Сител не е Шарли Ебдо!

09.01.2015 11:35
Сител не е Шарли Ебдо!

По грозоморниот напад врз редакцијата на сатиричниот весник Шарли Ебдо, огромен број луѓе ширум светот изразија поддршка и се солидаризираа со нападнатите сатиричари, застанувајќи во одбрана на слободата на говорот и осудувајќи го варварското безумно насилство.

Во средина во која слободата на говорот навистина е вредност која се цени, негува, почитува и брани, по малку популистичкиот крик „И јас сум Шарли“ има некаква смисла. Но, какво изненадување! Во Македонија, група новинари од телевизија која е сè освен слободен медиум, како да посака да го искористи моментот и некрофилски да грабне трошка од славата на француските сатиричари кои слободата на својот говор ја платија со смрт.

Фотографијата на „новинарите“ од Сител сликани со парола „И јас сум Шарли“ кај секој разумен, достоинствен и чесен човек не може да предизвика ништо друго освен гадење. Која е таа вредност што ја поврзува Сител со овој славен сатиричен весник? Како една телевизија која е партиски билтен, бедно пропагандно гласило на еден авторитарен режим, на кој било начин е поврзана со Шарли Ебдо?! Зад која слобода има застанато Сител? Единствено зад слободата да се наведне главата по сопствен избор и да се дозволи да се биде измеќар поткупен со народни пари од еден локален wannabe султан.

Сител молчи пред сите зулуми на власта, учествува во шиканирањето на цели општествени и малцински групи, ги премолчува или релативизира чиновите на насилство од партијата-држава...

Не, Сител, вие не сте Шарли Ебдо, вие сте напаѓачи на слободниот говор и мисла, иако не користите огнено оружје како оние фанатици од Париз. Затоа, „гребењето“ петминутна слава од настраданите храбри сатиричари не може да биде ништо друго освен перверзија од најдолен вид.

П.С. Првичното чувство на гадење кога ја видов фотографијата на сителовци со пароли за поддршка на Шарли Ебдо, за среќа исчезна, откако на социјалните мрежи наидов на истата фотографија со мала интервенција - „И јас сум ВМРО“. Авторот/авторката на оваа сатирична интервенција која ја разголува глупоста и безобразлукот на пропагандистите е многу поблиску до она што го правеа новинарите и карикатуристите од Шарли Ебдо. Сè додека Македонија има такви луѓе, постои надеж.