Да прснеме од смеење?

09.02.2010 12:33
da-prsneme-od-smeenje-u.jpg

Хам: Сето тоа навистина е шеговито. Дали сакаш онака човечки да прснеме во смеење?

Клов (откако ќе размисли): Денес веќе не би можел да прснам во смеење.

Хам (откако ќе размисли): Ни јас.

Семјуел Бекет, Крај на играта

Секоја власт се одлепува од реалноста, порано или подоцна. За жал или, дури, понекогаш, и за среќа (оти одлепувањето од некои реалности во историјата често претставувало освојување нови). Причината зашто моќниците одлепуваат од реалноста лежи токму во моќта. Одозгора сè изгледа поинаку. Ситно. Како мапа врз која војсководци забодуваат шареноглави шајчиња. Зад секое главче - дивизија. Размер: 1:10.000.

И покрај сè, и покрај целото акумулирано историско знаење за политичките одлепувања од земја (кои најчесто реперкуираат со политички треснувања од земја), сегашново гравитациско отшрафување на Никола Груевски заслужува посебна анализа. Човекот живее во макети, во слики, во пропагандни флоскули. Човекот живее во свет со размер 1:10.000, токму налик на бајковит војсководец што забодува шарени шајчиња. На мапата - сè е реално! Рекламите се повистинити од стварноста! Зашто, во крајна линија, никаква стварност и не постои. Стварноста ја дефинира оној што ја има силата. Ако не се согласуваш, или ако не се вклопуваш во халуцинацијата на водачот - твој проблем.

На обичните човечки нивоа, имам полно разбирање и за Никола Груевски и за ВМРО и за илјадниците заведени несреќници кои мислат дека фантазмагориите на водачите имаат врска со реалноста на Македонија. Имам разбирање зашто скришно верувам во длабоките релативизации врз кои Борхес, на пример, го изгради целиот свој прекрасен опус: сеедно е дали нештото си го замислил или остварил, во очите на бога и на космосот, отприлика резонира Борхес (во чиишто светови се соочуваме со парадоксални мапи во размер 1:1, при што „реалноста“ наликува на холограмските соби од „Ѕвездените патеки“). Гледајќи го како обичен човек со мечти и сништа, значи, имам емпатија спрема мегаломанството на Груевски.

Сочувствувајќи со него, зарем да ситничарам околу такви дребулии, дали макетата ја има тежината на вистинските згради во вистинскиот град?! Дали бродот во шише (а во шишето писменце со добри намери) е ист како носачот на авиони или мразокршачот?! Та, ист е! Дури е и повеличествен, оти е лирска фантазија, нестварен, флуиден, наспроти вулгарноста на купиштата бетон и челик...

Ама Груевски не е пијан фантазер од пред гранап туку прв човек на хипер-реалната земја Македонија! Секому се простуваат чајџилничките халуцинации (самиот пораснав со тие чадови и лудила), освен на оној единствениот прв човек на поредокот, којшто колку-толку треба да внимава на тоа дали бродот влегол во црна дупка или во реална димензија! А нашиов кормилар е последната адреса на која треба да го бараме одговорот каде всушност се наоѓаме! Во црна дупка? Во холограм? Во реклама која ја прави агенција со чудно измамничко име „Република“?! (Да не е агенцијата всушност „републиката“ во која живееме?!; а оваа мизерна стварност во која немаме пари, немаме работа, здравство, образование, патишта, мир, сигурност и среќа, можеби е некој лош филм на некои злотвори надвор од агенцијата „Република“, кои се обидуваат да внесат смут во нареденото Труман-шоу?! Можеби пак е финтата до името, можеби дури и една буква решава, можеби агенцијата е „Република Македонија“, а нашиов кошмар можеби се вика Република Макетонија?!)

На некои рамништа, велам, жал ми е за Груевски, зашто тој автентично ја олицетворува болката на многу Македонци: комплексот на пониска вредност и задоцнетото национално осознавање. Колку Груевски е попомпезен, толку ѕирка компир-палецот од скинатата чорапа под опинокот! Колку пограндомански - толку културно поинфериорен! Низ неговиот концепт како треба да изгледа центарот на главниот град пробива само тоа: историската инфериорност и карикатурално задоцнетата национална самосвест... Никој подобро од Груевски и од изгубеното ВМРО толку пластично не ја олицетворува бедата на македонската нација во 21 век... Она што западните нации го градеа во Атина во 19 век, за да си ја доловат сопствената фантазија за потеклото, нам денес ни го приредува предводникот...

Исто како што Грците мораа да влезат во калапот на „антички народ“ (повторувам, заради културолошките фантазии на „супериорните европски ариевски раси“ кои во 19 век трагаа по сопствениот мит за потеклото), истото тоа нам (вистина, двесте години подоцна, а во истата Европа!) се обидува да ни го продаде еден кутар партиски водач кој предводи уште покутра партија која, па, предводи уште појаден (културно и воспитно и здравствено и на сите други начини запуштен) народ...

Се разбира дека малцинството кое денес се срами од Груевски како национален водач ќе биде мнозинство многу брзо, веќе за некоја година... Тоа се, просто, историските законитости. Сите тие тирани и автократи паѓале многу побрзо отколку што се издигнувале... Но, срамот од сегашниот пад ќе ни остане засекогаш, не само до крајот на нашите мали животи, туку ќе остане срам и во малку подолгорочниот живот на нацијата. Само затоа сведочам, за макар еден ден тој пад и тој срам да бидат помали, и за да има некоја точка од која ќе почнеме да ја градиме овоземската, во просторот и времето пореално ситуирана Македонија.

текстот е преземен од денешниот „Глобус“

Сликите се на Мартин, преземени од Фејсбук групата „Скопје 2014! Не, благодарам!“

Интересно е само, кога нешто

Интересно е само, кога нешто ептен ќе се заебе колку сме креативни (сведок: сликиве и милион светли написи).
Кога е се' барем малце тамам, сите ги фаќа мрза и рутина :) 
Дали сме ко оние од Матрицата? Не можеме да си ја смириме душата во утопија.

Ми се чини дека секоја

Ми се чини дека секоја рационална критика на политиките на Груевски ја промашува својата цел, бидејќи таа не може да биде подложна на таква критика оти е вон рационалниот дискурс. Треба да се иронизира и да се сведува на апсурд. Сега треба, на пример, да се излезе со барање за изградба на Синагога, храм на Ѕевс и храм на Перун на плоштадот, па потем до Самуил да седи Василиј II Македонецот, оти нели и тој е наш, како и други слични бизарни, но духовити идеи. Немав намера да критикувам, написов е одличен, само предлагам нов начин на борба.

Smeenje

Brilijantno, no i jas se slozuvavam so prethodniot komentar - deka na ovoj vid shizofrenija vekje nema rezon racionalno da se odgovara.
Srdecni pozdravi i da se nadevame deka nema da se ceka ushte dolgo  da se ostvari "istoriskata zakonitost" za koja sto zboruvas, no koj potoa?

ОкоБоли главаВицФото