Genius

22.12.2014 12:21
Genius

Genius Латините го нарекувале богот кому секој човек, од моментот на раѓање, се доделува на грижа. Етимологијата на зборот е јасна и во нашиот јазик сеуште видлива во блискоста меѓу генијот (genio) и раѓањето (generare). Дека Genius има врска со раѓањето јасно е, впрочем, од фактот дека креветот за Латините бил „генијален“ предмет par excellence: genialis lectus, бидејќи во него се случувал чинот на раѓање. Светиот ден за Genius бил денот на раѓањето, кого поради тоа сеуште го нарекуваме роденден (genetliaco). Подароците и гозбите со кои ги славиме родендените, наспроти непријатната и сега веќе неизбежна англосаксонска песничка, се сеќавања на прославите и жртвите што римските семејства му ги нуделе на Genius-от при роденденот на своите членови. Хорациј спомнува чисто вино, двомесечно прасе, „жртвено“ јагне, односно јагне премачкано со жртвен прелив; но се чини дека изворно имало само темјан, вино и одлични погачи (focaccia) со мед, бидејќи на Genius-от, богот кој присуствува на раѓањето, крвавите жртвувања не му биле по кејф.

„Се вика мој Genius, бидејќи ме создал (Genius meus nominatur, qui me genuit)”. Но тоа не е доволно. Genius не бил само персонификација на сексуалната енергија. Секој маж, се разбира, имал свој Genius, а секоја жена своја Јунона, обајцата олицетворение на плодноста која создава и продолжува живот. Но, како што е јасно од терминот ingenium кој го одредува збирот на вродените физички и морални својства на новодојдениот во бивствување, Genius, на некој начин, бил дивинизација на личноста, принцип кој го одржува и изразува целокупното нејзино постоење. Поради тоа на Genius-от му било посветено челото, а не срамната област; гестот на приближување рака кон чело, речиси несвесен, во моментите на деконцентрираност, кога ни се чини дека речиси сме заборавени од самите себе, потсетува на ритуалниот гест на култот на Genius (unde venerantes deum tangimus frontem). И со оглед дека овој бог, на одреден начин, е најприсен и најличен, нужно е да биде смируван и да се има неговата наклонетост во секој вид и момент на животот.

Постои еден латински израз кој одлично го изразува тајниот однос којшто секој мора да знае да го одржува со сопствениот Genius: indulgere Genio. На Genius-от треба да му се угоди, треба да му се препушти, на Genius-от треба да му се дозволи сè што бара од нас, бидејќи неговата потреба е нашата потреба, неговата среќа е наша среќа. Иако неговите ‒ нашите! ‒ претензии можат да изгледаат неразумни и хировити, подобро е да ги прифатиме без расправа. Ако за пишување ‒ ха! ‒ ви е потребна жолтеникавана хартија, посебноно пенкало, ако е потребна баш онаа придушена светлина одлево, залудно е да се каже дека секое пенкало завршува работа, и дека секоја хартија и светлина се добри. Ако без онаа небеско сина ленена кошула (добога, не бела со крагна на службеник!) не е вредно да се живее, ако без долгине цигари со црна хартија не можете потаму, не вреди да се повторува дека се тоа само мании и дека е крајно време да се вразумите. Genium suum defraudare, да се измами сопствениот гениј, на латински значи: да се направи тажен сопствениот живот, да се измамиш самиот себе. А genialis, генијален е животот кој го одвраќа погледот од смртта и без колебање одговара на поттикот на генијот што го создал.

Но овој личен и најприсен бог е уште и она што во нас е најнелично, олицетворение на она што нè надминува и превозмогнува, во нас. „Genius е нашиот живот, дотолку што не сме го создале ние, туку тој нè изродил.“ Ако тој наизглед се поистоветува со нас, веднаш потоа се открива и како нешто повеќе од нас самите, како би ни покажал дека ние самите сме повеќе и помалку од нас самите. Да се разбере концепцијата на човекот содржана во Genius значи да се разбере дека човек не е само Јас и индивидуална свест, туку од раѓање до смрт тој е соживеан со еден неличен и предпоединечен елемент. Човекот е, значи, единствено битие во две фази кои произлегуваат од сложената дијалектика помеѓу делот кој (сеуште) не е впоединечен и проживеан, и еден дел кој е веќе обележан со судбината и индивидуалното искуство. Но овој неличен и невпоединечен дел не е хронолошкото минато кое засекогаш сме го оставиле зад себе и кое можеме, евентуално, да го привикаме со сеќавање; тој е сеуште нераздвојно присутен, во добро и зло, во нас, со нас и од нас. Младешкиот лик на Genius-от, неговите долги, треперливи крилја упатуваат на тоа дека тој не го познава времето, дека толку блиско го чувствуваме во нас кога ќе се стаписа како кога сме биле деца, дише и пулсира во вжарените слепоочници налик на прадамнешна сегашност.

Поради тоа роденденот не може да биде комеморација на некој изминат ден, туку, како секое вистинско славје, укинување на времето, епифанија и присуство на Genius-от. Ова непристапно присуство нè спречува да се затвориме во супстанцијалниот идентитет ‒ Genius е она што ја сузбива претензијата за самодоволноста на Јас.

Кажано е дека духовноста е, пред сè, свест за фактот дека впоединеченото битие не е сосема впоединечено, туку сеуште содржи одреден набој на не-впоединечената стварност, која треба не само да се сочува туку и да се почитува и на некој начин да се подмири, онака како што се подмируваат сопствените долгови. Но Genius не е само духовност, не се однесува само на нештата кои навикнавме да ги сметаме за најблагородни и највозвишени. Сè нелично во нас е генијално, генијална е, пред сè, силата која ја тера крвта во нашите жили или нè потопува в сон, непознатата моќ која во нашето тело благо ја регулира и распределува топлината, ги опушта и стега влакната на нашите мускули. Genius е она што нејасно го претставуваме во интимноста на нашиот физиолошки живот, таму каде што она најсопственото станува најтуѓо и најнелично, а најблиското ‒ најдалечно и најнесовладливо. Кога не би се препуштале на Genius-от, кога би биле само Јас и свеста, не би можеле дури ни да мочаме. Да се живее со Genius-от значи, во оваа смисла, да се живее во присноста на едно туѓо битие, непрестајно да се биде во врска со подрачјето на не-познавањето. Но ова подрачје на не-познавањето не е потиснување, не го трга и не го преместува искуството од свесно во несвесно, каде што тоа се таложи во вознемирувачкото минато спремно одново да избие во симптоми и неврози. Присноста со подрачјето на не-познавањето е секојдневна мистична пракса, во која Јас, во некаков вид посебен, весел езотеризам, со насмевка присуствува на сопственото расчинување, и било да се работи за варење храна или духовно просветление, со неверица сведочи за сопственото непрестајно изостанување. Genius е нашиот живот, дотолку што не ни припаѓа.

Мораме, затоа, да го посматраме субјектот како поле на напнатост чиишто антитетички полови се Genius и Јас. Полето е поприште на две поврзани но спротивни сили, од кои едната оди од индивидуалното кон имперсоналното, а другата од имперсоналното кон индивидуалното. Овие сили се соживеани, се преплетуваат, раздвојуваат, но не можат една од друга сосема да се ослободат, ниту совршено да се поистоветат. Кој е тогаш најдобриот начин за Јас да сведочи за Genius? Да претпоставиме дека Јас сака да пишува, и тоа не ова или она дело, туку само да пишува и ништо повеќе. Оваа желба значи: Јас чувствувам дека некаде постои Genius, дека во мене постои имперсонална моќ која ме поттикнува на пишување. Но последна работа која му треба на Genius-от е некое дело, нему кој никогаш не дофатил перо (а уште помалку компјутер). Пишуваме за да станеме имперсонални, за да станеме генијални и, наспроти сè, пишувајќи, се одредуваме како автори на ова или она дело, се оддалечуваме од Genius-от кој никогаш не може да има форма на Јас, а уште помалку на автор. Секој обид на Јас, како личен елемент, да го присвои Genius-от, да го принуди на потпишување во негово име, нужно е осуден на пропаст. Оттаму се прикладноста и успехот на ироничните потфати на авангардите, во кои присуството на Genius-от е потврдено со декреацијата, со уништување на делото. Но кога само едно отповикано и уништено дело би можело да биде достојно за Genius-от, ако навистина генијалниот уметник е без дело, Јас-Дишан (Io-Duchamp) никогаш не би можело да се поклопи со Genius-от, и во општ восхит да оди наоколу по светот како меланхоличен доказ за сопственото непостоење, славен по својата неделотворност.

Поради таа причина средбата со Genius е ужасна. Ако е поетичен животот кој се одржува во набојот меѓу личното и неличното, меѓу Јас и Genius, паника е чувството дека Genius-от во сè ќе нè надмине и превозмогне, дека ќе ни се случи нешто несогледливо поголемо од она што ни се чини дека сме способни да го поднесеме. Поради тоа повеќето луѓе бегаат ужаснати пред сопственото нелично дело или лицемерно настојуваат да го сведат на сопствениот малецок раст. Може да се случи, значи, протераното нелично одново да се појави во форма на уште понелични симптоми и тикови, уште попретерани гримаси. Но уште посмешен и побудалест е оној кој средбата со Genius ја живее како повластица, умислен Поет што зазема поза или, уште полошо, благодари, со лажна понизност, за примената милост. Пред Genius нема големи луѓе, сите се подеднакво мали. Но некои се доволно несвесни за да се препуштат тој да ги проникне и да ги стресе до степен на кршење во парампарче. Други, посериозни но помалку среќни, одбиваат да го онеличат неличното, да ги понудат своите усни на гласот што не им припаѓа.

Постои етика на однос со Genius, која го одредува рангот на секое битие. Најнискиот ранг им припаѓа на оние ‒ понекогаш се тоа мошне славни автори ‒ кои сметаат на својот гениј како на личен волшебник („сè толку лесно ми оди од рака!“, „ако ти, генију мој, не ме напуштиш...“). Колку е попристоен и потрезвен гестот на оној поет кој не се служи со овој одвратен соучесник, бидејќи знае дека „Божјото отсуство помага“!

Децата исклучително уживаат во криење. И тоа не за да на крајот бидат откриени. Во самата скриеност, во завлекувањето во корпата за алишта или на дното од ормарот, во стутканоста во ќош од поткровјето речиси до исчезнување, има неспоредлива радост, посебен восхит од кој не би се откажале за никаква цена. Од овој детски восхит потекнуваат како насладата со која Валсер (Walser) ги гарантира условите на својата нечитливост (микрограми) така и Бенјаминовата (Benjamin) тврдоглава желба да не биде признат. Тие се чувари на онаа осаменичка слава којашто на детето еден ден му ја откри неговото дувло. Бидејќи во не-признавањето поетот го слави својот успех, баш како растреперено дете кое го открива genius loci на своето засолниште.

Симондон смета дека преку емоцијата воспоставуваме однос со прединдивидуалното. Возбудата значи да се почувствува неличното кое е во нас, да се има искуството на Genius, како тескобност, радост, сигурност или стрепење.

На прагот на подрачјето на не-познавање, Јас треба да ги изгуби своите својства, треба да биде трогнато. Страста е затегнато јаже меѓу нас и Genius-от, по кое акробатскиот живот чекори. Уште пред светот надвор од нас, она што нè зачудува и изненадува е присуството во нас на ова засекогаш незрело дело, бескрајно младешко, кое се двоуми на прагот на секоја индивидуација. Ова недофатливо момченце, палавиот puer, нè бутка кон другите во кои го бараме во нас несфатеното чувство, со надеж дека во огледалото на другиот по некое чудо тоа ќе се разјасни и разбистри. Ако посматрањето на уживањето, на страста на другиот, е врвно чувство, прва политика, тоа е така зашто во другиот трагаме по оној однос со Genius-от со кој не сме успевале да излеземе на крај, со нашата тајна наслада и со нашата охола агонија.

(...)

Слики: Alessandro Gottardo
Giorgio Agamben, Profanazioni. Nottetempo, Roma 2005.