Разминување

19.12.2014 15:14
Разминување

Таа студена декемвриска вечер 1945 година под бледата светилка на аголот од Теразие и Балканска улица во Белград се покажа фигурата на еден млад слабичок човек, тргнат за на станица. Тој не беше облечен и обуен како за ваков студ: износен штофен мантил и плитки чевли. Веќе чувствуваше студени иглички негде-годе по снагата.

Во десната рака тој го носеше своето патно куферче, а во левата, под мишка, еден пакет со книги. Беше дојден денеска по службена работа, и овие книги му ги дадоа како корисни и потребни да ги носи во Скопје. Добар дел од пакетот зафаќаше еден неподврзан егземплар на Хегеловата „Логика“.

Тој се упати надолу по Балканска, газејќи претпазливо по замрзнатиот тротоар. По малку сети леки чекори што го пристигнуваат. Од полумракот се покажа сосем млада девојка, веројатно гимназијалка, облечена, и таа како него, недоволно и скромно.

-Добровечер. Вие сигурно одите на станица?
-Да.
-Дајте да ви помогнам.
-Не, не - рече тој. - Зошто да се мачите? Можам сам.
-Дозволете, ве молам, мене ми е исто така по пат.

Тој ѝ го подаде пакетот и веќе зачекорија наспоредно. Му беше пријатно нејзиното присуство од десната страна. Меѓутоа, разговорот остана сосем скржав.

-Кај седите?
-На Сењак.
-О, има уште многу да одите по овој студ.
-Ништо, јас сум свикната.

Излегоа веќе на плоштадот пред станицата. Тој помисли дека би било добро да ја задржи малку, да ја праша за најобични работи, да ја праша за нејзиното име. Можеби не е лошо да ги разменат адресите, можеби ќе почнат да се допишуваат. Но нагло се откажа од таа помисла, ѝ подаде рака, ѝ заблагодари, и секој отиде на своја страна.

Минеа години и носеа горчлив опит. Тој човек веќе одамна не е млад. Косата му е побелена. И чудно, таа мала случка сега сè почесто му се јавува во споменот, иако од неа поминало толку време. Загубена е острината на цртите, заборавени зборовите и гласот, но затоа е сè поинтензивно кај него чувството дека од десната страна му оди, и како да го допира, едно друго суштество.

Има љубов во животот, - си вели тој. Има согласност од која животот станува прост и без компликации, а полн со содржина. Има таква љубов што сака да ни помогне и, кога треба, да земе спремно на себе дел од нашата тежина. Таа прави да е младоста убава и полетна, а староста да иде како спокојно зреење. Има таква љубов, кој вели дека ја нема! Човек само треба да ја најде и да ја задржи, ако ја нашол. А што стори тој? Тој ја препозна кога веќе беше доцна. Тој ја одмина, тој ја превиде, тој ја загуби неповратно во онаа далечна декемвриска вечер. Опоро каење како со студени иглички ја пронижува сета негова душа поради свеста дека тој самиот ја изневерил сушноста на својот живот.

Веројатно е тоа обична негова самоизмама.

Извор: Дневник по многу години, Македонска книга, Скопје, 1988.
Слика: Ване Костуранов

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото