Дали сте го сонувале овој човек? Илјадници Македонци тврдат дека го виделе во своите соништа

19.01.2015 01:10
Дали сте го сонувале овој човек? Илјадници Македонци тврдат дека го виделе во своите соништа

Скопје, 19 јануари 2015

Здружението на македонски психијатри (ЗМП) со седиште во Скопје вчера се огласи со соопштение за медиумите во кое се наведува дека последниве неколку години е забележано зголемување на бројот на Македонци кои тврдат оти во соништата им се појавува ликот на овој човек.

Од здружението, во кое членуваат сите психијатриски ординации и болници во државава, велат дека од 2006 година па наваму бројот на луѓе кои тврдат дека ликот на овој човек им се појавува во соништата е зголемен за над 1.900%. Нивните пациенти се жалеле на несоница, нервоза, кошмари, зголемен крвен притисок, намалено либидо, намалена волја и желба за живот, како и силни главоболки, предизвикани од појавата на овој лик. Станува збор за граѓани од различни етнички заедници, од различни старосни групи и различни полови, кои живеат во различни делови на земјава. Заедничко за сите нив е тврдењето оти постојано во соништата им се појавува ликот на овој човек, по што веќе не можат нормално да функционираат и да живеат.

Од ЗМП велат дека последниве неколку години бројот на нивни пациенти кои се жалат од ликот на овој човек е зголемен неколкукратно, и дека сè повеќе граѓани на Македонија се соочуваат со проблеми при нормалното живеење поради појавата на неговиот страшен лик. Поголемиот дел од нив никогаш не го сретнале овој човек во живо, но поради некоја причина, неговиот лик упорно им се појавува во соништата и им го нарушува спокојството.

Психијатрите велат оти постојат неколку теории за неговата појава, од кои како најблиска до вистината е онаа што ја следи теоријата на Јунг за колективната свест на луѓето, која вели дека ликот на овој човек е архетипска слика за ѓаволот која е присутна во свеста на македонските граѓани.

Друга, помалку веројатна теорија, е онаа дека ова е ликот на госпот, кој решил да земе човечки облик и да се прошета меѓу смртниците на земјата. Кон оваа теорија се повеќе склони оние лица кои пријавиле дека ликот на овој човек, освен што им се појавува во сонот, им дава и совети како да си го подобрат животот преку раѓање три деца, здрава исхрана и редовното плаќање на зголемените даноци. Психијатрите соопштуваат дека неколкумина нивни пациенти сериозно ги сфаќаат неговите зборови, по што кај нив се појавуваат психички и други здравствени проблеми.

Една од поинтересните теории е и онаа која вели дека овој човек е вистински човек со силни психички моќи кои ги користи да навлезе во нашата потсвест и да нè принудува да правиме нешта кои се косат со здравиот разум.

Постојат и теории кои тврдат дека овој човек е создаден од страна на пропагандната машинерија со цел богатите елити во земјава да ги држат во покорност и во страв останатите граѓани кои работат во интерес на нивното богатење.

Сепак, поголемиот дел од овие теории спаѓаат во областа на заговорите, и треба да се земат со одредена доза на резерва.


Засега психијатрите соопштуваат дека не нашле ефикасен лек против кошмарите предизвикани од појавата на овој лик. Тие не се откажуваат од борбата против ова, како што го нарекуваат, „зло“, и на граѓаните им препорачуваат дека со избегнувањето гледање телевизија и читање вести на интернет, значително се намалуваат симптомите предизвикани од неговата разорна појава.