Протест низ окната

13.04.2009 12:32

Светот виден низ медиумите е интерпретирана приказна. Приказна раскажана низ рамките на новинарот, коригирана од уредникот, пренесена преку камерите или фотоапаратите и примена низ екраните, фотографиите и написите. Нешто како раскажувањето лектири во основно или средно училиште. Оние кои ги нарекувавме бубалици беа во суштина тормозени деца кои за време на летниот распуст една четвртина од денот го минуваа во читање лектири и нивно прераскажување во посебните тетратки. Тие деца немаа цигарчиња и симпатии ама имаа нешто многу вредно. Тетратка полна со раскажани лектири. Штом заврши летниот распуст почнуваа нашите гребења. И така таа тетратка се умножуваше низ десетици препишувања. Генијални лапсуси лежеа во шестите, седмите, дваесеттите копии. Препишувачот сам одлучуваше кој дел е небитен, го скокаше и наместо него додаваше свои пасуси за да не биде фатен во плагијат. Што верзии на Ана Каренина имам јас исчитано.... Ама дури и првото, односно оригиналното прераскажување нема врска со дадената лектира. Тоа е сепак прераскажан текст.
Нешто слично се случува со медиумската интерпретација на настаните. Протестот „Плоштад Слобода“ најпрво беше најавен на интернет. Најмногу внимание доби на фејсбук. Уште еднаш се соочивме со она што една моја пријателка го нарече фејсбук активизам. Речиси 3000 луѓе низ кликање докажаа дека ќе дојдат или можеби ќе дојдат. Се појави една третина од нив. Ги замислувам виртуелните активисти. Стануваш од сабајле, пиеш кафе и туп пред монитор. Save the planet. Join group. Клик. Стоп за насилството врз животните. Join group. Клик. Не за војните. Join group. Клик. Сакам пиво после 19.00 часот, не сакам црква на плоштад, смрт за капитализмот, кажи НЕ на расизмот... Join group. Клик. И така после фејсбук активностите си легнува човеков во кревет, гаси светло, зема воздух и дооолго издишува велејќи си во себе: „божеееее колку бев прогресивен денес!“ Секоја чест!

Ама виртуелноста на овој свет е, да речеме, големо алиби. Да си се вратиме на нашите популарни медиуми. Вистински прераскажувачи на лектири. Тие немаат врска со оригиналните интерпретации туку се многу повеќе налик на децата кои раскажувајќи лектира се обидуваат да му се упикаат на наставникот. Па така, во еден ист ден на еден ист настан, Сител и Алфа видоа различни луѓе. Млада интелектуална сила или соросоидна банда. Луѓето сепак се исти, различен е наставникот кому треба да му се упикуваат прераскажувачиве. Па така ние собраните на плоштадот некому му изгледавме како млади и прогресивни, некому на грозни и невоспитани свиркачи, некому на црвени буржуи, некому на симпатични и воспитани деца, некому на платеници, а некому на истомисленици. Ама, видиш, ние бевме тие, истите де. Ние сме си, ама бевме лектира за прераскажување. Ликови од роман искористени за упикување кај „класниот“.

Квалификацијата или дискредитацијата на нас, луѓето кои учествувавме во протестот, е сосема очекувана работа. Никој од нас не се надеваше на поинаков третман. Мене лично најсмешни ми беа обидите за пребројување на учесниците. За едни бевме неколку илјади, за други илјада, а за трети триста. Бројките се бројки. Тука нема интерпретации. Има точни бројки, приближно точки бројки и сител-бројки. Или, што би рекла мојата пријателка, Олгица: Сител знаат да бројат единствено бумбари... луѓе малку потешко. Драганчо е цепажа. Човекот се обиде холограми да ни тутне колнејќи се во лидерството на Сител по однос на новата технологија за на крај да не претпостави дека и други луѓе снимаат, и други камери играат. Драганчо под итно да ми каже како компресира илјада и петстотини луѓе во триста оти имам проблем со некои фотографии чија величина е преголема за да ги закачам на нет. Сепак, јас не сум лидер во новите технологии.


И така додека Драганчо зипуваше и спинуваше, А1, Телма и Канал 5 трчкаа по Фрче, Алфа се воодушевуваше, ние, учесниците на протестот ја остваривме нашата цел. Слобода на говор, јавно артикулирање на ставови, мирно протестирање... Јас нема да ви го интерпретирам настанот. Единствено жалам за оние кои не дојдоа. Нејсе, има фејсбук и утре, а таму ве чекаат нови предизвици. Уривање на визен режим, грчки фашизам, хомофобија... Има да ги расчукате убаво со кликови, а? а? а?

ОкоБоли главаВицФото