Анархистички гест зад тоа

12.12.2014 12:00
Анархистички гест зад тоа

Конечно сфативме, Никола. Доволно беше да го видиме видеото од средното прилепско индустриско училиште и сликата на корчагинци која ја обиколи Македонија, за да сфатиме дека се работи за строга и проста командна одговорност која оди хиерархиски како пирамидално партиско штедење без промислување за последиците и показ на елементарен резон. Родителите вчера не реагираа, а дали пост-фестум ќе реагираат радикално? Би било интересно да се следат средношколските совети на родители, но повеќе од очекувано е сега, во наставничките совети од средните школи да се бара одговорност од директорот/ката и одговорната клапа околу нив, така што ве повикувам, даскали од сите страни на Македонија, да почнете да дискутирате, да собирате потписи и петиции, да давате изјави за јавноста и да ги тешите родителите и јавноста околу разграничувањата и ингеренциите на директорите/ките. Зашто, децата нели, одат во школи, а не во затвори. Слободното движење е уставна категорија, ИДЕНТИТЕТОТ!

Затворското заклучување на средношколците беше спроведено од малодушни директори кои работат во градски јадра кои како и универзитетските јадра би требало да имаат автономија на одлучување и вето. Каде се одлуките од наставничките совети на тајно гласање? Каде се доблесните храбри даскали и професорки? Уште ли не научивте дека можете да бидете членови на партија и отворено да не се согласувате со партијата? Понатаму, на чија иницијатива беше мошне срамното собирање на директорите од скопските средни школи во неработен ден? Во Јосип Броз Тито беше собрана мизеријата со диктирање на култура на супресија, деградација, омаловажување, анти-бунтовност против младешкиот вигор итн. За очекување е директорите по овој лош кошмар да си поднесат оставки. Дали во иднина ќе се бараат одговорни за средношколските настани поради прекршување на серија закони и Уставот и како крајна мерка прекин на вработувањата, не знам. Како да се решат вакви ситуации? Предлагам именувањето на директор/ка на средни и основни школи да биде надвор ингеренциите на градоначалниците, а наставничкиот совет да бира на тајно гласање, на начин како што тоа е на факултетите, со дефинирани правила кои можат да бидат стандардизирани на ниво на Македонија. А КАДЕ СЕ ПАРИТЕ? Парите, се разбира, не се во средните школи, а би требало да се на факултетите, организирани како институти.
 
Трампа. Бесплатна. Исклучиво право е на институтот да бира асистенти и предавачи, а професорот/ката има исклучиво право да одбере свој асистент итн. Ако ве земе професор, решено Ви е егзистенцијалното прашање. Но, приказната со трампата не е само егзистенцијално прашање. Институтите, беа кадровски двојно посилни порано, а последните години, професорите или никој не ги наследува или ако ги наследува, одлучуваат факторите како професорска „автономија“. Се разбира, не мора да има класична трампа за да биде договорено прифаќање на докторантот од професор на друг институт, на друг факултет. Има децениски пријателства помеѓу професорски фамилии. Луѓе, никој не е крив што постојат интелектуални фамилијарни ќелии и што мноштво луѓе се родени во такви средини. Но, кој може мене да ми го одземе докторатот? Кој може мене да ме мрдне од местото доцент? Епа може. Од комисијата која ставила потпис на докторатот со што сте интронизирани во доктори, може барем еден од потписниците да го повлече потписот за да видиме како вашето „ремек-дело“ станува „римејк-дело“. Како тоа да се направи? Кога? Подигнете ги сите докторати од последните дваесет години на портал бидејќи академската култура наложува секој да може да ги чита и да ги користи истражувањата за свои птреби, за што, се разбира, закони не се потребни и потоа очекувајте ги реакциите кои однапред знаеме какви ќе бидат. Тажно е што не се објавуваат докторатите, а причините се кристално јасни. Уште не чувме за плагијати на докторати помеѓу политичарите, така што очекуваме да ги видиме и тие докторати како јавни документи. Но, професор лесно се навредува ако има пишувања за неговото дело, особено ако се работи за потесна фамилија во која и детето мора да стане професор, ако не на институтот каде што тој е професор, на институтот каде што е договорена трампа со друг професор, ако се работи за професор или пак ако е политичар со кого е договорена размената, особено ако во игранката има пратеник и професор во едно тело или професор и министер во едно тело или професор близок со султанот на партијата која владее или со министерот за финансии кој потпишува одобренија за вработувања. Професорите или им ги пишуваат трудовите на децата или ги малтретираат да ја преземат цела енергија која ја акумулирале како професура низ долгите години како професори, бидејќи професорите се, нели, „константи“ и траат многу години и треба некому да се предадат „тајните“, но за која формула јас овде пишувам? Да речеме, ако човек докторира околу триесет и петтата година, а стане доцент по пет години, тој/таа има век и над педесет години. Тоа е одлично и има примери каде професори кои Македонија ги има, креираат низ факултетите и по педесет години, познавам неколку. Но, има и случаи каде што децата на професорите се вработени како професори на истиот институт како и родителот. Верувам дека има мноштво случаи низ цела Македонија за кои ќе мора да градиме механизми кои тоа ќе го спречат и исто ќе мора да се спречи „пензионирањето“ на доцентите штом станат доценти. Да одиме со пример или со примери? Еве како јавно достапни информаци од Инситутот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје на кој како професор работеше Нелко, поранешен пратеник, татко на Тања Стојановска, денес наставничка на крајно контроверзните семејни студии чии текстови по три пати во неделата можете да ги читате на порталот фактор, но, моја препорака, не ги читајте и не дај боже да ги цитирате. А каде е ИДЕНТИТЕТОТ, упс, ДОКТОРАТОТ? Не Ви е СРАМ?


 
За дисперзираните студии немам коментар, обратете се до креаторите. И се работи за ќелија. Имено, во инженерски фамилии, детето најчесто одлучува да стане инженер поради тоа што знаењето полесно добива забрзување. Во професорски, даскалски фамилии, знаењето и професурата исто така полесно добиваат забрзување. Така, постојат инженерски фамилии, докторски, медицински, професорско-даскалски ќелии итн. Има и работнички фамилии, а децата имаат посебни таленти, но се оставени сами. Познавам и такви личности. Потребно е, значи, препрочитување на докторатите од последните дваесет години како и повлекување на потписи од комисиите. Знаењето кое се генерира треба да биде отворено за сите, зарем тоа не го знаат докторите на науки?

Ректорот Стојковски! Овој господин во моите очи направи три сериозни фаули. Првиот беше кога со екстремна група на професори отиде во црква да се моли за почеток на студиска година. Вториот фаул, кога истото му се повтори, за што бев буквално шокиран! Третиот фаул е изјавата која ја даде г-дин Велимир пред Ректоратот на 17 Ноември. Би очекувал имено, принципиелно, највисок морал од врвните десетина институции во Македонија. Претседатели на МАНУ, Врховен и Уставен суд, Ректори итн. Документот којшто го покажа Студентскиот пленум на нивната ФБ страница покажа дека Ректорот бил запознаен со предлогот. Не барам оставка г-дин Велимир, но не Ви верувам. Сепак, Ректоратот би можел да се поправи со покривање на сите трошоци за концерт кој би се случил на платото на УКИМ. Секако, оставка би била поздравена од мене, но тоа не значи дека на местото Ректор автоматски ќе дојде АТЕИСТ. Дали е паметно да се окупира Ректоратот во наредните месеци? Не знам, на студентите, се разбира, им верувам ако решат такво нешто.

Некаде околу пладне вчера, ми се јави моја блиска пријателка и ме праша дали е можно да се случи државен удар. Дали има услови за државен удар во Македонија, како што тоа се покажа со затворската казна на која без право на приговор беа осудени даскалите и родителите на средношколците? Потоа туп, од небото доцна вечер се појави соопштение од Т-Мобиле во кое јавноста беше информирана за дефектите со мрежата кога на територијата на Скопје во тие моменти се случуваше протест. Случајност? Не знам. За станиците има сомнеж дека се изгасени поради можните сценарија, така што ако нема комуникација, тешко би одело координирањето, но доказите за тоа се во Т-Мобиле и кај оперативците кои ќе треба да се пронајдат и да сведочат. Активисти пак, од повеќе страни забележуваат и пријавуваат дека има забрана и блокирање на страници на Фејсбук. Случајност? Не знам. Дечкото кој возеше дрон, бил во полициска станица. Случајност? Не знам. Сите снимки на средношколците на нивните мобилни уреди исчезнаа. Случајност? Не знам. Државен удар? Ма каков државен удар. ЧОВЕКОВИ ПРАВА! Дали работеле штабовите доцна во ноќите пред протестот и на самиот протест? Не знам. Дали забележавте полиција и агенти на секое ќоше од градот? Случајност? Не знам. Дали поставените бомби во Тетово и Куманово се случајност? Не знам. МЕДИУМИ! А од каде ти падна на памет таа идеја, драга моја пријателке? И, ме потсети пријателката на Мартин Нешковски, по што го прекинавме разговорот и продолжив со дневната рутина, бидејќи, ТИ СИ МАКЕДОНИЈА!


 
На протестот видов нова сила која ќе артикулира нешто, но што, ќе видиме. Сметам дека протестите се многу подлабоки од решенијата кои веќе се предлагаат за кризата во која е потонат универзитетот. Сѐ што е направено во последните години ги надмина своите капацитетите на сѐ што може да биде. Ништо не беше можно како што одеднаш станува плато... со илјада платоа. Првпат на студентски протести заедно чекореа и Македонци и Албанци во значајни бројки. И бидете спокојни, СЛОБОДАТА е добитна комбинација во сите варијанти. Најинтересни, сепак, се слепите партиски војници кои се навредени ако пишуваме за нивната измачена психа која ги заклучи средношколците по принципот ЗНАЕЊЕТО Е СИЛА, КЛУЧ И МОЌ! 

На протестите прво меѓу студентите беше и кучето со име РЕВОЛУЦИЈА кое е присутно на сите протести во последните години и кое секогаш чекори со прогресивните. РЕВОЛУЦИЈА знае кои се лошите, а кои добрите. Но, како што нè учи Бенјамин, точно знаеме што ќе се случи ако РЕВОЛУЦИЈАТА пропадне.

ОкоБоли главаВицФото