Игор Исаковски - човек на новиот век или скитник низ сокаци

19.12.2014 14:23
Игор Исаковски - човек на новиот век или скитник низ сокаци

Секогаш е погрешно појавите во една земја едноставно да се објаснуваат со карактерот на нејзините жители. Бидејќи жителот на некоја земја има најмалку девет карактери; професионален, национален, државен, класен, географски, родов, свесен, несвесен, приватен... И човек ги спојува во себе сите тие карактери, но тие него го расточуваат, и тој всушност не е ништо друго туку малечка лагуна што ја мијат многубројниве течности, во којашто тие се влеваат и одново излеваат, за со други поточиња да пополнат некоја друга лагуна. Поради тоа секој жител на Земјата го има и десеттиот карактер, а овој не е ништо друго туку пасивна фантазија за неисполнети простори; тој карактер му дозволува на човека сè, само едно не: сериозно да ги земе предвид другите девет карактери; значи, со други зборови, не може да го земе предвид токму она што би требало да го исполни.
Роберт Музил, Човек без особини

Во рамките на македонската култура Игор Исаковски беше човек на новиот век. За средина која во културна смисла баш и не излезена од 19 век тоа не е мала работа (заправо, голема работа е; особено ако не си баждарен за таа куса постела, голема работа е овде воопшто да преживееш).

Игор Исаковски е човек на 21 век, овде, пред сè зашто општеството нема координатен систем за таквите „нови“ луѓе. А нема ни „сместувачки капацитети“ за поинаквите, за оние кои доаѓаат од други зони или за оние кои создаваат други зони, набори, пукнатини, во рамките на постојната стварност. Што беше Игор? Поет? Писател? Преведувач? Уредник? Директор? Културен работник? Боем? Човек без особини?! Човек со многу меѓусебно судирачки особини?!

Погледнете го само квантитативниот аспект на дел од неговата работа, книгите (иако тоа не е ферски - оти беше перфекционист; до квалитетот се држеше како до свето послание; иако светии немаше); значи, за дваесетината години творештво Игор напиша и објави петнаесетина сопствени книги (поезија, проза, есеистика), преведе педесетина книги од нему блиски автори и како уредник издаде повеќе од двесте книги. Патем, уреди и 98 броеви од електронското списание Блесок. Да е само тоа - импозантно е, за цел еден живот! Но, тој ишмука само пола живот! Со енергија за три животи! (Теоријата на хаосот - еминентно знаење од 20 век, овде нестасано - нè учеше да ги разбереме таквите несфатливости кога од судирот меѓу две честици, на пример, настанува многу поголема енергија отколку што тие две честици поседувале засебно, сами за себе.)

Зборот ми е, ниту квантитетот, чудесно збиената библиографија, не го лови Игор, не ја означува неговата позиција во нашава орбита (од која некни излета, како вжарена комета). Тоа беше, ми се чини, можеби најголемата памет на 20 век: неможноста истовремено да ги одредиме местоположбата и брзината на една честица. Како човек на 21 век, велам, Игор со целиот свој живот како да нè потсетуваше на темелниот принцип на неодреденоста, на линиите на бекство, на неситуираноста, на изгубеноста...

Всушност, можеби е попрецизно да се каже дека Игор Исаковски беше модерен човек од 20 век затекнат во локално опкружување од 19 век?! Во овој контекст не можам да не го спомнам Музиловиот роман „Човек без особини“, едно од најголемите уметнички дела на 20 век. Одново го читав деновиве, обидувајќи се, меѓу другото, да го разберам Игор (да се разберам себе, овде)...

Нашата атмосфера денес мошне наликува на атмосферата на Музиловата „Каканија“. „Сè се кине; времето во моменти, државата во групи, карактерот во особини... (...) Насекаде чувство на немоќ: државата пред историјата, личноста пред општеството, човекот пред животот... (...) Од една поединечност навлегуваме во стотици други, фокусот се разлева низ прстите како песок, како прашина на одамна скршените нешта, како песок од напукнат песочен часовник... Единството се расточило, средиштето потонало како да не може да ја издржи сопствената тежина...“

Во таква армосфера на сеопшто кинење Игор беше тапан пресвлечен со некое чудно и мрачно парче кожа. „Беше господар во сите соби како елен во шума. Од главата му навираше крв како рогови со 18 остри ками. Врвовите на тие рогови ги загребуваа ѕидовите и плафонот.“

Го исцртувам колажот на Игор комбинирајќи црти од различни ликови на Музил: „Во него постоеше нешто недовршено. Некоја умност без чувства, даровитост без цел, духовност што ги изгубила моралните темели.“ „Токму таа мешавина на слободата и на внатрешната крутост, впрочем, можеби и го сочинуваше неговиот шарм, но тој беше опасен човек, со својата инфантилна морална егзотика и со својот образован разбор, кој секогаш бараше некаква авантура, не знаејќи што всушност го тера на тоа.“

Можеби Игор беше премлад да ги сфати опасните вртлози на локалните вирови. Или просто немаше време, заакан, целиот во пламен, ко ракета. Или мислеше дека совршено ги познава паланечките заебанции, вилаетските ујдурми, пресудните маалски односи на моќ. Можеби мислеше дека контролира сè. А не контролираше ништо. Беше изгубен. Но, за возврат (таква е цената на големите изгубености, на големите провали и експлозии), остави чудесни траги зад себе. Можеби поголеми од него самиот, поголеми од неговата ионака неспоредлива енергија.

За да не завршам во патетики (секој од нас, што го познававме, и лично ќе треба да се справува со тоа чувство на немање воздух, како некаква вшмуканост, после експлозија), ќе завршам со една убава слика на Музил:

Патот на историјата не е патеката на билијарската кугла, туку личи на патот на облаците, личи на патот на човек кој лута низ сокаци и вниманието му го одвлекуваат ваму некоја сенка, таму некоја група луѓе или некое необично пресекување на фасадите на куќите, и најпосле тој стига до некое место кое ниту го познавал ниту сакал да стигне таму.

За текот на светската историја карактеристично е одредено заталкување. Сегашноста секогаш е како последната куќа на некој град, куќа која на некој начин веќе сосем и не им припаѓа на градските куќи.“ 

Гробот на Игор, на Бутел, баш е залепен до последните градски куќи! Ги дели само импровизирана ограда...

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото