Премин во дигиталниот свет- цртежи на Владодлак Благојевиќ

13.12.2014 12:30
Премин во дигиталниот свет- цртежи на Владодлак Благојевиќ

„Премин“ е насловот на самостојната изложба на Владимир Благојевиќ која е поставена во кафулето Концепт37 од 10 до 16 Декември 2014.

Во Giger-овски стил, со прецизен детаљ и контури кои скоро психоделично се надоврзуваат и прелеваат градејќи ја крупната слика со ефектно доловена перспектива и длабочина - серијава слики ќе ве понесе на едно мини патување. Патување низ приказната за современото живеење кое го прави реалност она што некогаш било исклучиво во доменот на инвентивната научна фантастика.

Десетте изложени дела во техниката хамер хартија со рапитографи се изработувани во периодот од 2010 година до сега. Цртежите во стилот биомеханика, се еден вид визуелизација на нашето секојдневно минување време на интернет - како своевиден премин од реалниот во дигиталниот свет.

Околу инспирацијата за реализацијата на серијава цртежи, Благојевиќ вели:

„Мојата опсесија со СФ е уште од раната љубов кон филмовите, посебно научно-фантастичните и хоророт. Во нив секогаш имало изненадување и несекојдневности. Роботиката постепено почнува да зема замав во секој сегмент на модерното општество, во кое би напоменал дека Македонија не спаѓа. Дел од таа современа реалност се новите електронски протези - поврзувања на човекот со машината како помошно средство за нормална функција на организмот. Сакале или не - тоа е иднината на роботи и компјутери.

Како што може да се види во делата, мој омилен уметник е H.R. Giger, креаторот на вечниот Alien. Во последно време исто така помеѓу омилените ми се Beksiński и Kubicki, како и многу други нови и надежни млади уметници од сите страни на светот чии дела може да се погледнат на интернет. “

Две споени глави меѓу кои се наоѓа премин го претставуваат нашиот премин/мутација од реалното во нашите интернет аватари со кои се претставуваме по социјалните мрежи. Коцките во долниот дел ја претставуваат тастатурата со која секојдневно сме фатени во костец. Од типките излегуваат најразлични суштества и фетиши.

Белиот демон како претстава на неограниченото знаење, слободно достапно на интернет и нашиот занес додека трчаме по интернет страниците за да дознаеме работи кои понекогаш воопшто не нè интересираат.

Двојна игра. Страста во рамките на Фејсбук додека секој трча по друг партнер занемарувајќи го својот вистински.

Чуван премин од две морбидни кучиња чувари - репрезент за лозинките кои ги ставаме на својата електронска пошта и останатите интернет страни.

Ремикс на „Животот и смртта“ од Густав Климт. Го претставува фактот што сите сме во еден премин од животот кон смртта.

Владимир Благојевиќ (1979, Скопје) е дипломиран етнолог, а од 2002 година работи во Музеј на Македонија. Од 2002 изработува накит и фигури од глина и патем почнува да се навраќа на љубовта од детството - цртањето и сликањето. Од 2010 година па наваму, почнува посериозно да се занимава со цртање, сликање и изработка на накит (од фимо глина, полудраги камења, акрил, жица и картон). Цртежите стануваат посериозни од 2012 година, а омилена техника на изработка му е рапитограф на хамер.

До сега имал три изложби: Во Ракија бар „Калдрма“ (2013) ; Изложба на цртежи и накит со Андријана Андреевна „Со тебе во мене“ (2014); и „Премин“ во Концепт37 (2014); Твори под псевдонимот Владодлак.