Плачот на Мухамед

14.01.2015 17:08
Плачот на Мухамед

Новиот број на весникот „Шарли Ебдо“ е разграбан во Париз. Само седум дена откако исламистичките терористи ја убија речиси цела редакција, весникот на насловната донесува цртеж на расплаканиот пророк Мухамед.

 

Десетина минути по отворањето на киоскот на Северната железничка станица во Париз, разочарувањето на лицата на купувачите во редицата беше читливо. Новиот број на сатиричниот магазин Шарли Ебдо, прв кој е испечатен по нападот на редакцијата, веќе беше распродаден. Сопственичката на киоскот само немоќно слегнуваше со рамениците: „Добив 200 примероци и сè отиде. Утре ќе донесат уште“.

Тиражот беше три милиони примероци, 50 пати повеќе отколку пред нападот. Но дистрибуцијата не е толку едноставна. „Бев просто љубопитна затоа што се крена толкава прашина по оној подол напад“, вели една госпоѓа, која пред заминувањето на работа сакала да купи свој примерок. „Инаку, не го читав Шарли Ебдо, но сега на некој начин сите сме читатели“.

Муслиманските здруженија во Франција го осудија појавувањето на ликот на пророкот Мухамед на насловната страница, но ги повикаа оние муслимани кои се чувствуваат навредени да останат мирни и прибрани. После големите демонстрации за слобода на говорот, одржани минатата недела во Париз, ретко кој отворено го критикува Шарли Ебдо. Еден француски муслиман сепак во телевизиска емисија изјави дека новиот број е „провокација“.

„Заплакав“

На насловната страница на новиот број е претставен Мухамед како плаче, носејќи транспарент „Јас сум Шарли“, кој последниве денови ширум светот стана симбол на отпорот против тероризмот. Над Мухамед е напишано: „Сè е простено“ (Tout est pardonné). Авторот на насловната страница Лиз објаснува дека дури и пророкот Мухамед плаче поради терористите. „Прво имавме идеја да одиме со 'Јас сум Шарли'. Потоа го нацртав расплаканиот Мухамед. Потоа напишав 'сè е простено'. Па и јас заплакав. И насловната страница беше готова“. Лиз вели дека било тешко да се обезбеди редовното излегување на бројот. Немало време за тагување. Тој како да чувствувал дека убиените пријатели се уште тука. Дури и материјалот, како и идеите на убиените, се употребени, наведува главниот уредник Жерар Бјар: „Во ова издание никој не умре. Тие уште се тука. Тие ќе бидат во бројот, зашто секогаш беа тука“.

Заговарање лаицизам

Главниот уредник Бјар во уводникот се заблагодари на поддршката. Меѓутоа, тој се пожали дека дури терористичкиот напад ја натера политиката да застане зад лаицизмот и раздвојувањето на државата и верата. „Сите оние анонимни луѓе, политичари, медиуми, верски достоинственици кои рекоа 'Јас сум Шарли' мораат да знаат дека со тоа рекле 'Јас сум лаицист'. По теророт против хуморот никој повеќе не може да каже 'Да, ама...'“, смета Бјар.

Главниот уредник Бјар (лево), карикатуристот Лиз (во средина): Право на бласфемија

Тој вчера (13.01) на конференцијата за новинари најави дека неговиот весник ни во иднина нема да ги штеди религиите. Правото на бласфемија мора да се брани: „Секуларноста не е неодреден концепт. Тоа е систем на вредности. Мора да ни биде јасно дека раздвојувањето на државата и црквата е најважен принцип на нашата Република. Без него не се можни слободата, еднаквоста и братството“.

Смеата ни е потребна

На 16 страници во актуелното издание преживеаните карикатуристи на Шарли Ебдо иронично се осврнуваат на терористичкиот напад, критикувајќи ја младината која сака да оди во џихад. „Каде се 70-те девици“, прашува еден џихадист стигнувајќи во рајот. Одговор од божјиот облак: „Тие веќе се забавуваат со членовите на редакцијата на Шарли Ебдо“. Меѓутоа, и папата, како и бизнисот со западните заложници во Африка не се поштедени.

Работа под полициска заштита

Редакцијата привремено е сместена во зградата на дневниот весник „Либерасион“. Другите медиуми ставија на располагање компјутери и опрема. „Повеќе немаа ништо. Полицијата забрани пристап до редакцијата во која пенкалата и компјутерите се залепени со крв“, вели Пјер Фрадиденрај, член на раководството на Либерасион.

Зградата и печатницата на Либерасион се под строг полициски надзор, зашто сите се плашат од нови напади. Пред седум дена двајца исламистички терористи убија десет членови на редакцијата на сатиричниот весник Шарли Ебдо, како и двајца полицајци, нанесувајќи им сериозни повреди на уште десетина луѓе. Третиот терорист во еврејска самопослуга уби четворица луѓе и една полицајка.

„Добар човек кој плаче“

Француската влада одлучи да му помогне на весникот со милион евра. Доколку се распродаде целиот тираж на новиот број, кој ширум светот го привлече вниманието на јавноста, тогаш редакцијата ќе заработи толку колку што инаку заработува со продажба на весникот во текот на цела година. Авторот Лиз коментира саркастично: „Ако има нешто добро во нападот врз нас, тоа е добрата реклама за Шарли Ебдо“. За време на конференцијата тој повеќе пати се бореше со солзите додека главниот уредник го тешеше.

Лиз нема разбирање за острите реакции на насловната страница кои веќе стигнуваат од Египет и Пакистан.

„Тоа не е насловна страница со терористи. Не ги претставив терористите. Тоа е човек кој плаче. Добар човек кој плаче. Жал ми е ако некој очекуваше нешто друго. Ова е нашиот избор“.

Весникот треба да живее

„Секако, сакаме тоа да биде хумористичен весник. Ќе ве насмееме, не можеме поинаку. Тоа е доказ дека не го убиле Шарли“, вели главниот уредник Бјар, по состанокот на редакцијата, на која демонстративно учествуваше и францускиот премиер Валс. Неговите карикатури весникот исто така ги објавуваше, па беше потребен напор за ракување со тој човек - таа сцена исто така е карикатурално прикажана во весникот.

Ако терористите со масакрот во редакцијата сакаа да го замолчат Шарли Ебдо, тогаш тоа ни оддалеку не им појде од рака. Постигнаа сосема спротивен ефект. Овој пат изданието е преведено дури на шест јазици, меѓу нив и на арапски.

Извор: Deutsche Welle