Запад и тортурата

16.12.2014 13:50
Запад и тортурата

САД мачат луѓе, тоа го знаевме. Сега можеме и да го прочитаме тоа, црно на бело. Важно е што е докажано со тоа. Запад се доведе себеси пред свршен чин: загрозени се неговите вредности, природа, идентитет. Објавувањето на злосторствата на ЦИА е важен политички чин и одраз на силата на американскиот систем. Меѓутоа, таа сила набрзо ќе стане слабост ако сè остане без правни последици. Ако извршителите не бидат изведени пред суд, од Запад ќе остане само сеќавање.

Давења, студени шокови, претепувања, бесења во ќелиите, листата на мачења на ЦИА е долга. Во САД злосторството стана систем кој создава држава без правда. Злосторствата на ЦИА извршени за време на мандатот на Џорџ В. Буш го извалкаа американското лице, лицето на Запад. Долго нема да се ослободиме од тоа. Сите оние кои рефлексно укажуваат на уште побруталните методи на другите држави како Кина и Иран би требало добро да се замислат. Кои сме ние за воопшто да зборуваме за тоа?

Џорџ В. Буш, кој несомнено е една од најголемите катастрофи кои ги снајдоа САД и Западот последниве неколку децении, во своите мемоари од 2010 пишува дека морал да бира „помеѓу безбедноста и вредностите“. Тоа е будалаштина или плод на суета. Не постои безбедност без вредности, тие се меѓусебно условени. Тоа е суштината на демократијата и во тоа е силата на правната држава.

Буш не водеше морална политика туку го користеше политичкиот морализам за да ги прилагоди правилата на себе. Од Имануел Кант знаеме дека само државата која го почитува правото може да се нарече правна држава. Кога Кант зборува за „превртливоста на неморалната наука за државата“, тој мисли на луѓето како Буш кои секој морал го потчинуваат на државните причини или сопствените амбиции.

Во тортура веруваат недемократите како француската десничарка Марин Ле Пен. Нејзиниот татко имаше искуства со тоа за време на војната во Алжир. „Заислете бомба која само што не експлодирала - тик так, тик так - и не однела 200, 300 животи“, објаснува Ле Пен после објавата на извештајот за тортурата. Според него, „мачењето може да биде корисно за да натераме некого да проговори“.

Истиот вечен циничен аргумент. Меѓутоа, комитетот на Сенатот не најде ниту еден доказ дека исказите добиени со тортура осуетиле барем еден напад и спасиле барем еден живот. Кога некого ќе затвориме во сандак, ќе го обесиме за рацете или 180 часа ќе го држиме буден, тој ќе каже сè, вистина, лага. Има ли разлика?

Историјата на тортурата нè учи дека ако целта го оправдува средството, тогаш повеќе ништо не ни е свето, а на крајот ќе ја промашиме и целта. Импресивниот документарец „The Gatekeepers“, кој зборува за израелската тајна служба Шин Бет и нејзините злосторства, го цитира еврејскиот филозоф Јешајаху Лебовиц: „Државата која владее со непријателски настроениот друг народ неизбежно се претвора во корумпиран колонијален режим“. САД за време на својата бесмислена војна против тероризмот, во која се однесуваат како светска окупациска сила на која ѝ се загрозени интересите, го потврдија ова израелско искуство - злосторствата кои им ги правиме на другите, си ги правиме самите на себе.

Што ќе произлезе од страдањата, понижувањата, болките, очајот кои ЦИА ги нанесуваше во наше име, во име на Западот? Што ќе уследи по смртта на затвореникот Гул Рахман, кого иследниците од ЦИА го полевале со студена вода, го оковале и го оставиле полугол да лежи во својата ќелија? Умрел од хипотермија. Дали некој ќе одговара за ова убиство? Дали ќе се искупиме за овие злосторства? Без искупување за овие недела ни достоинството на Запад нема да се залечи. Без судски епилог ниедна западна држава никогаш повеќе нема да може да ги осуди диктатурите и деспотиите на овој свет. Без пресуда на независен суд, што ни гарантира дека овие злосторства нема да се повторат?

Американското правосудство мора да се посвети на извештаите за тортурата. Доколку тоа потфрли, потфрлил и запад.

Извор: Spiegel, 11.12.2014.

ОкоБоли главаВицФото