни ме?! Има ли разлика?

(Писмо до ОКНО, уредникот Никола Гелевски и читателите на порталот)

 

Искрено жалам што порталот ОКНО решил во својот етер да го пренесе Саше Ивановски и неговото писание посветено на мене (т.н. колумна), едно логично продолжение на неговата хајка која трае одамна против мене.

Се вџашив кога ја здогледав т.н. колумна на Ивановски, клеветничка, на страниците на овој портал! Не затоа што не прифаќам критика, туку затоа што има очигледни елементи на клевета и е лично насочена кон моја дискредитација. Де јуре и де факто-лаги, клевета, име, презиме, моја слика (само во колумната). Во претходните писанија посветени на мене има потешки елементи на клевета, но за тоа судот ќе одлучи.

Моја проценка е дека писанијата се нарачани од одредени структури, блиски до власта (има ли логика јас да бидам три дена вест на денот, покрај Груевски и министрите му, здрави и живи!?). Притоа, ОКНО го лапнал „сосе блинкер“.

Впрочем, истиот овој тон постојано е присутен и кај Миленко и Јанко, година дена наназад, со таа разлика што тие го употребуваат мојот прекар кога клеветат, а не целото име и презиме. Толку околу „ташакот“ кој го споменува Ивановски и дилемата зошто тој ќе се најде на суд, а не и тие.

Секако, нема да се најде на суд и ОКНО; како пренесувач на клеветничката т.н. колумна, иако имам полно право на тоа. Но, тоа не е мој стил - да се расправам на тој начин со луѓе, за кои сум уверена имаат што да кажат и јавноста треба да ги слуша уште долго време. Всушност, ова ќе го сметам за резултат 1:1, ако земам предвид дека на два пати сум го ставила во негативен контекст уредникот Гелевски. Но, не и клеветнички.

Да се вратам на Ивановски - не само што година дена наназад краде мои статуси, ги постира кај себе и наплатува од тоа без моја дозвола, туку од пред некое време почна и да измислува цитати кои не сум ги кажала, да ме постира со слика, а од неодамна прејде и на друго ниво - ме масакрира на плоштад со рацете и нозете врзани за коњот, со крпа во уста, како да сум носител на јавна функција и не дај боже трошам народни пари без усул. Дали тоа е нормално?

На суд важи она „тој што тврди - докажува, а не тој што побива“. Јас немам што да му докажувам на Ивановски, кој својот заклучок за мене како „одработувач на режимот, бранител на режимот“ и „нема ниеден критички текст кон оваа власт“ го извел од еден единствен текст кој е всушност е информација за Локален Економски Акционен План на градската власт од 150 страни, кој се најде неодамна на Советот на Скопје и од кој беа извадени најинтересните нешта кои Градот се обврзува да ги реализира (и тоа до 2017 година). Секако, не очекувам тој да знае што е информација, а што е истражувачка сторија или репортажа, ама од ОКНО очекувам.

Како и да е, Ивановски, ваквите клеветнички тврдења ќе мора да ги докаже на суд и јас тврдоглаво стојам зад таа моја одлука. Не затоа што очекувам финансиска сатисфакција, бидејќи секако ќе ги донирам парите (како што ги донирав и од наградите, кои се заштита на мојот углед на суд), туку за да ја прекинам клеветничката семка во медиумскиот етер. Гелевски тоа најдобро го знае, а сепак истото го прави.

А текстот е бирократија, просто кажано, нешто кое ќе се релизира допрва, документ, хартија, информација. Еден од илјадници мои напишани. Секако, мене ќе ми требаат месеци и месеци за да ги извадам сите текстови насочени критички кон властодршците изминативе 9 години колку што се на власт (толку работам и во весникот), вклучително и додека бев уредник. (градска рубрика, бидејќи луѓето во медиумите работат по рубрики и не се мешаат меѓу себе во сектори и со теми).

Гелевски,

-Дали новинарката која 10 од 14 години стаж се бореше со сите урбано-мафијашки криминалци во нашиот град , власт-градежни фирми, заслужува ваков третман од интелектуален сајт, чија визија за градот всушност ни е идентична?

-Дали новинарката која им помогнала на стотици, илјадници луѓе во овој град, заслужува да биде вака шиканирана од ОКНО?

-За што е борбата против режимот на Груевски - еден режим да замени друг!? За заокружување со црвено или за заокружување без право на збор, втора страна, за хајки, со шпекулации, манипулации, лаги, без докази и право на одбрана? Нели е тоа исто? ОКНО ми ја стави лентата, а јас сега треба да се бранам ем со неа на рака, ем со ѕвездата на ревер. Па како оди тоа?

-За што е борбата - да се скријат три вистини за секого од пет вкупно? Па тоа е веќе лага. 

Јорданка Ивановска

Граѓанка со лента на ревер

Скопје, 11.12.2014.

 

Одговор на уредникот на „Окно“

Зошто го реобјавивме текстот на Саше Ивановски? Од две причини: покренува важни принципиелни прашања, особено актуелни под груевизмот: дали дење можеш да работиш за тој злосторнички режим, а ноќе против него? (Се разбира, свесни сме дека ова прашање, во животот, од случај до случај, е ужасно комплицирано и често невозможно за просто одговарање.) И второ, на „Окно“ се трудиме да го разбиваме стравот (од тужби, закани итн.) и да го шириме полето на слободата, на слободниот говор; сметаме дека заканите со тужби многу често служат за замолчување и застрашување; затоа е важно, нам ни се чини, јавноста да го просуди „меритумот“, конкретниов случај.

Никола Гелевски
главен уредник на „Окно“

 

Слика: Свирачиња