Студенти

15.12.2014 10:47
Студенти

Освен оние „декларативно-субјективни“ („Тие се нашите деца“, „Тие се нашата иднина“...), постоеја повеќе причини зошто граѓаните во голем број се придружија на студентскиот марш. Некои зашто сметаа дека преку приклучување на маршот ќе можат да го искажат своето незадоволство од некои политики на власта, некои зашто го препознаа урбаниот дух кај младите луѓе, некои од најчиста солидарност, а некои можеби и да се почувствуваат како дел на некое ново време и ново движење... Но, сигурно е едно – најголемиот број од нив беа тука бидејќи се работеше за автентично движење на студентите, за моментот кога студентите покажаа дека со право го носат своето име – студенти!

Значи, наспроти општото мислење, студентите не се ученици, односно не учат, туку студираат. А студирањето не е учење туку стремеж кон целосно осознавање на светот. Универзитетите се универзитети зашто се универзални. Факултетите се нарекуваат токму така, бидејќи се факултативни, односно необврзни, доброволни. Тоа е првата, основната и главната причина зошто власта не треба и не смее да се меша во стремењето кон осознавањето на знаењето за светот. Односно во универзитетските работи. Власта не е универзална. Таа нема стремежи (освен да остане на власт), туку таа владее не со знаење, туку со политика, односно со репресија. Студентите (и професорите) владеат со знаењето, а не со луѓето. Така тоа би требало да функционира.

Зборот „студент“, прифатен во веројатно сите светски јазици, доаѓа од латинскиот „studere“, што значи токму тоа – да се стремиш кон нешто, да се интересираш за нешто. „Студирање“, пак, во денешното значење на зборот, се појавува со првите универзитети, односно некаде во XII век, доаѓа од истите латински корени, но од старофранцуското „estudie“, што би значело грижа, внимание, мисла, мудрост... Нешто подоцна се применува во значењето на „состојба на длабоко размислување; состојба на ментален ангажман, двојба; состојба на воодушевување, зачуденост).

Студиите и студентите, историски гледано, не се појавуваат за да ја задоволат власта со своето знаење, ниту пак власта ја интересираат нивните стремежи (освен кога не се насочени на смена на власта или кога треба да бидат искористени за зачувување на власта), туку поради длабокото убедување дека знаењето може да го промени, поточно да го култивира карактерот.

Затоа студентите секаде во светот се посебна каста. Уште не се влезени во прагматичниот свет на борба за егзистенцијата, романтични се во своите сфаќања на секојдневието, веруваат во среќата и во промената. Во таа смисла, по дефиниција и дефинитивно се субверзивни и недоверливи кон системот, бидејќи системот по својата природа е конзервативен и сака да се одржи токму онаков каков што е. Тенденцијата на секој што ја има моќта е да ја задржи и да ја зголеми таа моќ.

Ете, затоа, секој систем сака да ги има студентите под контрола. И затоа, во циклични периоди, удира по нив и по нивната автономија. Некаде и некогаш против студентската мисла се применува полициска репресија, палки и солзавци, некогаш се праќаат на физичка работа („Културната револуција“ во Кина), а некаде, ете, се воведуваат – државни испити.

Значи, да не се лажеме повеќе: државните испити не се прашање на проверка на знаењето, туку прашање на контролата врз знаењето.

Ете, затоа многумина граѓани им се придружија на студентите во нивниот марш. Им се придружив и јас. Се потсетив дека и јас бев студент. Додека не ме исконтролираа.