Не е лесно да се биде Шарли!

15.01.2015 13:42
Не е лесно да се биде Шарли!

На страна нормалната човечка згрозеност и шокираност од масакарот во Париз, малкумина се свесни колку грозоморниот чин во срцето на Западот и Европа, всушност, дополнително ги истакна нашите слабости и нашата кратковидност. Уште додека траеше ритуалот на жалење, експлодираше жалниот ритуал на поделби, поделени мислења, конформизми и контрадикции, двојна хипокризија, на оние кои мислејќи дека вистината е на една страна одбраа само да жалат или само да го критикуваат жалењето.

Нападот врз Шарли Ебдо и речиси 60-те часа паника и терор во Париз, покажаа колку сме незрели, колку патиме да одбереме страна, колку може да биде привлечно да се биде глас надвор од хорот, но секогаш или најчесто без да се погледне или разбере поголемата слика.

И конформистите и гласовите надвор од хорот, и оние кои паушално се изјаснија дека се Шарли, и оние кои рекоа дека тоа не биле, и оние кои станаа Ахмед, па потоа станаа децата од Нигерија наполнети со тритол, не разбраа дека суштински се она што го негираат, дека суштински се или не се Шарли Ебдо, иако неспособни да разберат што тоа значи.

Шарли Ебдо е симбол на комформистичката инклинација да се заземе позиција на глас надвор од хорот, чисто поради убавината или слободата на таквиот гест, и поради никаква подлабока вредносна доблест освен да се ужива таа слобода - да шокира, провоцира, исмејува, нервира, да се заебава со тоа што не е за заебавање. Знам дека ви звучи контрадикторно, но ете, вие што викавте дека „Не сте Шарли Ебдо“, токму вие сте тоа, а вие што викавте „Дека сте Шарли Ебдо“, најверојатно ни одалеку не сте биле, ниту ќе бидете такви. Поентата е да не се биде само Шарли Ебдо!

Шарли Ебдо е слободата, барем слободата на изразување, која како многу други слободи и права се зема здраво за готово, со подеднаква леснотија потоа се критикува, па еднаш кога ќе видиме колку е загрозена или нападната вината ја бараме повторно во некои преформулирани и симплифицирани ставови, во историските неправди, во Исламот, во судирот на цивилизации, во хипокризијата, онаму каде нас во дадениот моментот ќе ни прдне.

Ме ужаснува празното славење на Шарли и на физичките жртви од луѓе кои неправдата не ја гледаат ни кога им е пред очи, како што подеднакво ме иритираат оние кои се способни овој симболичен и трагичен масакр да го минимизираат во однос на светското крвопролевање и хорор.

Светот е хорор, луѓето, да, умираат, што рекол Хегел, човечката историја наликува на кланица. Но, поголема хипокризија е да се бара да пуштиме солза или да очекува дека светот ќе се грижи за жртвите од Африка, кога ние самите не сме способни да се грижиме за жртвите во нашиот културно-историски двор.

Нема поголема хипокризија и конформизам од слободниот човек кој ги гледа бројките и ги споредува жртвите на неслободните со слободните, на гладните со најадените, на учените со необразованите. Можеме цела вечност да мериме и релативизираме, да критикуваме зошто смртта и неправдите имаат различна валентност во очите на човекот, да посакуваме да постои една мерка за сите злостори. Но такво нешто ретко постои. Напротив, токму таквото упростување, неземањето предвид на културните, политичките, економските состојби, механизми и логики, нè прават само лажни борци за слобода и конформисти.

Човек треба да се труди, да се бори да биде сè, да има што поширок поглед, да прифати и конформизам и да разбере што е вистинско говорење надвор од хорот, да размисли за сите жртви, да не избира лесно страни, да не паѓа на заговори, ниту на лажни идеолошки творби, човек треба да има солза за секого, но и за никого, ако сака да разбере како функционира светот. Не е лесно, сè може да се инстументализира, сè е релативно, но нашата цел во овој момент е да се преиспитаме во секој аспект, ако сакаме некако да се подобриме.

Не е поентата гневот кон терористите да нè извади од кожа, да нè екстремизира, како што не во ред релативизирањето на настаните во Париз да ни биде сатисфакција за светските неправди. Сега, повеќе од кога, ни треба отфрлање на екстремните ставови, сега ни треба критичка мисла, ни треба целата слика.

Еве, кога сме кај жртвите на слободата на изразување и новинарите. Знаете колку лани загинале или се уапсени?! Шеесет и шест мртви, 178 затворени, од кои едниот е и нашиот Кежо. Го ослободивме ли ние Кежо? Напишавме ли нешто и се солидаризиравме ли со 23 турски новинари кои се во затвор заради критички став? Спомнавме ли дека во Мексико новинар е убиен заради обичен твит? Не, не го средивме ниту нашиот двор, ниту пак му помогнавме на светот. Но, знаете што, тие луѓе што и јас тука само ги набројувам, се затворени зашто испратиле порака до сите, измислиле нов кодекс на изразување, ја протнале поентата, ја измериле контрадикцијата, излегле и ја надминале партитурата која сите се способни да ја рецитираат. Разбирате ли која е вистинската хипокризија и што значи вистинското дејствување?!

Не ни требаат полифони хорови, ниту инстинктивни емоции, но не ни треба ни дефокусирање од проблемите, колку и двете позиции да се разбирливи. Ако некој тоа го посакува, тогаш тоа се токму оние кои или сејат терор или кои зад конфузијата сејат лажно обединување и решавање на проблемите.

Погрешно е да веруваме дека станува збор за судир на цивилизации, за геополитички судир или судир на култури. Станува збор за еден конфузен судир помеѓу држави и групи, за материјални ресурси или идеолошка доминација, политики на сила и желби за трансформација. Во голем дел станува збор за судир на сосема арбитрарната контрапозиција помеѓу антиамериканизмот или антизападот и антиисламизмот и растечката ксенофобија во западните општества. Ова е судир на погрешни политики, не судир на Запад против Исток! Судир е, да, и помеѓу слободни општества себични за одржување на сопствените интереси и либертицидни групи алчни своите логики да ги наметнат во расцепканите општества.

И двете сили, и двете логики докажаа дека потфрлиле. И капиталистичките општества со своите демократски институции и идеолошки измами за извоз на демократијата, и арапските општества на супер привилигирани и на потчинети мнозинства кои не ја добиваат вистинската помош на патот кон своето ослободување. Потфрли мултикултурализмот, барем оној францускиот, за сметка на асимилацијата, потфрлија дроновите и војниците на земја, потфрли исламското мнозинство и здравото ткиво кое не успеа да ги изолира сопствените насилници потхранети од грешките на Западот. Потфрли арапската пролет, која се докажа како виртуелна, но потфрли и западниот триумфализам кој мислеше дека демократизацијата оди само преку симнување на корумпираните и склеротични елити.

Потфрли политиката и на Западот и на арапскиот свет, односно, недостасува политички одговор на сите досега споменати контрадикции, грешки, хипокризија, воспоставени логики.

И во овој момент најдобар доказ за тоа е токму реториката на францускиот лидершип или медиумскиот мејнстрим ала Си-Ен-Ен. Велат, ова е новиот 11 септември, ова е пак војна против теророт. Но, тоа е веќе анахрона логика, одамна докажана како погрешна. Ако е само терор донесен од страна, тогаш пак ли ќе тргне Западот во крстоносни војни како од пред 14 години?! Или одново уште повеќе ќе се затвори, ќе се изолира, надевајќи се дека така проблемите сами ќе се решат?

Постои еден текст на Дерида за апокалиптичниот тон на нештата. Дерида се спротивставува на реториката на апокалипсата и на патот по кој таа води: криптичната итрина која сака да ја мобилизира, неминовниот крај кој го најавуваат, деструктивното уништување кое го ветуваат сè со цел да си обезбедат што подолга егзистенција. Со логиката на апокалипсата ништо навистина не завршува, туку само непроменето се перпетуира.

Сега таа логика е насекаде околу нас. И тука го гледам проблемот на нашата кратковидост. Проблемот на неодбранливите акти, како што беше овој атентат, е во тоа што ни создава горчина која не дава алтернативен пат. Не ни дозволува да ја избегнеме бинарната логика. Или со нас, или против нас. Нè убедува да ја впрегнеме Апокалипсата, да мразиме, да бараме повеќе сигурност, да навиваме за убиство на терористите, да станеме сојузници со оние кои не ги сакаме, како еден Саркози, Нетанјаху или Орбан, па зошто да не, и Груевски.

Во исто време, таа логика нè прави да изедначуваме, да бараме грешки само во империјализмот, во колонијалната историја, во ропството, да кажеме дека Обама е само Гвантанамо, дека сите се исти, дека еден салафит не е терорист, дека терористите можеби и имаат право. И што и да кажеме, ваквите ситуации нè оставаат без реплика, отфрлањето на која било од страните станува неможно.

Проблемите според мене се трансверзални, ги има на сите страни. Но, што се однесува до Западот и Европа, мора да се сфатат сопствените проблеми. На Европа ú треба да разбере дека нападот што врз неа се случува, се случува и заради грешките од подалечното и поблиското минато, но се случува и зашто демократијата и слободата, кои се повеќе од принципи и кои мора секогаш да се бранат и солидарно да се промовираат, станаа празни политики. Сè се претвори во инстументализирана практика на поголема или помала моќ, на материјални интересни кои се во постојан судир.

Но, тоа не треба да направи да заборавиме дека Западот станал демократски по пат на еволуција и скапи лекции и дека нема право да ги заборави своите вредности и доследно да ги практикува. Фактот дека Европа живее релативно долг период на мир, на релативно поголем дел од својата територија, не значи дека таа состојба е нормална и природна за човештвото. Тоа е нешто стекнато и тешко одржливо. Затоа денес е лесна мета, зашто интегралистите гледаат криза во тие вредности, гледаат слабост во тој идентитет. Западот не е вечен, и нема да остане засекогаш каков што е, треба да го прими и прифати тоа што доаѓа од надвор, но и тоа што сака надвор да биде примено, искрено да го споделува, а не насилно и заради интереси.

Интеграцијата, политиките од широк здив, свеста дека Западот мора да се врати на своите демократски вредности и да ги прошири, но и дека Исламот е мнозинство и плуралитет од граѓани кои сакаат поголеми демократски, човечки, социјални слободи и права, не е само пат кој треба да се изоди, туку и свест која треба конечно да се наметне во секоја индивидуа. Зошто демократијата не е само во институциите, таа е во луѓето, и во нивното размислување и однесување. Ние што сме виделе многу, и добро и лошо, можеби повеќе лошо од добро, треба исто така оваа лекција да ја научиме.

Доста поделби, доста сектаријански ставови и гледишта, доста логики на Апокалипсата.

Извор: www.plostad.com.mk