Тешко и горко нам со вакви професорски и титуларни кадри

06.01.2015 01:28
Тешко и горко нам со вакви професорски и титуларни кадри

Уредно ги замолувам професорите кои членуваат во Професорскиот пленум, или сакаат да му дадат каква било поддршка и легитимитет, да не ја користат за своја насловна страна на ФБ фотографијата која за историјата значеше промена, исчекор, визија, копнеж по слобода и автономија, јасна идеолошка перспектива, знаење, доследност, посветеност, умеење, солидарност, храброст и бескомпромисност. На фотографијата се Жан Пол Сартр и Мишел Фуко, во дамнешната ’68, на протестите каде што професорите знаеја како, со кого и зошто. Не гледам како Професорскиот пленум се идентификува со значењето на овие личности. Дали можеби ги учат своите студенти на она што учеше Фуко, на пример? Тешко, многу тешко. Како дојдоа до тоа да ја стават оваа фотографија и само за кратко време веднаш да ги погазат основните филозофски и политички позиции на оние кои се на фотографијата? Знаете, симболичките, цитатни, идентификациски референци значат многу. Ве молам, каде нас нè бербатите, немојте да ја бербатите и историјата на слободата! Уште еднаш, уредно ве замолувам. Тешко и горко нам со вакви професорски и титуларни кадри. А на студентите, а за волја на вистината и на сите нас, ќе си дозволам да порачам дека битките допрва радосно и со волја треба да се бијат, и покрај многуте искушенија. Така нè учеше професорот со големо „П“, Блаже Конески, оној што создаде еден од факултетите, та и академијата на науките, каде што сакаат овие дами и господа „лажни пророци“ да бидат. Поздрав до сите кои го делиме менталниот простор на слободата...

Блаже Конески

Спомен по многу години

Имав можеби неполни дваесет години
кога напишав:
„така рикаше маката во мене
дека сум роден во смачкано племе.“
И досега, по толку долго време,
ме следи истата таа мака,
и дури поголема,
така што дури можам,
сејач на глуво семе,
да го сменам малку зборот
и да речам:
„уште рика истата мака во мене
дека сум роден во смачкано племе.“

Но сепак, се надевам, дека не е туку така
што сум бил положен на таков искус
и на таква една мака.

Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!

Извор: Фејсбук профилот на авторката