Хонорарци

22.12.2014 10:28
Хонорарци

Иако влегува во таканаречените помали богови, според римскиот бог на честа, витештвото и воената правда, Хонос, денес се именуваат и препознаваат низа појави, луѓе, предмети... Од него произлегува англискиот збор „honor“ (чест, углед, почит...), но и овдешниот „хонорарец“.

По дефиниција хонорарец е човек што прима хонорар, а хонорар е награда, паричен надомест по извршена работа. Хонорарот во суштина е почесен надомест, награда што се дава од почест и од почит кон вонредно искажаниот или дополнителниот труд од она што се очекува. Тоа значи дека, барем во своите почетоци, хонорарот не е цена на трудот, туку награда за квалитетот и дополнително вложениот напор. И затоа, на пример, хонорарен доктор не е доктор што работи на хонорар, туку почесен доктор.

За волја на вистината, подмолната неолиберална тактика го „хонораризираше“ општеството, па хонорарот сè повеќе, а денес и речиси дефинитивно, станува цена на трудот, плата, а сè помалку чест. Она што го разликува хонорарот од платата е тоа што тој се уредува според договорни односи, или што би рекле правниците според Законот за облигациони односи, а не според законот за работни односи. Основната разлика е во тоа што Законот за работни односи е создаден да ги штити правата на работниците (гарантирано работно време, прекувремена работа, годишни одмори итн.), а Законот за облигациони односи го штити договорот и неговото исполнување. Со други зборови, договорот ги гарантира само оние права што се запишани во него, односно само правото на надомест и, се разбира, обврските на извршителот. Токму затоа во Законот за работни односи не се препознава категоријата „хонорарец“ како некој што има права и обврски што произлегуваат од работен однос.

Во таа смисла, воведувањето придонеси за пензиско и здравствено осигурување може навидум да делува како плаќање надомест за остварување на некои права, само ако тоа навистина беа права. Кажано е многу пати, но не е на одмет да се повтори: овие мерки не само што нема да ги средат односите меѓу хонорарците и газдите (работодавачите) туку дополнително ќе ги усложнат, се разбира, на штета на понемоќната страна во договарањето. Целите на Владата се јасни: полнење на празните фондови и драстично намалување на списокот на невработени. Од друга страна, хонорарецот ги губи правата на невработен (иако реално не е вработен); неговиот приход е по дефиниција непостојан, што значи дека само периодично ќе биде здравствено осигуран, а за некаква пеензија тешко може да стане збор. Како своевиден додаток треба да се наведе дека придонесите ќе ги плаќа авансно по договор, што значи дека парите ќе ги повлече тогаш кога и ако му се исплати хонорарот. Ако не му се исплати, што би се рекло, надлежен е Општински суд 2. А ако тој не ги плати придонесите, нормално, надлежен е извршител. По итна постапка.

Овие законски решенија, едноставно, ќе ги стимулираат газдите повеќе да не примаат вработени во работен однос и да ги префрлат во хонорарци и досега редовно вработените.

Според онаа стара мудрост дека некого можеш да лажеш цело време, дека сите можеш да ги лажеш извесно време, а дека сите не можеш да ги лажеш цело време, хонорарците ги препознаа опасностите од овој закон и решија да се договорат со Владата околу некои пооптимални решенија. Владата реши да не се договара.

Хонорарците немаа друг излез, туку гласно да ѝ кажат што мислат. Овие некогаш почесни граѓани, одамна се претворија во граѓани од втор ред, а сега веќе се и понижени и навредени и целосно осиромашени. Едноставно, одземено им е едно од основните човекови права – да располагаат со својот труд.

Слики: Jason Hughes

ОкоБоли главаВицФото