Дежуловиќ: Туѓман осумпати би свршил на Скопје 2014

18.12.2014 14:48
Дежуловиќ: Туѓман трипати би свршил на Скопје 2014

Работа на новинарите е да ја вознемируваат јавноста. Не ми е должност да ширам оптимизам, за тоа пари земаат владата и претседателот, вели познатиот хрватски новинар и колумнист Борис Дежуловиќ, кој вчера во скопското седиште на Делегацијата на ЕУ се сретна со колегите и со своите фанови од Македонија.

Повозрасните го паметат Дежуловиќ заедно со Виктор Иванчиќ и со Предраг Луциќ, како дел од новинарската екипа на легендарниот хрватски политички магазин „Ферал трибјун“, кој остана запаметен по посебно критичкиот настап, „острите“ насловни страници и по провокативните фотомонтажи.

Тој вели дека денес многу Хрвати, од кои некои се и во дијаспората, се исповедаат дека „Ферал“ буквално им го спасил животот на времето.

- Ми велат дека во тоа лудо време, кога беснееше хрватскиот национализам, тие што пред сè биле луѓе, а потоа Хрвати, мислеле дека во нив е проблемот, бидејќи поголемиот дел од населението било заслепенo. Читајќи го „Ферал“ сфатиле дека не се сами и тоа ги одржало во живот - раскажува колумнистот.

Дежуловиќ го смета национализмот за малограѓанштина и не сака да го дефинира него како личност, како што вели, сексуалниот живот на неговата мајка.

- Зошто да ме дефинира тоа со кого мајка ми водела љубов во февруари 1964 година? Се вљубила во Хрват, па ете и јас сум Хрват. Да се вљубела во Македонец и јас веројатно ќе живеев овде и ќе бев Македонец, меѓутоа сосема исто ќе мислев и за фудбалот, политиката и за воените злосторства.

Денес Дежуловиќ пишува за медиуми во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а на времето и српските весници му ги печателе колумните. За себе вели дека е последниот југословенски новинар и само Црна Гора и Македонија му останале неосвоен простор, меѓутоа на своите македонски фанови им ветил дека ќе напише колумна за Александар Македонски.

Сепак, добро било што не го напишал текстот пред да го види споменикот во Скопје.

- Го видов тој Дизниленд, Лас Вегас, антички тематски парк и ми беше незгодно шетајќи по кејот на Вардар да ги гледам спомениците на сите тие револуционери, свештеници, цареви и пејачи на едно место. Ми беше срам, бидејќи Македонија сè уште ја чувствувам како своја земја, ми беше незгодно. Тоа те навредува како интелигентно суштество, не можеш ни да му се смееш. Туѓман, кој беше една ретардирана, смешна но и опасна варијанта на диктаторите како Пиноче, тој осумпати ќе свршеше да можеше го види сегашното Скопје. Тоа е таа иста естетика. А да, ги видов и галиите и оние стебла во Вардар - вели Дежуловиќ, кој се уверил оти грандиозните барокни зданија се направени од стиропор и од гипс-картон.

Дежуловиќ не верувал оти скопскиот градоначалник Коце Трајановски во неговата прва предизборна кампања ветил дека ќе го рестартира часовникот на Старата железничка станица, кој е застанат токму во часот кога се случил скопскиот земјотрес во 1963 година.

- Мислев дека тоа е виц, навистина.

Борис иронизираше дека Хрватска е само во една работа пред Македонија, кога станува збор за наследството кое двете земји ќе ѝ го остават на историјата на уметноста - во Хрватска на времето направиле споменик од армиран бетон!

Тој вели дека има еден парадокс, убеден е дека Хрватите во војната биле поблиски меѓу себе, повеќе се сакале поради непосредна опасност кога биле на нишан.

- Меѓутоа, кога дојде мирот, го измешавме со слободата. Мирот и шопинг-центрите сами по себе не се слобода. Полесно беше да ги мобилизираш луѓето за слобода против војната или против Туѓман, тие беа конкретна опасност, сега е потешко бидејќи никој не пука на нас - вели Дежуловиќ.

За него ЕУ е благородна идеја и не треба да се распадне, меѓутоа треба да се промени, нешто што не ѝ успеа на Југославија.

- Јас да се прашувам, многу порано во ЕУ ќе го интегрирав цел Балкан - и Бугарија и Унгарија, Македонија и Србија. Сите! На Европа ѝ треба малку од балканското дивјаштво, таа е стара и крута дама, која во текот на овие 50 години го изгубила шармот. Ѝ треба живоста што ја имаат Балканците. Ние знаеме да се убиваме, ама знаеме и многу да се сакаме. Не е Европа само уредениот Грац или Стразбур, таа е и Скопје. Верувам дека не само што на Балканот му треба Европа, туку исто толку и на Европа ѝ треба Балканот.

На крајот од средбата со Дежуловиќ беше промовирана збирката од негови колумни, кои ја собрале и ја превеле неговите македонски фанови и ѝ го дале насловот „Во потрага по загубеното време“, а објавена е во издание на Табахон.

Насловот намерно е избран според романот на Марсел Пруст, бидејќи и неколку претходни книги на Дежуловиќ се насловени по големите класици. Книгата „Војна и мир“, насловена по делото на Толстој, се однесува на текстовите кои Дежуловиќ ги објавувал во словенечки „Дневник“ и кои се однесуваат најмногу на односите меѓу неговата Хрватска и Словенија, додека неговиот осврт на Србија го носи насловот на романот на Достоевски „Злосторство и казна“.

„Во потрага по загубеното време“ може да се набави во сите поголеми книжарници во Скопје.

Извор: НоваТВ, 18.12.2014.

ОкоБоли главаВицФото