Нашиот тероризам

14.01.2015 11:49
Нашиот тероризам

Сојузот се огласи. „Нато сојузниците се заедно во борбата против тероризмот“, објасни генералниот секретар Јенс Столтенберг на прес конференцијата во Брисел. „Франција може да смета на нас“. Што значи тоа? Воена авијација против момците со фантомки? Тенкови во муслиманските предградија?

Тероризмот може да биде културолошки проблем, верски, социјален, криминалистички, проблем на тајните служби, но не може да биде воен. Од зборовите на генералниот секретар на НАТО избива нашата немоќ. Постои само еден одговор на тероризмот и само едно оружје кое допира до секој човек - зборовите.

Убиени се 12 луѓе, уништени се нивните семејства. Атентаторите се во бегство. Можеби ќе бидат убиени или ќе го поминат остатокот од животот во затвор. За нив нема милост. Нападот во париската улица Никола Апер во Франција се доживува како напад на целата нација. Какви ќе бидат последиците од толкавата болка?

Ако се уплашиме, тероризмот победил. После нападот на 11 септември 2001 САД покажаа дека не се дораснати за овој предизвик Тие во борбата против Осама Бин Ладен го доживеаја најтешкиот пораз во својата историја: го изгубија својот идентитет. Аби Гариб, тортурата и ЦИА, шпионирањето на целиот свет - Америка се промени. Што ако сега целиот Запад се промени? Во што ќе се претвориме?

Ние Европејците мораме да покажеме дека сме подобри од тоа. Нема да биде лесно. Во Франција веќе почнаа нападите на муслиманските верски објекти. Анкетата на фондацијата Бертелсман покажува дека 60 отсто од граѓаните на Германија по нападот во Париз се чувствуваат загрозено. Секој четврти Германец смета дека на муслиманите треба да им се забрани доселување во Германија.

Но што ќе правиме со муслиманите кои веќе живеат со нас? Ако е точно тоа што го велат поддржувачите на Пегида, а Die Welt редовно го пренесува, додека книжевничката Моника Марон упорно го пишува тоа, имено, дека исламот е опасност, тогаш што нè чека? Што ќе правиме со сите германски и европски муслимани?

Интернација? Можеби навистина ги има премногу. САД во текот на Втората светска војна затворија во логори 120.000 Јапонци и американски граѓани со јапонско потекло. Само поради нивното потекло. Тоа е најчист облик на расизам. Лоша споредба? Не, не е, од нас може да се очекува сешто.

Ако погледнеме глобално, работите стануваат уште посериозни. На светот има 1,6 милијарди муслимани. Ако сите тие се поддржувачи на фашистичка идеологија, како што тврди Хамед Абдел-Самад или, нешто поблаго речено, „вера која треба допрва да се просветли“ (Моника Марон), што да правиме со нив додека не станат како нас?

Изопачениот свет на исламофобите треба строго да се избегнува баш како и проповедите на исламистите. Јан Флајшауер во Spiegel исправно забележа: „Нас во исламот не нè вознемирува само неговиот екстремистички, туку и самиот религиозен апект“.

Ако на Западот му е потребен судир со исламот бидејќи му е потребен непријател, можеби ќе тргне во војна против тероризмот. Но тогаш тероризмот веќе победил. Решението е - заборавете го исламот. Нашиот проблем е нешто друго.

Марин ле Пен, лидерката на Националниот фронт, по нападот во Париз праша: „Какви се уверувањата на тие убијци? Колку се тесно поврзани радикалните исламисти во Франција? Од каде им се парите? Кои земји ги поддржуваат?“ За жена која се спрема да стане претседателка на сите Французи, ова е навистина погрешен текст. Но и за неа тероризмот е нешто туѓо, друго, што доаѓа однадвор. Ако не е пропаганда, таа овде сериозно греши.

Браќата Царнаеви, осомничени за нападите на бостонскиот маратон, пораснаа во Америка. Андерс Брејвик, атентаторот од Утоја, е роден во Осло. Браќата Куачи, осомничени за нападот во Париз, се родени во Франција.

Тероризмот е наш.

Извор: Spiegel, 08.01.2015.

ОкоБоли главаВицФото