Ех, да си имав розови очила, па да можев да гледам како што гледа Владата!

23.01.2015 03:53
Ех, да си имав розови очила, па да можев да гледам како што гледа Владата!

Ех, да си имав розови очила, па да можев да гледам како што гледа Владата. За мое добро. За да ми беа појасни некои работи. Претседателот го потпишал новиот закон, бидејќи му ветиле дека ќе има нов, кој наводно ќе биде направен по сеопфатна расправа? Значи, новиот не чини, па треба нов. Претседателе, извинете што вака прост смртник како мене не може да разбере толку мудар чин, ќе сакате ли да ми објасните за да подобро сфатам, ако нешто не чини (бидејќи ако чинело белким нема да правиме повторно потполно нов закон од бес. Или можеби тоа е тоа? Нонстоп нешто Ново!! Ново!!! Ново!!! Ааа, да, да, може на таа финта да се игра, не помислив на тоа) зошто да го прифатиме? Ако здравиот разум налага дека е полошо од нешто постоечко, зошто да го прифатиме само затоа што е „Ново!!!“, „Реформирано!!!“.

Ех, да си имав розови очила, немаше сè да гледам подобро, некои работи немаше воопшто да можам да ги видам. На пример, слично како министерот, и јас не ќе можев да видам зошто протестира народ ако Кежаровски е на слобода?! Ама сега, без очилата, на пример, гледам дека протесира затоа што не верува во независно судство. Затоа што смета дека е политички осуденик, затоа што смета дека е тенденциозно приведен со цел да се застрашат медуимите и јавноста, а можеби и зашто почнал да чепка во нешто што не требал. Гледам дека не протестира само против затворањето на Кежаровски, туку протестира против односот на власта кон новинарите, кон слободата на изразување, и против манипулацијата со граѓаните. И бидејќи во Владата сите си имаат розови очила, предлагам да си ги извадат, зашто им пречат да видат вакви работи. Или пак, ако мислите дека проблемот не е до очилата, туку до интелигенцијата на тие во Владата, предлагам реформи во Владата: од сега за министер само со положен тест за интелигенција - па белким во следната ќе има луѓе кои ќе разберат зошто протестирал народот.

Но, мислам дека не е ни едното ни другото. Ниту имаат розови очила ниту се глупави. Напротив, толку се паметни што се и лукави. „Џабе ви е сè. Ни се може“. Ете тоа им е мотото. И ако нешто треба да им се признае, тоа е дека одлично манипулираат со граѓаните. Таман се собра народ во одбрана на слободата на говорот и Кежаровски, и оп, Кежаровски е пуштен. Што сакате сега. И навистина, Народ збунет. Што сакаме сега? Ова го сакавме нели? Или не? Нешто смрди тука, ама што? Таман се собра толпа професори и студенти, и оп, ете го премиерот „Ајде во собрание“, ете ги викна, тие не отидоа. Нели тоа сакаа? И пак нешто смрди, смрди затоа што Премиерот не е тој кој е повикан да кани во собрание, тој е извршна а собранието законодавна власт. Тоа е како, да ве викне Премиерот „ајде ќе одиме во суд“. Едноставно нема таква надлежност. Но повторно џабе везам, кога му се може. Тоа и тој го знае. И игра на таа карта. Сè уште.

Студентски пленум најавува нови активности и бојкот. Нема проблем. Овој закон сега ќе влезе на сила, ама наскоро ќе има нов. Што сега ќе се бунат, кога ете, ќе има нов закон, ќе правиме анализи, ќе ги консултираме. Нема што да протестираат. А башка, нив не ги опфаќа. Што им е гајле. Стварно бе луѓе, зошто протетстираме и за слобода на Кежаровски кога нас тоа ама баш ич не нè засега. Не сме ние новинари. Тоа што се плашиме јавно да кажеме дека екстерното во училиштата е промашен концепт, дека градот ни се задуши не во ПМ-10 туку во споменици, дека не сакаме владата да ни гледа по банкарските сметки, дека не сакаме да плаќаме придонеси и здравствено од хонорарите затоа што за тие пари не добиваме подобри услуги – нема врска, нели? Пак сме збунети, ама додека се одбуниме - оп, нов закон, нови овластувања за владата, нови губења на права и слободи на народот. Нешто ни смрди, ама мислиме дека е веќе доцна да се реагира, дека до таму ќе се оди и нема повеќе. Дека ќе ни остават некои слободи. Може да се чувстуваме уплашено, непријатно, бесно, или збунето – и тоа е знак дека сме живи, дека има надеж за промени и дека има сила во нас која може да нè покрене. Но владата игра на таа карта дека нема. Дека ќе нè збуни. Дека ќе ни каже квазиаргументи, работи што не се причински-последично поврзани, и дека нас тоа ќе ни има смисла. Дека ќе ѝ поверуваме. А во случај да не поверуваме, дека ќе бидеме доволно уплашени за да се правиме дека ѝ веруваме. Ќе нè убеди дека 70% од населението ги поддржува нејзините политики и ќе игра на картата на конформизам. Дека штом 70% ја поддржуваат, тие 30% се грешка и подобро е за нив да се вклопат во групата, зашто никој не сака да е аутсајдер.

И така ни ги пере мозоците. Така успева од мнозинство што не ги поддржува нејзините политики да направи мнозинство што ги поддржува нејзините политики. Ова ѝ е јасно како ден. И си вели - баш ми е гајле, ми се може. И игра на таа карта – дека ѝ се може, дека ќе ги збуни луѓето. Ама сè додека има такви што не сакаат да бидат збунети, тасот од вагата на којшто седи психолошката моќ на владата ќе се поместува во корист на демократската моќ на граѓаните. Зашто, како што Владата работи 24/7, така незадоволстовто на луѓето расте 24/7, и како што владата нè бомбардира со реформи, луѓето ја бомбардираат со незадоволство. И како што ќе отстапува од нејзините тврдокорни и тврдоглави политики, ќе ги губи и оние авторитарни поддржувачи, бидејќи ќе покаже слабост. А народот ќе се избори за демократија. Бидејќи во реалноста, таа не се добива – таа се освојува. А сме ја заслужиле.

Сликa: Kojiro Ankan Takakuwa