Дали сопствениците на медиуми се одговорни за говор на омраза?

19.12.2014 10:11
Дали сопствениците на медиуми се одговорни за говор на омраза?

СЛУЧАЈ „СУРЕК ПРОТИВ ТУРЦИЈА“ (БР.1)

Сопственик на неделник во Турција бил осуден и парично казнет поради објавувањето на две писма на читатели во август 1992 година, за кои државата сметала дека претставуваат ширење сепаратистичка пропаганда, поттикнување непријателство и омраза, и оправдување терористички злодела (писмата, преведени на англиски, се содржани во пресудата).

Откако сопственикот поднел жалба, повикувајќи се на Европската конвенција за човекови права, Комисијата за човекови права утврдила дека јазикот користен во писмата може да се интерпретира како охрабрување на натамошно насилство. Притоа, одлуката на властите да го казнат сопственикот поради публикувањето на писмата (кои биле штетни за националната сигурност и за јавната безбедност) не била протолкувана како прекршување на неговото право на слобода на изразување.

Одбраната на казнетиот сопственик била дека гледиштата во писмата не биле негови, туку на читателите и дека самиот имал само комерцијална, а не и уредничка врска со неделникот. Но, Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права во својата пресуда не ги прифатил овие аргументи, сметајќи дека сопственикот имал моќ да ги обликува уредничките насоки на неделникот и дека подлежи на одговорност како уредниците и новинарите. Според судот, иако сопственикот „не ги застапувал лично ставовите во писмата, сепак, на оние што ги пишувале писмата им обезбедил простор за поттикнување насилство и омраза.“

Содржинската анализа на судот, која го зела предвид контекстот (судирот меѓу турската армија и ПКК), го утврдила следново:

„…на писмата мора да се гледа како на средство што може да поттикне понатамошно насилство во регионот, влевајќи длабока и неоснована омраза против оние коишто се претставени како одговорни за наводните ѕверства. Всушност, пораката до читателот е дека употребата на насилство е неопходна и оправдана мерка за самоодбрана од агресорот.“

Според судот, писмата повикувале на „крвава одмазда со поттикнување базични чувства и зацврстување на веќе постојните предрасуди што се имаат манифестирано во смртоносно насилство“.

Но, пресудата не била едногласна. Дури шест судии (наспроти единаесет) сметале дека има повреда на правото на слобода на изразување на сопственикот (кој не бил автор на писмата), а еден од нив во издвоеното мислење сметал дека сопственикот „бил санкциониран поради политичката порака на писмата, а не поради нивниот потпалувачки тон.“

„МЕДИУМСКИТЕ ПРОЦЕСИ“ ВО РУАНДА

Прашањата за одговорноста на лицата што ги основаат, поседуваат, контролираат и уредуваат медиумите, повторно беа покренати за време на контроверзното судење на двајца основачи на радио (РТЛМ) и еден сопственик и уредник на весник од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда.

При судењето, судиите поаѓаа од претпоставката дека уредниците и издавачите се одговорни за медиумите што ги контролираат. Обвинетите беа осудени не само поради говорот на омраза, кој директно поттикнува на вршење геноцид, туку и за прогонување, односно, за медиумски содржини кои застапувале етничка омраза или поттикнувале на насилство кон Тутсите.

За нас, особено интересни се согледбите на Апелацискиот совет за говорот на омраза:

„Апелациониот совет смета дека говорот на омраза насочен кон одредено население врз основа на етничката припадност или која било друга основа за дискриминација, го прекршува правото на почитување на достоинството на членовите на тоа население како човечки суштества, а со тоа претставува „вистинска дискриминација“.“

Покрај говорот на омраза, кој го повредува достоинството на членовите на нападнатата група, Апелацискиот совет разликува и говор кој поттикнува на насилство, кој го повредува правото на сигурност на членовите на нападнатата група. Сепак, Апелацискиот совет изрази незадоволство од првичната пресуда во поглед на последиците на говорот на омраза по другите човекови права:

„…Апелациониот совет не е убеден дека говорот на омразата може да доведе до прекршувања на правата на живот, слобода и физички интегритет на човекот. Затоа, други лица треба да интервенираат пред да се случат такви прекршувања; еден говор не може, сам по себе, директно да убива членови на одредена група, да ги затвора или да ги повредува физички.“

Но, и покрај тоа што најде дека самиот говор директно не убива, затвора или физички повредува, Трибуналот констатираше дека говорите што биле емитувани од радио РТЛМ (од страна на новинари кои му биле подредени на обвинетиот), биле со тежина еквивалентна на другите злосторства против човештвото. Според Трибуналот, „таквите говори претставувале грубо кршење на правото на човечко достоинство на Тутсите, како и сериозно загрозување на нивната физичка и психичка безбедност“.

Поради тоа, Апелацискиот совет го потврди обвинението против Фердинанд Нахимана (основач и главен уредник во РТЛМ), „бидејќи не презел неопходни и разумни мерки за спречување или казнување на чиновите на прогон и на поттикнување прогон, извршени од персоналот на РТЛМ по 6 април 1994 година“ (кога почнува геноцидот во Руанда).

Иако обвинетиот Нахимана се бранел дека по 6 април 1994 радиото не било под негова контрола, туку под контрола на армијата, дека самиот не бил во Руанда, туку бегалец во Бурунди, судот утврдил дека тој имал „материјален капацитет да спречи или да казни емитувања на РТЛМ со криминален дискурс, дури и по 6 април 1994 година“.

НАРАВОУЧЕНИЕ: СОПСТВЕНИЦИТЕ СЕ ОДГОВОРНИ ЗА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Какви поуки можеме да извлечеме од погоре наведените случаи?

Како прво, сопствениците на медиумите можат да се сметаат за одговорни за говор на омраза дури и ако говорот кој поттикнува на омраза или насилство е во рубриката „писма од читатели“. Според една неодамнешна, исто така, контроверзна одлука на ЕСЧП, новинарските портали се одговорни и за преземање мерки за превенирање на објавување на незаконити коментари (вклучително и негативни коментари „кои можат да ги надминат границите на прифатливата критика и да го достигнат нивото на беспричинска навреда или говор на омраза“).

Како второ, оние што ги контролираат медиумите треба да се свесни дека говорот на омраза го повредува достоинството на членовите на нападнатата група, a ако поттикнува на насилство, го повредува и правото на сигурност на членовите на нападнатата група. Токму затоа, се одговорни да ги преземат сите мерки за да спречат говор на омраза во своите медиуми и да ги казнат оние уредници и новинари кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза, врз која и да е дискриминаторска основа.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Paul Yore