Зошто ни недостига колективна акција?!

17.12.2014 13:32
Зошто ни недостига колективна акција?!

По речиси цела една деценија на изразит авторитаризам кој меѓу другото се базира на лажната утеха или слобода, дека нас како „индивидуи“ премногу не нè тангираат состојбите, во Македонија конечно се пројавува колективната свест, односно свеста за колективна одговорност и за потребата од колективна слобода.

Нека биде јасно, нашите индивидуални слободи и права се обична фатаморгана, но нашите колективни слободи и права се во далеку полоша состојба. Еден од „успесите“ на режимизацијата беше уништувањето на македонското општествено ткиво на колективен план, како категории, како групи. Така, сега ги имате, оние потчинети на власта групи (администрација, земјоделци, пензионери, само да набројам неколку), кои служат како квази привилегирани групи во својство на гласачка машинерија. Тие не се слободни како категории, но како индивидуи се дефинитивно привилегирани, неодговорни, поткупени... Да ги прашате некои од нив, ќе ви одговорат дека ова е најдобрата власт на светот.

А од другата страна имате неутрални, би рекол категории и групи кои порано уживале висок углед и статус, а денес се комплетно редимензионирани и понижени, сведени на безгласни букви. Новинарите, докторите, професорите, архитектите се меѓу групите професии кои секогаш имале истакната општествена и критичка тежина во една заедница, кои како групи беа буквално упропастени, маргинализирани, исклучени. Гледате, власта дел по дел, група по група, не толку човек по човек, нè потчини, нè атомизираше, нè направи да заборавиме што значи колективна слобода и права.

Конечно, како група се третираат и сите декларирани непријатели на режимот. „Соросоиди“, сдсмовци, отпораши, а еве сега дојде ред и на студентите и хонорарните работници. Власта ја употребува индивидуата секогаш во својство на оцрнување на одредена група, а неретко користи и одредена група за да оцрни некои индивидуи.

Кога ќе погледнеме убаво на состојбите, за кои права и слободи најчесто зборуваме дека се погазени?! Оние групните, оние колективните, оние кои подразбираат одредена класа, одредена категорија. Се газат правата на работниците, се гази слободата на синдикатите, автономијата на Универзитетот и слободата и правата на студентите и професорите, се понижуваат докторите и архитектите, се затвораат медиумите и новинарите, се напаѓа и сатанизира ЛГБТ заедницата, се бркаат борците и така до бескрај.

Што ми е поентата? Нели гледате во целиот овој процес една перфидна ситуација каде ние всушност комплетно сме заборавиле што е колективна слобода и одговорност? Нели гледате во исто време колкава моќ лежи во освестувањето на сите овие групи и категории, во нивното освестување како класа, па потоа и како народ? Затоа, јас се солидаризирам со секоја група и колку што мислам дека секоја група треба за своето да се бори, сè повеќе верувам дека сите групи треба да се солидаризираат со останатите, за конечно да се окрупниме како класа, за да се освестиме како народ.

За демократската борба да има некаква смисла, и за утре да имаме некаков резултат, неопходна е „позитивната слобода“, односно, „слободата да“. Слободата да дејствуваме во политичка смисла. Вистинска револуционерна слобода е онаа која „длабоко и универзално се стреми кон добивање препознавање и статус“, како и „општествено самоуправување“. Тоа значи можност и способност за менување на работите, моќ да се трансформира реалноста која нè опкружува преку интервенција на споменатите интересни групи и категории, општествени класи, па дури и народ. Тоа значи повторно, будење на сите работници, на сите луѓе кои работат и творат и чие достоинство, чија материјална егзистенција и духовен мир се претворени во сопственост на една олигархија, власт, режим.

Нас не нè спасуваат неколку паметни глави, индивидуални, валијантни чинови. Да, се тргнува од индивидуата и од нејзината свест, но ние повеќе не можеме да си дозволиме да мислиме дека овде станува збор за личен избор или да се криеме зад нашите лични права и слободи. Мораме да излеземе од нашата приватна сфера, од нашите приватни односи, од нашите приватни состојби. Ако сакаме нешто структурно да го промениме, мора да дејствуваме политички. А, што значи да дејствуваме политички? Тоа значи дека мора да се стремиме кон афирмирање на колективната слобода, ако треба и преку конфликт, па макар тој еден и се формализирал.

Тоа значи за многу луѓе откажување од сопствената можеби лична комоција и свесно жртвување на многу аспекти од индивидуалните уживања, со цел да се постигне заедничко ослободување и изедначување. Денес, борбата не е само помеѓу спротивставени класи. Напротив, борбата е меѓу хетерогените категории кои социјално наликуваат на мнозинска класа, иако за тоа не свесни, против една друга хетерогена група на категории кои се привилигирана, потчинета, поткупена класа од страна на режимската олигархија. Но, во секоја од овие категории, мнозинството луѓе се понижени, маргинализирани, уништени до степен што веќе можат да се дефинираат како класа суи генерис. Треба да се освојат сите категории, како што тоа го прават студентите, да се обединат сите останати групи, да се разбуди нивната свест за заедништво, да сфатат дека суштински се класа, се колективитет кој има политичка моќ, и тогаш како народ да се тргне на оваа власт.

Дури и оние кои уживаат во својот индвидуализам, кои не можат да се пожалат дека нивниот комфор, нивните права, нивната слобода се погазени, и тие треба да се освестат дека се суштински неслободни во овој систем. Нивната слобода е негативна, ослободени се од правење нешто. Но, тоа значи и ослободување од сопственото рацио, живот кој престанува да биде и е неспособен за реакција.

Нашата историска иронија е што ако во минатиот систем индвидуалноста беше ставена на страна заради колективната благосостојба, во овој систем колективноста комплетно ја изгубивме не заради индивидуалната благосостојба, туку заради индивидуалната себичност и непромисленост. Ја изгубивме наводната демократијата како постмодерна слобода, но уште пострашно, се откажавме од демократијата и слободата како суштински партиципативна и колективна акција и политика.

Нам не ни е целта како во „движењата од 68 година“ да ја политизираме индивидуалната, приватната сфера, нам не ни треба култура на „индивидуални права и слободи“, проста афирмација на „граѓанските слободи“. Се разбира дека тоа е стремежот, но таа состојба не доаѓа, а дури и да постои, не е доволна за реално колективно дејствување и реално менување токму на индвидуалните состојби. Едноставно, ние немаме зацементирана етичка структура која може да се држи или која успеа да создаде општество на автономни индивидуи. Не можеме оваа борба да ја добиеме на културен план. Тоа е како илузијата на опозицијата дека ќе ја врати „средната класа“. Средната класа ја нема, ја имало, а денес е уништена. Денес постојат само сиромашни луѓе, кои не можат да бидат слободни индивидуи, и кои треба одново да станат и материјално и културно и правно и политички, граѓани.

Ние сме пред предизвикот, оној неуспешниот на Француската револуција, да се бориме за универзална слобода во најдобрата демократско - револуционерна традиција. И нашата борба однапред е осудена на неуспех ако спасот го полагаме во рацете на некоја опозициска олигархија, ако мислиме дека ќе се ослободиме како индивидуи, или дека слободата ќе дојде без нашата конфликтна и колективна партиципација. И таа тензија, тој конфликт не се исцрпува со буткање на режимот, туку мора да постои и да се оддржува во живот и потоа, за едно општество навистина да се нарече демократско.

Затоа, секое колективно освестување, секоја колективна акција која потекнува од самата група, па дури и да е организирана од политичка организација која се базира на партиципативно граѓанство, треба да биде поддржана, поттикната, потпомогната. Сите групи, сите категории, мора да солидаризираат меѓу себе и верувам дека студентите, меѓу другото и поради односот на власта, ќе го поддржат протестот на хонорарците. Таму ќе има секакви луѓе, од новинари, преведувачи, па сè до невработени. Би бил сигнал од огромно значење доколку студентите излезат, не само како индивидуи. Нашата крајна цел, е група по група, дел по дел, да сфатиме дека сме една голема целина, една огромна социјална класа, едно потиштено мнозинство кое доколку се разбуди, доколку стане народ, оваа власт ќе ја симне за многу кратко време.

Конечно, тоа би била најголемата лекција по слобода и демократија, лекција и поука за постериори, како и кога индивидуата треба да се стави во корист на колективитетот, и еднаш свесни за политичката и партиципативната моќ, да се работи на реално менување на состојбите. За сите на нас, и за нас самите.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња