Умирање поради смеа

13.01.2015 14:26
Умирање поради смеа

Зафатени со нашите маки и убедени дека нашата Проклета авлија е доволна осуда за нашите мали новинарски животи, никогаш не го читавме сатиричното списание Шарли Ебдо, ниту ги познававме луѓето кои со своите карикатури им се потсмеваа на разните појавни облици на човечката глупост, злоба и завист. Меѓутоа, веста дека колегите се ладнокрвно убиени, вистински нè потресе како луѓе, а не како професионалци во оваа залудна работа од која не можеме да се откажеме.

Читајќи за Шарли Ебдо и неговите пасионирани борци за слободниот збор кои со карикатури и текстови го вперуваа прстот во неправдата и гадовите на овој свет, некаде пронајдовме дека редакцијата била во тешка финансиска состојба, за што сведочи и неодамнешниот повик за помош во вид на донации, што степенот на наша идентификација со жртвите на варварското насилство во име на некој бог, го направи уште помачен, а братската тага уште поголема.

Знаејќи дека големите, интегрираните и останатите редакции ќе стават акцент на драмата, акцијата, непроверените и измислените вонредни вести за хронологијата на настаните, заговорите, неспремноста, деталите од неименувани извори, се определивме да пишуваме за луѓето-херои кои паднаа за идејата за слобода на изразувањето, основниот постулат на демократијата, со надеж дека никогаш нема да бидат заборавени, туку дека нивната страшна жртва ќе добие смисла во десетиците и стотиците нови следбеници на човековата слобода.

Стефан Шарбоние - Шарб (главен и одговорен уредник)

Терористите немаат смисла за хумор, мора да помислил во последниот миг Стефан Шарбоние, човекот кој се ослободи од стравот многу порано бирајќи го животното кредо „Подобро да умрам исправен отколку да живеам на колена“.

Карикатуристот, или како што Французите убаво го опишуваат занаетот, сатиричниот цртач, ширум Франција познат по уметничкиот псевдоним „Шарб“, роден е 1967 година во местото Конфлан Сент Онорин недалеку од Париз. Велеше дека цртежите никогаш не убиле никого, но и дека не се во функција на провокација, туку сигурен сигнал дека слободата на говорот е жива и здрава во Франција.

„Ние објавуваме карикатури секоја недела, но некои луѓе ги сметаат за повици за војна кога во нив се наоѓа Мухамед или радикалните исламисти. Ние критикуваме само еден облик на радикален ислам, не сме одговорни за настаните ширум светот, ние го манифестираме нашето право на слбодата на изразување во рамки на законските ограничувања. Моја работа е предизвикам смеа или размислување преку цртежите“, велеше Шарбоние, сметајќи дека противниците умеат и да размислуваат.

Жорж Волински - Волин (карикатурист)

Жорж Волински е роден 1934 година во Тунис, од мајка со француско-италијанско потекло и татко Евреин од Полска. По присилната мобилизација во Алжирската војна созрева како голем поборник на пацифизмот и заминува во Париз каде што станува еден од основачите на сатиричното списание Хара-кири од шеесеттите години, на чија пепел во 1992 година настана Шарли Ебдо.

Жорж Волински речиси триесет години беше и политички илустратор во неделникот „Paris Match“, а по повод соработката со овој весник за кој многумина мислеа дека не го одразува мислењето на овој карикатурист, Волински изјави: „Немам мислење, имам само уверување“.

„Јас не сум никаков провокатор, ниту барам судир. Само сакам да правам добри, смешни цртежи кои ќе ги насмеат луѓето“, велеше овој добар човек кој никогаш не доцнеше со делата и роковите, не отсуствуваше од редакциските состаноци и не ги забораваше испраќањата на колегите, книговодителите или помошниот персонал од Шарли Ебдо.

Жан Кабу - Кабу (карикатурист)

Жан Кабу е роден 1938 година во местото Шалон ен Шампањ. Прва награда за цртеж (на велосипед) добива на 12 години, а само две години подоцна станува и уредник во гимназиското сатирично списание „P'tit Fums“.

Ќе остане запамтен како антимилитарист, подобро кажано како милитантен пацифист, антиклерикалист, посветен еколог, автор кој своето перо го натопи во популарната култура и креатор на некои од најпознатите француски анимирани ликови („Le Grand Duduche“, „Le Beauf“ и „Mon Beauf“) кои се создадени токму во Шарли.

Беше сатиричар на француското општество, а неговиот омилен лик „Le Beauf“ (Говедо, како карактерна особина, а не домашно животно) претставуваше расист, алкохоличар, насилник, хомофоб и мачоист. Неговите дела се објавувани во дневниците и неделниците Le Monde, Paris Match, Pariscope, Canard enchaîné и Libération.

Бернар Верлак - Тињу (карикатурист)

Тињу е роден 1957 година во предградието на Париз Витри сур Сен, а првите цртежи почнал да ги објавува 1980 година во списанието „L'Idiot international“, за да ѝ се придружи во 1991 на екипата на сатиричниот весник „Grosse Berthe“ (Дебелата Берта) и една година подоцна, заедно со Кабу, на бескомпромисното друштво од Шарли Ебдо.

Предмет на негов интерес беа разни теми, од допингот во спортот, преку социјалните неправди, до политичките карикатури кои во 2011 се собрани во книгата илустрации „Пет години под Саркози“.

Неговите карикатури истовремено беа жестоки и елегантни, препознатливи по тенките линии и црниот хумор.

Објавуваше во познатите француски неделни и дневни весници „L'Evénement du jeudi“, „Fluide glacial“, „Télérama“, „L'Humanité“ и „L'Express“.

Зад себе остави четири деца.

Бернар Мари - „Oncle Bernard“ (основач, косопственик и соработник)

Роден е 1946 година во Тулуз, беше економист, новинар, левичар, ТВ коментатор на телевизијата France24 („Дневник на економистите во криза“), еден од основачите на сатиричниот весник Шарли Ебдо, косопственик и помошник директор до 2008 година.

Созрева во левичарско семејство, под големо влијание на Кејнз и политичката екологија на Малтус. Беше евроскептик, анти-либерал, секогаш надвор од трасирантие патеки и мирно водечките струи по кои газат или пливаат молчешкум, оние помалку храбрите.

За Шарли Ебдо пишуваше редовна колумна под псевдонимот „Oncle Bernard“, а соработуваше и со радиото France Inter, и до последниот ден со телевизискиот канал „France24“.

Елза Кајат

Родена 1960 година, завршува медицина на отсекот за психологија и психоанализа и беше единствената жена во редакцијата која ја доживуваше како второ семејство.

„Меѓу сите тие момци требаше да се воведе малку ред, а тоа го можеше само жена“, се шегуваше авторката на колумната со пригоден назив „Le Divan“.

Филип Оноре (постојан соработник)

Роден е 1941 година во Виши. Неговите дела беа под големо влијание од историјата на уметноста, на што инсистираше и во уметничкиот потпис од шест букви со неговото име, три горе, три долу, врамени во квадрат, со референца на виенската Сецесија.

Стилски беше најоддалечен од уредувачката политика на треш-цртежи кои ги негуваше Шарли Ебдо.

Објавуваше и во весниците „Libération“ и „Le Monde“, како и во бројни книжевни списанија.

Последниот твит кој отиде од редакцијата на Шарли пред страотниот колеж, беше токму неговиот цртеж „Всушност, најдобри желби“ кој го прикажува водачот на Исламската држава Абу Бакар ал Багдади како порачува „А, особено здравје!“

Мустафа Урад (коректор)

Роден е 1954 година во Алжир, во градот Ат Јени. Во редакцијата на Шарли извршуваше коректорски работи од 1997. Неговите уплакани колеги од другите редакции сведочат за него како за многу тивок човек кој никогаш не зборувал за себе, но секогаш им притекнувал во помош на другите.

Мишел Рено

Роден е 1945 година во Клермон Феран, беше новинар, основач на познатиот фрестивал во Франција (Rendez-vous du carnet de voyage), а загина од рацете на бедници само затоа што таа црна среда имаше закажан состанок со Жан Кабу, на кого требаше да му ги врати цртежите презентирани на ноемврискиот фестивал.

Според сведочењето на неговиот преживеан пријател Жерар Гајар, само неколку моменти пред кобниот терористички упад во редакцијата, ја изговорил својата последна реченица: „Дојдов да ви помогнам да направиме нешто заедно за следното издание на Шарли.“

„Да се чита, чита, чита, тоа не вреди иништо. Треба да се види“, беше еден од неговите животни слогани.

Работеше за „Europe1“ и „Le Figaro“, а подоцна и како помошник директор на социјалистичката општина Клермон Феран.

Франк Бринсоларо (полицаец во Службата за заштита на личности)

Роден 1965 година. Беше дел од постојаната заштита која им е доделена на членовите на редакцијата по нападот на редакцијата во 2011 година, кога беше запален поголем дел од архивата на неделникот Шарли Ебдо.

Ахмед Мерабет (полицаец од XI арондисман во Париз)

Роден е 1972 година. Патролирајќи по булеварот Ришар Леноар, неговата судбина се вкрсти со патот на умоболните убијци, покажувајќи ја бесмисленоста на терористичиот чин во кој овој човек со исламска вероисповед брутално и ладнокрвно беше ликвидиран по ранувањето, баш во име на Пророкот.

Неговата жртва е најсуров доказ дека не треба да се занесуваме во бесот и да ги ставаме сите луѓе во контекст на опасна генерализација.

Фредерик Боисо (Работник во обезбедувањето на зградата)

Роден е 1972 година. Беше прва жртва на религиозните психопати.

Elsa et les gars, merci d'avoire existé. (Елза и момци, фала ви што постоевте.)

Удерзо

Извор: e-novine