Ultimi barbarorum!

14.01.2015 14:13
Ultimi barbarorum!

Дали груевизмот е голем заговор за уништување на Република Македонија? Т.е., дали пастирот и неговите помагачи се само извршители на злосторничкиот потфат или и негови креатори? Дали моќта на главниот архитект произлегува од неговата ограниченост, неспособност да ја разбере туѓата позиција, или глупоста просто нема граници - како и нашиот пад?!

Прашањава - кои се тука отсекогаш - секогаш одново се интензивираат кога груевизмот ќе нагази, со вообичаената жестока безмилосност, нова крупна општествена акупунктурна точка. Такви точки досега има баеги - целото тело на малиот балкански пациент е во игли, како вуду кукла (се разбира, има секакви конспирации во врска со пациентот; некои, на пример, велат дека бодејќи ја Македоња господарот на марионетите всушност ја боде Америка, Русија, Турција... - теории има колку што има акупунктурни точки).

Мој впечаток е дека груевизмот е сепак ендоген и автентичен феномен чија моќ произлегува токму од неговата сировост, изворност и недофатливост, поради постојаните промени, поради безобличноста. Во груевизмот нема план, нема стратегија и логика. Главната логика е да нема логика.

Поинаку речено, соголен рефлекс за владеење - тоа е груевизмот. Речиси еволуциски политички инстинкт за контрола врз луѓето. И тоа пастирот и неговите помагачи го стекнуваа и усовршуваа од првиот ден на тронот (е, само тоа - а тоа не е малку, тоа можеби е клучно - го имаа претходно, впиеното млеко на македонската култура: власта се доживува како престол и како презир на сите под престолот).

Црвените Кмери, разноразните африкански диктатори, постсоветските популисти во своите банана држави, па дури и Титовите комунисти - сето тоа го има во груевизмот најмногу во форма, велам (иако, да повториме, груевизмот нема форма), на животински, т.е. предаторски политички инстинкт (заради тоа многумина велат дека груевизмот може да се учи повеќе по биологија отколку по општество, повеќе по психоанализа отколку политика).

Затоа пак ќе речам: веќе десетгодишната трагедија на оваа земја не е толку во бандитите кои ги окупираа институциите и ги контролираат сите финансиски токови (морам да ги отворам заградиве, влече поривот за илустрирање: дури и контолата буквално над сите ресурси во земјава груевизмот не ја прави првенствено од алчност - иако и тоа го има, ирационалниот и често, да се надеваме!, самоубиствен порив да се зграпчи сè - туку од политички причини, за подобро да ги контролира луѓето и за да ги редистрибуира ресурсите според дневните политички потреби; тоа е општество-мравјалник, без поединци, сите живеат и работат за матицата). Велам, нашата пропаст не е толку заради бандитизмот или заради криминалците кои го киднапираа општеството, туку заради слабите имунолошки одговори. И тука лежи една од генијалностите (или доблестите?!) на груевизмот, тој примитивен и брутален политички поход: сосема ги разоткри речиси непостоечките државотворни (или ако сакате, идентитетски) капацитети на земјава. До тој степен груевизмот ги расканта сите постоечки механизми на моќ и идентификување (деновиве на ред дојде еден од децениските бастиони на македонското мртвило, Академијата), што нацијата денес наликува на зомбифицирана глутница што се ака низ некаков апокалиптичен предел со споменици, несвесна и за себе и за спомениците (новата надраса дојдена од вселената?!) и за минатото и за иднината...

Како еден сеуште незомбифициран човек да се постави среде ова колективно самоубивање?! Ќе спомнам два принципа, две методи на соочување со злото. Првата се нарекува „Принципот на Солженицин“, наречена според рускиот писател и дисидент Александар Солженицин. Во својот говор при доделувањето на Нобеловата награда Солженицин својот принцип го формулира вака: „Едноставниот чекор на храбриот човек е да не учествува во лагата, да не ги поддржува лажните чинови! Нека лагата влезе во светот, дури и нека завладее со него - но не со моја помош!“ „Принципот на Солженицин“, значи, се сосредоточува на значењето на сопствениот морален интегритет. Злото постои, тоа го знаеме, но какви и да се последиците од моето одбивање да учествувам во него - јас одбивам да учествувам во него. Притисоците да го прифатиме „помалото зло“, да сме свесни за опасните консеквенци од одбивањето да се учествува, да бидеме „практични и прагматични“, можат да го збришат нашиот морален идентитет, т.е. во најбуквална смисла да го уништат нашиот сопствен интегритет.

Еве еден конкретен пример кој го надградува „Принципот на Солженицин“ и кој укажува како чесниот човек може да реагира во невреме. Примеров го изнесувам и во слава на убиените француски карикатуристи од „Шарли Ебдо“. Овој историски настан всушност го изнесува Жорж Кангулем во 1980-та, на конференцијата „Мозокот и мислењето“, раскажувајќи како реагирал големиот еврејски филозоф Спиноза на политичкото убиство на својот пријател Јан де Вит, кого го убиле оранжистите. Убиството на пријателот го навело Спиноза да преземе ризик, да излезе на улица и да постави плакат на кој самиот напишал: „Ultimi barbarorum - бранењето на сопствената воздржаност наметнува повремено излегување од таму“.

Жорж Кангулем бил француски математичар и епистемолог, претставник на Француското движење на отпорот кому заедно со стреланиот учесник на Движењето на отпорот, Жан Кавае, математичар и филозоф , Ален Бадју (кој исто така е филозоф и математичар) му го посветува уводот во својата книга „Краток преглед на метаполитиката (1998), под наслов „Филозоф на (движењето на) отпорот (Philosophes resistans). Токму Бадју во книгата потсетува на излагањето на Кангулем од 1980 година.

Вака Кангулем го коментира храбриот акт на Спиноза: „На прв поглед, можеме да помислиме дека Спиноза направил грешка. Грешка во смисла дека верува дека варварите на кои укажува се последните. Но, тој го познавал латинскиот и сакал да каже: најскорешните, последните во низа. Затоа денешните филозофи, која и да е насоката на нивното истражување, спинозистичка или картезијанска, охрабрени се да не ја пропуштат шансата и да тргнат, на сопствен ризик, сходно на ангажираниот гест под контрола на сопствениот мозок, да испишуваат на ѕидот, бедемот или оградата: Ultimi barbarorum!

Слика: Cornelis de Bruijn (c.1652-1727), Мртвите тела на Johan de Witt и неговиот брат Cornelis (1672)

 

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото