Доба на десетте пороци

23.01.2015 11:34
Доба на десетте пороци

Интересно е кај нас што ништењето на националната гордост - да ја употребиме таа патетична фраза - не доаѓа од некакви анархисти и космополити, туку од власта која за себе ја продава сликата како националистичка. Необично е што понижувањето и исмејувањето на македонскиот идентитет секојдневно, веќе осум години, без запирање, е клучната задача на режимот што владее со Македонија. Да илустрирам: целата здружена антимакедонска пропаганда на Србија, Грција и Бугарија изминативе децении не може ни да се приближи во штетноста (по македонската кауза) што за само осум години ја произведе една власт ‒ едновремено имбецилна и неверојатно ентузијастична во својата глупост ‒ на лекоумни и лакоми предводени од Среќниот ќор ќутук.

Дури и да ја гледаме само интернационалната штета што за македонската кауза ја направи груевизмот ‒ обемот е немерлив. Милијарди грчки лобистички пари, на пример, не можеа толку да ја оцрнат сликата на Република Македонија како епохално идиотскиот проект СК014. Никој поубедливо не ја покажа лажноста на „груевистичкиот македонски идентитет“ од стиропорните фасади на СК014. „Вештачката нација создадена од Коминтерната“ пред осумдесетина години груевизмот ја закопа под темелите на својот Дизниленд, т.е. ја фрли зад кулисите на вештачкиот град Грујоленд.

Следствено на тоа, уште поголема е внатрешната штета што ја предизвика до границите на бурлеската неодговорниот режим на лажниот пастир. Македонството денес, наместо длабочина, посветеност, солидност, континуитет, мистика, зрачи: површност, вулгарност, евтиност, манипулативност, лага... Македонството денес како да излегува од опскурни пиар агенции и од неталентирани карикатуристи, а не од умовите и срцата на најдоблесните и најразумните Македонци.

На внатрешен план, значи, најголемото понижување спрема нацијата режимот на лакомите лекоумници го изврши со тоа што граѓаните (ако сакате: МАКЕДОНЦИТЕ) ги претвори во слуги, измеќари, накиснати глувци и исплашени марионети. Но, груевизмот во речиси безвредни политички жетони (кои на колена рмбаат за локални и белосветски робовладетели за 200 евра плата) не ги претвори само огромното мнозинство сиромашни, туку целокупната македонска „елита“!

Затоа велам дека груевистичкиот потфат ‒ освен што е чудесновишно глупав и како таков ќе се изучува како посебен историско-политички феномен ‒ е и фасцинантен, оти најмоќните протагонисти на режимот всушност се најпонижените црвци што претаат во калта на градилиштата на виртуелноста! Имате парадокс: колку што се помачоистички, побестрашни, покрвави, храбри и луди новите култови на од отпадоци зашиениот Новомакедонец (Ќосето како универзален модел), толку во градежната прашина се поситни првосвештениците на режимот! Црви и брзоноги накиснати глувци ‒ корифеите на власта! Што се туткаат во подножјата на споменици како мувла или ’рѓа! Или како дотрпезни кучиња затекнати на гозба! Сè подебели и сè подебили! Ненадејно најадени ‒ а јадни! Чиниш жедни ко отруени стаорци! Чиниш отруени стаорци, ама земјава ја ишмукаа ко пустински талкач портокал! И згора на сè, како што врви времево ‒ кој од кој се поисплашени! А не се плашат само од самите себе, од семоќната Фамилија, туку се исплашени и од сè друго!

Ако денес, после осум години терор и со ништо и од никого ограничена моќ (=семоќ) олку се исплашени (и Фамилијата и нејзините опслужувачи), што ќе биде со нив кога ќе ја напуштат власта?! Велам, како наутро можат да се погледнат во огледало сите тие слуги на имбецилниот режим?! Сите тие бизнисмени, антички идеолози, локални и централни дрматори, со целата своја натрупана моќ (за само осум години си направија приватна држава, колку што на една добро организирана мафијашка банда ѝ треба рекетарски да завладее со кварт на голем град), како можат да се чаталат со неограничената моќ, а да се суштински безвредни дибеци, шапшали, апаши и слуги?! Ликови како излезени од некаков пресвртен Кафка: од инсекти се сториле личности!

Ете, тој момент во груевизмот ми е несфатлив, па и фасцинантен. Нема ли барем еден, ако не паметен, ако не визионер, ако не сплеткар, ако не предавник, има ли во нивните редови барем еден наивен МАКЕДОНЕЦ, со наивно патетично национално чувство, кој нејќе да биде слуга туку сака да биде горд?!

Прост е одговорот: меѓу нив такви нема! Груевистите се оперирани од ум на срце. Кичот е кичмата на нивните зачмаени умови. (Ненад Величковиќ) Затоа тврдам дека груевизмот е навреда за македонството, најдлабока и најфатална. Заради тоа не верувам дека кон главните протагонисти на ова политичко-културно зло кога било во иднина и кој било ќе има милост (доколку вака згазени воопшто имаме некаква иднина; иако, ќе пушти пирејот жилички, никогаш не било без некако да било). Но, велам, милост нема да има не толку поради тоа што груевизмот длабоко и лично ги понижи речиси сите Македонци (во смисла на граѓанска припадност), туку затоа што фатално ја понижи самата идеја за македонството, исмејувајќи ја на најступиден и најбесрамен начин. Ми се чини дека токму тоа историјата (т.е. идните, поумни Македонци) нема да може да му го прости на ова забегано криминално-политичко здружение.

Како накусо би го опишале груевизмот? Владеење на најлошите. На оние што ги сошија во едно чмарот, устата и половите органи на новиот франкенштајновски Македонец. Има и еден згоден персиски израз што го лови сегашниот македонски миг: „Дах ак“ ‒ десетте пороци. Името настанало според името на тиранинот Захак кој бил озлогласен поради десетте телесни и душевни мани: грдотија, низок стас, прекумерна гордост, непристојност, прождрливост, грубост на зборови, суровост, брзоплетост, лажливост и кукавичлук. Живеевме во Доба на десетте пороци кога со темниот вилает владееше овдешниот Захак ‒ Среќниот ќор ќутук.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото