Пред Белата куќа на Лудакот!

18.12.2014 15:44
Пред Белата куќа на Лудакот!

Еден ден сите ќе разберат дека секој по своја желба и иницијатива може да го промени тоа што не го сака, пишува на својот фејсбук профил Синоличка Трпкова. Ова, си реков, може да биде мото и на колумните на Жижек и Бадју, што па да не биде мото на мојата колумна! Дотолку повеќе што низ една извртена форма, сличен став застапував и јас на својот профил, неколку часа пред вториот марш на студентите. Вака изгледаше мојот статус:

Во стручната литература говњарите можеме да ги сретнеме и под името консеквенцијалисти. Тоа се типови кои преземаат или не преземаат нешто само со оглед на последиците. Но, да немало по некој луд, неконсеквенциалистички дивјак, хомо еректусот и денеска би живеел во пештерите на Матка и би се тресел како лилјак на плус шест степени, а прашање е дали воопшто еволуцијата би дошла до нивото на сапиенсот оти зошто мајмунот би ризикувал да се исправува на две нозе кога бил далеку постабилен на четирите, односно зошто мајмунот би постапувал поинаку од некои професори, чиновници и други исероци во процесот на еволуцијата, кои сосема консеквентно заклучуваат дека ако ги поддржат студентите можат да останат без работа. Проблемот е во тоа што нивната консеквенцијалност е строго примитивна. Тие не се во состојба да ги екстраполираат консеквенциите на своето поведение подалеку од дневниот оброк бурек со урда и опортунизам. Па, не можат да сфатат дека историјата и социјалната еволуција имаат своја консеквенционалистичка логика и принципи: ги фаќаат гнидите на спиење и прават од нив флеки на своите ѕидови за качување! Сè што е строго пресметливо, без трунка страст и спонтанитет, заслужува да биде смачкано, оти тие чудовишта, просто, не се луѓе!

Можеби Синоличка ќе ми се налути за овој паралел слалом, но мојата идеја беше да им го сугерирам нејзиниот став на тие за кои знаев дека нема да излезат и да ги поддржат студентите затоа што немаат капацитет да сфатат дека подржуваќи ги студентите се подржуваат себе си!

Потоа си реков дека ќе одам да марширам не само како човек кој има желба и иницијатива да го промени тоа што не го сака туку и како човек кој сака се да остане вака, да речеме, како Груевски! Еве ги моите извештаи од таа двојна, безмалку невозможна, мисија:

"Софија Куновска ја видов маскирана во Нинџа желка, професорот Фрчковски го фатив како скока од прозорецот на својот кабинет, маскиран во обичен студент кој лебди во масата како клавир во надојдена река, Кабранов се беше начукал во една синкаста, волнена ли беше, синтетичка ли беше, не знам, истрагата ќе покаже, капа, какви што носат затворениците по американските филмови, синот и таткото Мицковски беа дошле со своите маскирни бради и нападно се трудеа да не изгледаат премногу умно, Лилјана Јаковлевска се беше скрила зад темните очила ала Бет Дејвис, професорот Унковски ги беше зел најголемите Лореал мустаќи-специјалки за вакви драми, да не беше Лина Ќостарова, немаше да го препознам, Ѕвездан Георгиевски со својот нов шешир беше преправен во инспекторот од "Пинк Пантер", плус се обиде да се скрие кај "Рори", демек, му се пиело пиво на Рекорд, Алики Јовчевска се беше маскирала во ослабната и порасната Алики, Живко Кондев ми се виде како момче од некоја банда во Бронкс, Бојчев беше свој, ретка појава на маршот и, што да ви кажам, гледав, гледав така, кога, оп, еден човек ми се виде како се крие зад децата, ало Заев, што се криеш зад децата, бе, што не си организираш митинг ако си маж, му викнав и така, одевме марширавме ние маскираните, придружувани од по некој студент, видов двајца како мафтаат со своите црвени индекси пред новата зграда на владата, плус Тричковски кој цело време се обидуваше да го убие премиерот во поим, бидејќи пред некоја ноќ веќе го беше убил во сон!"

Ова е од рапортот на Груевски во Белата куќа на Лудиот премиер ( слични работи можете да прочитате во " Дневник" или да гледате на програмите на Шител), а еве го извештајот и на Тричковски:

"Како кога Алексеј Дума би открил живо ткиво во телото што го обдуцира. Така се чувствував јас додека со студентите шетав низ масакрираниот град. Од барокната гаража на излезот од универзитетскиот круг преку кољачите и вооружените коњаници на вемерето, како симболи на убиените институции на правосудството, библиотекарствотото, писменоста и културата, надворешните работи и парламентаризмот, до градскоста на градскиот центар, недалеку од новата зградурина што би можела да биде елитен студентски дом да не е манијачноста на најголемата партија во власта, студентскиот марш ме водеше како скалпел низ таа мртвост до сознанието дека тие се тоа живо ткиво што пулсира и не дозволува да се склопи и потпише обдукцискиот наод за Македонија! И по некоја жена што од терасите на околните згради аплаудираше сопирајки ги солзите во своите очи.
Младите ме потсетија на Македонија за која мислев дека е однесена како стар буквар во големата поплава на времето! Благи, питоми, меки, воспитани, култувирани луѓе, за мојот вкус, веројатно и препристојни, некако зад нивото на минималната агресивност што ви ја бараат како билет за влез во најновиот клуб на декадентната цивилизација, нешто како магазинска балада во времето на ејсидиси, но поважно од тие естетики и забелешки, за мене беа спремноста на бунтовност со причини и игноранцијата на смртоносната малограѓанштина, опортунизам и колаборантство на општествената структура што можеме да ја означиме како "нивните родители!"
И осаменоста на власта! На луѓето на кои идејата и сета енергија не им произведуваат нова вредност во склад со нивните деструктивни позиции, туку будење на безвременските вредности на моралот и правдата, на слободата и толеранцијата, кои само бараат малку светлост за да фатат да маршираат до конечната победа!
Јас ги охрабрувам да продолжат и никогаш да не застануваат, секогаш имајќи ја предвид општата слика, зашто, нема студент кој може да се избори за своите права и позиции ако дозволи една злосторничка формација да му ги масакрира градот, државата и општеството!"

Мислам дека клучното значење на овие демонстрации лежи во промената на перцепцијата на општеството за себе и на надворешниот свет за нашето општество!

Во актуелизацијата на ставот на Синоличка Трпкова. Во ширењето на тој поглед. И тој процес ќе тече и ќе се развива и ќе доаѓа сè повеќе до израз, особено зашто злосторничкото здружение на власта е ко подистината рингла на која веќе не е можно да се зготви пристоен оброк!

Но, ние сме Македонија, а тоа значи дека шансите ги немаат загубено сите изгледи да бидат упропастени! Студентските маршеви се бистра вода што ја разретчува матната вмровскодуиска течност во чашата на Македонија, што, се разбира, не е лошо, но јас мислам дека спасот е во тоа чашата да се скрши, а не течноста да се бистри! Оти, како велат, бистрото го бистри матното, ама и самото се заматува! Радикализацијата е неизбежна, не можеме да го поправаме или очовечуваме системот на вмро, тој мора да се смени и теренот да се асанира со најтешки концентрации на културен вениш! Мислам дека развојот на ситуацијата нема да го однесе по ѓаволите само вемерето, таа смрдлива икона што им е подметната на Македонците, туку и многу други актери на самоубиствената транзиција на една нација, држава, општество, на системот кој од луѓето направи идиоти, а од нивната заедница фарма во стечај.

Ја препорачувам, во оваа смисла, колумната на Поповски во " Утрински весник" во која во морската, глупава, идиотска честитката на Иванов до Доналд Туск, авторот открива елементи што ја поткопуваат позицијата на земјата, сеедно дали се произведени "намерно или од наивност"!?

Попе, му пишав на мојот другар, чипираниот идиот е чипиран да произведува ваква ненормалност, тука нема намера или изворна глупавост или наивност во човечка смисла, нормално ненормален човек не може да произведе ваква ненормалност, неговата функција е да биде луд и од тебе и од мене да прави објекти за исмејување по светот, неговата функција е да ја докаже бесмислата на Македонија, тој е штрафче во заговорот против Македонија. Теоријата на заговорот е глупава само во ситуации кога заговор нема!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат