Новогодишно контра-интервју со Јелена Лужина

31.12.2014 14:27
Новогодишно контра-интервју со Јелена Лужина

Последниот месец од годинава мина во знакот на протестите на македонските студенти, на кои им се придружија и поголем број нивни професори. Но, во текот на вчерашниот ден се огласи и професорскиот контра-пленум кој ги поддржа владините мерки во високото образование. Меѓу потписниците на писмото за поддршка на владините реформи е и професорката Јелена Лужина, а токму нејзината поддршка беше и повод за овој новогодишен разговор.

За почеток, да почнеме опуштено: Каде за најлудата ноќ?

Со колегите од контра-пленумот, ќе го чекаме Годо пред обновениот Македонски народен театар. Дакле, ќе биде весело, за најлудата ноќ ќе се правиме луди.

Ајде сега сериозен муабет. Како ги оценувате 254-те реформи на образованието направени за само неколку години?

Добри се, но, да се изразам така, не ја личи тортата со шлаг, а без јаготка. Воведувањето државен испит и мешањето во универзитетската автономија е токму таа јаготка, евентуално цреша. Кој не верува - нека го полага испитот и ќе се увери.

За деканите на факултетите кои ќе издадат диплома без положен државен испит, предвидени се високи парични казни, па и затворска казна од една до три години. Зошто и ова не беше причина да се солидаризирате со останатите професори кои протестираат против новите законски измени?

Голем дел од професорите што се бунат не ги доживувам како колеги. Како прво, дел од нив се предавници, дел се СОРОС, дел опозиција, а скоро никој од нив не мезел од ордеверите со министерката за култура на промоциите на 400.000 томови преведена и македонска книжевност. Што да правам, не сум јас виновна што не се на мое ниво. А тоа дека не сум солидарна - не е точно. Прва се понудив, кога ќе лежат робија, да им однесам кило портокали, цигари, весник и некој наслов од томовите владини книги. Знаете, со читање побрзо минува времето...

Кога човек го чита писмото на контра-пленумот, веднаш му паѓа во очи обилната и цврста аргументација, како и префинетиот стил. Кој го склепа тоа слово?

Народниот гениј. Писмото нема автор, неговото создавање е колективно, но на стилско ниво јасно се препознава влијанието на Харолд Пинтер и Илија Димовски. Знаете, овој документ се граничи со белетристика. Ако се покаже дека има хитовски потенцијал, може да се напишат и други вакви дела.

Извинете што можеби чепкаме малку во вашата интима, но кој дел од писмото најмногу ви се допаѓа? Која точка ви е омилена?

Тоа е како да прашате родител кое дете го сака повеќе. Омилена ми е првата точка. Она со „Знаењето е основната движечка сила во секоја професија“. Го доживувам како префинета и раскошна варијација на премудрата мисла „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. И како после човек да не се потпише под писмото?

Има ли драмски елементи во случувањата околу студентско-професорските протести?

Има, како нема! Со лопата да ги ринеш! Има дејство, заплет, пресврт, препознавање, расплет, перипетии... Кога сево ова ќе заврши, а професорите и студентите конечно ќе ги препознаат благодатите на новите образовни реформи (тие што нема да бидат отпуштени и затворени), Љубиша Георгиевски може да напише патриотска драма. Јас ќе му бидам рецензент. Ќе се бара карта повеќе.

Имате ли објавено некаков труд во списание со импакт фактор?

Ви се молам, јас, како таква, сум импакт-фактор. Per se.

За крај, повторно едно опуштено новогодишно прашање: ги цедите ли краставичките кога правите руска салата?

За тоа прашање уште немам став. Ако човек има став за образовните реформи, не мора да има и за руската салата. Но, ќе ви откријам, салатата е скоро готова, а краставичките ќе ги додадам на крај. За цедењето на краставичките ќе го консултирам претседателот Иванов. Тој најдобро се разбира во тие работи.

Професорке, нека ви е среќна новата 2015-та!

Благодарам. Нека ви е среќна и на вас! VIVAT ACADEMIA! VIVANT PROFESSORES!

Слика: Свирачиња