Грбот на најкревките крепи најмногу

21.01.2015 17:27
Грбот на најкревките крепи најмногу

Од почетокот на оваа година, хонорарците ќе треба да плаќаат дополнителни 25% на остварениот приход. Да се нудат решенија сега е веќе доцна, но кои се тие лица што ќе го искрепат овој товар? Лицата што остваруваат приходи по основ на договор за повремено вршење услуги се скоро најсиромашни, со просечен годишен приход од 78.038 денари. Правото за остварување пензија за овие лица изгледа како гулаб на гранка. За да остварат пензија, тие треба да имаат минимум 15 години работен стаж, а многу веројатно е дека овие лица не се ангажирани 12 месеци годишно, па тогаш овие 15 години ќе се претворат во 30. Нивниот и онака низок стандард дополнително ќе осиромаши.

Втората категорија лица што ќе плаќаат дополнителни 25 % се оние со приходи по основ на авторски права и права од индустриска сопственост, чиј просечен годишен приход е 152.273 денари. Ова се лица чиј стандард е на средината на скалата на доходот, но според просекот, повторно, тоа не се ни оддалеку богати лица. Дополнително, тие креираат авторски дела, па наместо истите да се стимулираат да го зголемат своето творештво и интелектуално да растат, тие ќе бидат дестимулирани да творат.

Не земајќи го предвид животниот стандард, постои и трета категорија врз која овие измени ќе се одразат негативно, а тоа се потенцијалните мајки и жените со семејни обврски. Поради обврските за раѓање и одгледување деца, работодaвачите гледаа на потенцијалните мајки како на дополнителен трошок и досега, и беа изложени на одбивање за нивно полно вработување. Сега, оваа мерка ќе им овозможи на работодавачите наместо договор за вработување да склучат договор за хонорарно ангажирање, со што дополнително ќе се отежни нивното вработување во полн работен однос.

Наспроти сето ова, постои друга категорија граѓани што нема да плаќа дополнителни придонеси на остварениот приход освен плата, и тоа: пензионери, приматели на дивиденди, кирии, капитални добивки и камати. Кои се разликите помеѓу оваа повластена категорија и онаа што ќе плаќа дополнителни 25%? Прво, заедничко за оние што нема да плаќаат е што се наоѓаат на врвот на скалата со просечни годишни приходи, од 180.419 денари за пензионерите, дури до фантастични 1.703.653 денари за оние што оствариле капитални приходи. Второ, некои од оние што нема да плаќаат имаат сигурен месечен прилив од камата или кирија, за разлика од хонорарците кои немаат сигурен прилив. Оттука, според разликите, не е тешко да се заклучи чиј грб ќе го крепи товарот од дополнителните 25%.

Благица Петрески, докторант
Главен економист во Finance Think

Извор: Economic Talks