Новата реалност на Русија

18.01.2015 11:32
Новата реалност на Русија

За Русија, новата година започна неславно. Со понатамошен пад на рубљата, инфлација, цени на нафтата под 50 долари барел и веројатна економска криза. Ова се некои од симптомите на мамурлакот од кој Русите ќе се будат до крајот на јануари. А потоа следува суровата реалност.

Новата година овде не донесе ништо ново, туку продолжение на агониите што започнаа со почетокот на пресудната 2014, кога руското раководство влезе во една авантура на конфликти и војни во соседството, во Украина, политика што не ја предвидоа ниту најостроумните аналитичари.

Оваа политика донесе оркестриран одговор од страна на меѓународната заедница во форма на меѓународни санкции врз блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин, разни банки и енергетски компании, како Газпром и Роснефт, како и нивни генерални изведувачи. Првпат во своето владеење Путин е во изолација, тој речиси не одржува средби со лидери на други земји и не е поканет да учествува на самити, земјата е изгонета од Г-8, клубот на најразвиени демократии. Додека, суровинската економија на Русија, воспоставена и менторирана од самиот Путин, во 2015 сигурно оди во рецесија, според очекувањата на економистите и рејтинг агенциите.

Би било добро уште еднаш да се потсетиме како се сложи ваквата ситуација, како Путин и неговото политичко окружување паднаа во немилост на светската јавност (соборувањето на малезискиот патнички авион), и на речиси сите светски лидери, и како е поттикнат стрмоглавиот пад на руската економија.

Она со што е накисната целата 2014 година, како тешка леплива кафеава смола во парче сунѓер, како фекалија што се излева од клоаката бидејќи службата што треба да ја испумпа со цистерна ја нема, заглавила во накаква друмска кафеана со денови, е шокантната информациска војна што се одвиваше/се одвива на руските национални средства за масовно информирање (СМИ).

Откако режимот влезе во порочниот круг на грешки од каде нема враќање назад, во Русија под полна пареа забревта еден нов, Кисељовски тип на журнализам, кога пропагандата не ги следи настаните, туку таа ги води, а во некои безумни случаи дури и ги создава.

Таков феномен, кога традиционалните медими, засилени со новите СМИ како блоговите и социјалните мрежи, се ставаат 24/7 во полза на ширење полувистини, манипулации и лаги и кога државните СМИ не се ништо друго туку голо оружје во концентрирани секојдневни кампањи за клевета на поединци кои се против политиката на официјална Москва, се нема случено никогаш во историјата. Гебелс може само вода да ѝ носи на Володинско-Сурковската армија составена од стотици илјади режимски новинари, платени тролови и дискредитатори.

Една од жртвите на оваа совршена хајка е Иља Пономарјов, парламантарец во државната Дума избран како член на социјалдемократската партија Праведна Русија. Тој во 2012 им се придружи на Борис Немцов, поранешен вице-премиер, Алексеј Навални, антикорупционер, Михаил Касјанов, поранешен премиер, и редица останати предводници на анти-путинското движење во земјата. Пономарјов (39) е единствениот депутат од Думата кој гласаше против анексијата на Крим и кој поради прогонот се плаши од апсење или станување невиездној (забрана да патува во странство со одземање на пасошот од страна на полицијата), па тоа го натера од август 2014 да не се враќа во Русија. Со него неделава се сретнав во Вашингтон, во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, каде имаше излагање за ситуацијата во земјата и изгледите за промени.

Во текот на своето излагање и нашиот разговор подоцна тој укажа на неколку клучни моменти. Што се случуваше во 2014? Што треба да очекуваме од постапките на власта, каква е психологијата на Путин и какви изгледи има Русија до 2018, кога му истекува неговиот трет претседателски мандат. Ставовите на Пономарјов треба да се земаат сериозно, бидејќи тој, како депутат и претседавач на думската Комисија за иновации и вложен капитал, е во центарот на случувањата и има лично разговарано со Путин во многу прилики.

Во 2014 власта во Русија создаде лажна перцепција за Крим и за војната во Донбас. Таа изгледа вака: Крим бил секогаш руски, па редно било тогаш (во март 2014) да се врати назад. Доколку Украина не го отстапела Крим, ќе избувнела војна како денес во Донбас, бидејќи НАТО трупите дотогаш би ја зазеле руската воена база на Севастопол. „Тотално неоснована конструкција. Немаше да има никаква војна ниту на Крим, ниту во Донбас, ако ние не го окупиравме полуостровот. Но народот во тоа верува“, истакна тој.

Според Пономарјов, народната поддршка на режимот доаѓа од манипулацијата дека Русија не е во војна со Украина, туку обратно, дека „ние сме во мисија да ја ослободиме Украина од чизмата на НАТО и Америка“. На Запад и во Украина е општо познато дека Русија е таа што активно ги помага, тренира, координира, екипира и вооружува со лесно оружје и воена механика востаниците, и конечно ги помага со тајно испраќање на свои војници. Но, со постојаното спинување по националните телевизии за воените интервенции на Америка во Ирак, Авганистан и Сирија, на НАТО и американските интервенции во Србија и Либија, „Русите знаат дека Запад е тој што ѕвечка со оружје во Украина, дека неговата пропаганда ги зомбифицира Украинците, додека нашите сили таму се миротворци со задача ослободување на народот од декадентниот и развратен Запад и од 'укро-фашистите' кои ја приграбиле власта со воен пуч“.

Од внатрешно и регионално, одиме на меѓународно поле. После целосната реконфигурација на теренот и замрзнатите односи Запад-Русија, откако се увиде дека нема враќање назад, Кремљ започна една нова меѓународна кампања за изградба на конзервативна интернационала. „Мошне слично на комунистичката интернационала на Ленин и Троцки, но овојпат со неограничени средства и со навистина глобален опсег“.

Планот на Москва е нејзината конзервативна интернационала да биде ширена од радикалните леви и крајно десните традиционални сили на Европа. Овој квази-идеолошки конструкт се реализира преку директно влијание врз политички процеси и политичари во Европа и САД. Во Европа со неофицијални парични донации и поткупи на групации, движења и партии како од радикална лева така и од ултрадесна провиниенција, додека во САД преку официјални, како ангажман на лоби групи и непрофитни организации.

Се апелира и до едниот и до другиот камп, во една суптилно промислена и визуелно примамлива кампања со високо квалитетни медиумски продукти што се води на ТВ каналот RT, или агенцијата „Росија севодња“, глобалните медиумски платформи на Кремљ (вкупниот годишен буџет на двете СМИ е над една милијарда долари!).

Една од најистакнатите десничарски организации која се наоѓа на платниот список на Кремљ, која нашироко ја поддржува хомофобната агенда на Путин и има блиски врски со руските црковни лидери е американскиот Светски конгрес на семејства. Во Европа широкоградо се поддржуваат десничарски движења од Франција (она на Ле Пен), до Чешка, Унгарија и Грција (Златна зора). На пример, предвремените избори и „смената на власта во Бугарија во 2013 се дело на специјалните активности на широко распространетата руска агентура во земјата. Референдумот за отцепување на Шкотска е финансиран и од Кремљ, а ембаргото за храна е специјална операција да се мобилизираат европските земјоделци против своите влади “, вели Пономарјов.

Главната цел на конзервативната интернационала – забивање клин помеѓу Брисел и Вашингтон, постепено ослабување на институциите на ЕУ преку масовни протести, немири и конфликти во регионот на источна Европа (Трета светска војна?), и колапс на европскиот проект. На местото на ЕУ треба да дојде една друга ЕУ или Евроазиска Унија, со центар во Москва.

Конечно, Пономарјов даде оценка каков ќе биде резултатот од актуелната кризна ситуација во Русија. Најверојатно сценарио е дека земјата ќе заврши во фашизам во стилот на Франко, воден од милитаристи со искуство во војната во источна Украина поддржани од значаен дел на руската елита „бидејќи таа е составена од поголеми путинисти од самиот Путин“. Таквата промена на власта би била донесена или преку пуч на елитите, или преку изворна револуција, или пак би ја осмислил самиот Путин. Многу помала е веројатноста за либерална револуција, која исто може да се случи преку ангажман на елитите или со изворна народна кампања.

Има голема веројатност сите револуционерни сценарија да бидат придружени со крвопролевање и поделба на Русија на неколку делови, предупреди Пономарјов.

Тој укажа дека единствениот сигурен институт кој денес работи во Русија е самиот Путин, иако тој институт е целосно нетранспарентен и нема изгледи да се реформира. „Путин не влијае на системот, тој е системот“.

Соговорниците кои се соочени со него треба да знаат дека тој, како трениран КГБ оперативец, е брилијантен слушател, аналитичар и одлично рефлектира на информациите што ги прима. Од друга страна, тој е манипултор, нема стратегија и неговите методи се опортунистички. Има генерални, општи идеи за тоа што тој навистина сака, и бидејќи е добар слушател, тој го разбира народот, разбира кои се очекувањата што народот сака да ги слушне, вели Пономарјов.

Слики: Lars Daniel Rehn