Ќе шиеме чизмички за кучињата на Парис Хилтон!

20.01.2015 13:38
Ќе шиеме чизмички за кучињата на Парис Хилтон!

Во моментот кога од апелација стигна соопштението во кое се вели дека во Македонија никој не е невин ако не е осуден (Кежаровски кејс, м.з.), од доверливи извори добив транскрипти од еден разговор кој, се надевам, ќе ви ги разбистри изворите на личното и национално достоинство што во последно време така интензивно го чувствувате кога сте под дејство на алкохол или на некои халуциногени супстанции:

Махараџата од Ченаи рекол: Имате ли вие, господине, деловен простор во кој можеме да ја регистрираме нашата фирма?!

Надвојводата од Македонија рекол: Мислам дека има уште еден слободен кат во куќата на Миле Јанакиески во Прилеп!

Махараџата од Ченаи рекол: Се надевам дека некој од вашите ќе сака да ги пополни нашите формулари, можеби Венко Андоновски или Владо Камбовски!

Надвојводата рекол: Па... сега... тие се повеќе по биографиите, можеби е подобро да ги ангажирате околу животописот на вашиот прекрасен батлер или на коњот, но, ако инсистирате, в ред, ќе го средиме и тоа!

Махараџата од Ченаи рекол: Ќе ни требаат тавански простории со низок плафон?

Надвојводата не можел да се сети има ли или нема тренирано вакво прашање на Шител, но, се прибрал и рекол: Тавани, господине, имаме колку сакате, ама баш со ниски плафони, не ми се верува, ќе го прашам Милета!

Махараџата од Ченаи рекол: Уф, тоа може да претставува сериозен проблем!

Надвојводата рекол: Господине Махараџа, каков проблем, па ние можеме утре да го спуштиме плафонот на Соборниот храм во Скопје, или на Таџ Махал тука, на Градскиот трговски центар, или на претседателот Иванов можеме да му го спуштиме до нивото на пенкалцето за потпис на законите, какви тавани, какви бакрачи, кажете колку сакате да ви бидат спуштени плафоните и готово, сметајте дека работата е завршена, впрочем, верувам дека знаете дека Македонија е водечка земја во врска со решенија од гипс и стиропор во Европа!

Махараџата од Ченаи рекол: Толку спуштени што деца до петнаесет години возраст да не можат да стојат исправени!

Надвојводата рекол: Ќе ми дозволите ли, господине Махараџа, да ве прашам, зошто ви се деца до петнаесет години и зошто да не може цветот на нашата нација да стои исправен на некој наш односно нивен таван!?

Махараџата рекол: Наш таван, не ваш, не нивен таван, ќе ни дадете имотен лист за таванот пополнет од Андоновски и Камбовски, а плафонот треба да биде низок за да ги држи децата наведнати над машините на кои ќе шијат мали платнени чизмички за кучињата на Парис Хилтон! Мораме да им ги обезбедиме сите потребни услови да работат 24/7, тоа се ваши критериуми, зарем не!

Надвојводата од Македонија рекол: Да, да, а колку деца ќе ви требаат?

Махараџата рекол: Повеќе отколку на Субрата кравите Рој, господине, најмалку 200.000 обични деца, не деца бегалци, не, од нив бегаме, за чие ангажирање вие ќе треба да обезбедите законска рамка!

Надвојводата рекол: Нема проблеми, уште утре, најдоцна до три часот по полноќ, по широка јавна расправа, ќе донесеме закон за родителската одговорност со кој ќе можеме да ги казнуваме родителите чии деца до петнаесетгодишна возраст ќе ги затечеме неангажирани во некоја индиска компанија, доста беше тоа неработење, таа комуњарска комоција, мама меси тато носи, плус ќе можеме да ги казнуваме младите брачни парови кои во првите пет години од бракот нема да одгледаат макар три деца меѓу десет и петнаесет години!

Махараџата рекол: Одлично, господине, морам да ви признаам дека ние вакви услови не би можеле да добиеме ниту во Калкута, не знам дали знаете, едно средно згодно дете во градот на Мајка Тереза, не можете да го добиете под пет евра дневно!

Надвојводата рекол: Ех, пет евра, господине Махараџа, ние сме вредна нација, ние не сме материјалисти, кај нас децата учат на православна веронаука кај Агатангел дека треба да ги сакаат сите, посебно оние што ги притискаат, оние што им причинуваат зло... далеку од тоа дека вашата инвестиција ја сметам за зло, само сакам да ви доловам со каков прекрасен, однегуван, воспитан народ ќе се сретнете во нашата библиска земја, кај нас децата ќе работат за сладолед и три-четири евра, колку да имаат за интернет кај што на мобилни телефони обожаваат да ги гледаат предавањата на Жежов, Ачковска и Дардан Венетски, а и за мене, немојте да ме разберете погрешно, има значителен интерес!

Махараџата рекол: Јас сум импресиониран!

Надвојводата од Македонија додал: Јас би рекол, ако дозволите, тоа е нормална импресија, па Македонија е, ви се молам, најдоброто место за дуинг бизнис, но нешто друго сакав да ве прашам, зошто деца и зошто тавани?!

Махараџата: Деца затоа што разбравме дека возрасните Македонци се веќе свиткани во ’рбетот под нивото на нашите машини така што се сосема непогодни за нови дресури, а тавани затоа што ако сме пониско, на приземје, да речеме, децата ќе очекуваат да ги видат на улицата Диме Спасов и Лилето Поповска, па ќе чекаат овие да се натажат врз нивната детска судбина, знаете, ние сме предупредени дека тие ваши луѓе се многу секси кога се натажени, така што кој после ќе им рече на малите дркаџии да шијат чизмички за кучињата на Парис!

Надвојводата рекол: Дозволете сега да ве прашам нешто сосема вон темата за нашата економска соработка, кога дошол тука нашиот цар над царевите, нашиот шах ин шах, Александар Трети Македонски, како било тоа, многу сакам да ни раскажете за тој подвиг на Македонецот!?

Махараџата рекол: Кога дошол царот, поточно Господ во форма на Цар, изморен од големите битки со Дарие и со другите, посакал да се напие вода, му ја дале Брамапутра - ја испил, му го дале Инд и него го испил, на крајот и Ганг го испил и пак му било малку, толку бил жеден и со моќен срк, што на крајот морал да им ги испие и мозоците на луѓето пред да се смири скроз на скроз, ене го на градските гробишта на неиндијците, ако сакате можеме утре да појдеме свеќа да му запалите, да беше наш ние него ќе го запалевме!

Надвојводата рекол: Магнифисент, магнифисент, ох Махи, ох Махараџо, ем ќе објавиме дека први сме го откриле гробот на Александар, кој прв до гробот, негов е мртвиот, така ли, значи, наш, не на Грците!

Махараџата рекол: Сакам, почитуван Надвојводо, да ве прашам на крајот на овој пријатен и корисен разговор, дали се точни тврдењата дека во Македонија никој не е невин ако не е осуден, дури и на новинарот Кежаровски, слушаме, сте му ја ебале мајката?!

Надвојводата од Македонија рекол: Да, но тоа важи за македонските граѓани, за странските инвеститори важи правилото сите се невини додека имаат пари, не се секирајте, кај Германците или кај Шпанците, можеби, би имате проблеми затоа што тоа се нации што ја промашиле својата судбина, рекол Сјоран, а ние Македонците сме нација која се има промашено самата себе, ние сме промашен народ кој од што обожава да се заебава себеси, друг не е во состојба да заебе, не се секирајте, живели!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат