До кога ќе го уриваме режимот со логиката на режимот?!

23.01.2015 15:52
До кога ќе го уриваме режимот со логиката на режимот?!

Режимот во 2015 година продолжува со сериозни и несфатливи киксови. Покажа невидена ароганција кон младите и иднината. Ги навреди професорите и учените луѓе. Немилосрдно и нереално удри по џебот на сите граѓани. А, сега, по којзнае кој пат, пак се изживува врз Кежо.

Македонија се соочува со поулавен, но и со навидум комплетно излезен од реалноста режим. Немаме опозиција која би ја искористила ситуацијата, но имаме најголемо опозициско расположение од кога било досега. Тоа е во воздухот, тоа се чувствува.

Дека таа состојба е осудена да расте и да се развива, сè до конечно политичко артикулирање и масовно народно дејствување, е повеќе од јасно и тоа е нешто неминовно. Јас сакам тука повеќе да ги анализирам причините кои сè уште нè кочат во финалниот исчекор, кој, ќе нагласам, е есенцијално политичко-социо-културолошки, а не партиски, но и да го констатирам задоволството од нашата можеби маргинална, но сè поактуелна демократска метаморфоза.

Ќе почнам со повлекувањето една линија помеѓу врската што постои кај потчинетоста и побуната. Сум пишувал и порано, и еднаш мора да разбереме, дека суштински нашето ропство е волунтаристичко.

Аголот од кој луѓето најчесто ги гледаат работите е оној на интериоризација на постојниот поредок, систем и логики, со силни автолезионистички ефекти од страна на потчинетите, нешто што директно влијае на можноста и способноста, тие да го согледаат самиот поим на прекршување, надминување и ослободување.

Основниот антагонизам почнува од тоа како си го претставуваме реалното: односно преку отстранување на основите на кои почива легитимитетот, пред сè културен и морален, на доминаторот. Нашето најголемо ропство е што сме жртви на моралните модели на режимот кој целосно го монополизираше и го киднапираше општеството.

Мислам доволно ви е јасен примерот со „стокхолмскиот синдром“ и со психолошката потчинетост, која се граничи со вљубеност во логиките на нашиот киднапер. Ослободувањето доаѓа само на еден начин: подривајќи го моралниот авторитет на страдањето и опресијата, и тоа е главната културолошка мисија на која било потчинета група.

Тоа ослободување мора да дојде преку наша автентична и искрена нарација и дејствување, преку гордо и храбро застапување на нашата и нашите различности и обединување низ тој процес. Зошто мора да избегаме што подалеку од логиките на авторитетот и на авторитарното мнозинство?! Зашто моќта преку својата пропаганда, систем, говор, акција, нивните модели, се всадуваат во мозоците на потчинетите како осигурување, но и како превентивна грижа на совест или страв од можните трансгресии или агресии.

Затоа и ни е толку тешко да излеземе од политички-културниот модел на режимот, зашто постојат свесни и несвесни активни колаборационисти, но постојат и пасивни колаборационисти кај потчинетите, нешто што сериозно му ја поедноставува и поевтинува работата на доминаторот.

Денес проблемот е далеку посериозен. Ние мислам дека темелно го разработивме критичкиот пристап кон режимот во позитивистичка смисла. Да ги искористам зборовите на Русо, почнавме да ги препознаваме и признаваме прангите за она што се, а не да си претвораме во цвеќиња. Но, сега предизвикот е друг - како прангите да не си ги ставаме меѓу самите нас, критичарите, додека глумиме како си подаваме цвеќиња, и на тој начин да се дефокусираме од потенцијалот на бунтот насочувајќи го кон ново-старите културно-политички догми и монополи. Како што рекол психоаналитичарот Бруно Бетелхајм, врвот на бруталноста во нацистичките лагери се случувал токму помеѓу различните групи на заробеници кои заемно си ја нанесувале. Ние денес сме по малку такви, мислиме дека треба да го преземеме или сами ни извираат логиките и методите на режимот, се разбира не во насилна смисла, но секако во мислечка и дејствувачка.

Нашиот најголем предизвик во иднина е како да формулираме и артикулираме некаква форма на субјективен и организиран колективитет кој би обезбедил опозиционо политичко присуство. Но, и во исто време, токму поради културната доминација на режимските логики, како да се стремиме кон хетерогена и неуниформирана, неунисона критичка и интелектуална маса. Различието треба да биде нашето погонско гориво, нашиот хоризонт кон кој ќе се стремиме. Затоа што едно е да се биде заедница, а друго е да се биде само контролирана толпа. Ова го зборувам под услов да сакаме утре да градиме поинакво општество, а не само да го срушиме постојниот поредок.

Со други зборови, ние сè уште, во најголем дел, протестот и индигнацијата ги реализираме според логиките на режимот, во рамките на една логика која сакаме да ја надминеме. Или, ако успеавме да сфатиме дека нашeто ропство е пред сè самонаметнато, сега треба исчекор за да разбереме дека и нашето ослободување не смее да биде наметнато.

Ете, стариот режим никогаш не е загрозен од инстаурација на еден нов систем, сè додека новото не е комплетно алтернативно, способно да ги предизвика и оспори не само социјалните и економските приоритети, туку пред сè оние моралните и културните. И како што незадоволството кај луѓето расте, тоа се трансформира во бунт или револуција, не само ако формулираме одговор дали повеќе им треба старото социјално-политичко уредување, туку и дали алтернативата покрај социјален, има и културно-морален одговор.

Режимот одамна ги има истрошено своите општествено-економски процеси, тие одамна се гнили круши кои некои сè уште ги собираат од земја. Тоа што потешко се нагризува е идеолошката операција на општествено и психолошко влијание, нешто што ни има направено ние во целост да ги метаболизираме простите логики и пораки на режимот, кој секогаш функционира на големи броеви.

И погледнете, пред секоја ризична или тензична операција, за време на секој протест или критика, колективната мисла најчесто механички се позиционира кон рецептите на режимот, додека самата мисла и суштина која произлегува од критичкото јадро останува ограничена во тесни рамки. Поинаку кажано, и најбезобразната опресија и понатаму доминира и победува, затоа што речиси сите го говорат и го разбират нејзиниот јазик. Тоа е стапица за критичкото јадро, говорејќи популарно или со јазикот на режимот, следејќи ги некогаш неговите логики, само го ослабува пропагирањето на својата суштинска содржина.

Излез нема да најдеме по тој скратен пат, туку само преку комплетно редифинирање на вредностите и преку фиксирањето на сосема нови форми на соживот и заедништво.

Токму затоа веднаш по протестот за Кежо напишав дека ми пречи херојството и триумфализмот во борбата против режимот. Ми пречи илузијата, ми пречи говорот кој не е автентичен, туку преземен од логиките на режимот.

Студентите немаа потреба од таков дискурс, а сепак нивниот пркос беше препознаен и наликуваше на суштинска победа. Не е поентата да создаваме атмосфера на успеси, на моментни слави, брзи екслозии кои наместо да ја раздрмаат јавноста, ќе испарат во нејзините очи.

Има и нешто нарцисоидно во таквото поведение, нешто себично, нешто ексклузивно, што е спротивно на битката која допрва ќе биде долга и истоштувачка. Треба уште да учиме, да се поправаме во градењето потрајни заедници и коалиции, треба да работиме на долги патеки, со искреност да го освестиме и поттикнеме нашиот народ на промени.

Знаете, јас не ја прифаќам менталната дупликација ала доктор Џекил и мистер Хајд, каде во исто време ќе бидеме жртви и херои, кои, сепак, наивно гарантираат хепиенд, всушност само потхранувајќи ја нашата склоност кон себезалажување.

Малку и за добрата страна на нашиот пркос кој по својата природа, се разбира, ограничена, сè повеќе демонстрира хетерогеност, но не на сметка на критичката мисла и демократските принципи. Нашата политичка метаморфоза напредува токму преку различностите кои се вонинституционални, самообразувачки, солидарни и обединети во суштината: крај на старата политика и механизмите на режимот, и директно влијание врз одлуките и акцијата која ги засега и одредени категории, но и сите граѓани.

Политиката е мртва во политичките партии и во тесните кружоци, но станува сè пожива во општеството. Со сите резерви кон ембрионалноста на овој процес, тоа е видлива тенденција која може да заживее и да се омасови, само преку избегнување на опозициски монополизми. Новиот политичар, а тоа е секој граѓанин што протестира, е неверојатно жива материја која во Македонија почнува да го гради автентичниот политички принцип, кој никогаш порано не сме го имале. Демократијата, со сите резерви помеѓу нејзините институционални и улични манифестации, кај нас, на микро ниво, тивко вдахнува и охрабрува сè поголем број на луѓе, полека се претвора во „форма на живот“.

Настрана семантичките дистинкции за „демократијата“, кај новите движења е забележлива идеја и пракса која придонесува не само кон стерилни и реторички апели за демократија (нешто што го прави опозицијата), туку нивната акција свесно е надвор од традиционалните политички организации и логики, зашто во исто време бараат заеднички именители за што поголем број граѓани, одбиваат да си дадат лидер и програма, и стратегиски бираат ненасилно да се конфронтират и да антагонизираат. Денешните протести, повикувајќи се на демократските принципи, успеваат во двојна задача: да го свртат нашето внимание дека апсолутно не живееме во демократско општество, и второ, за сите да размислат и сфатат, односно, колективно да согледаат што навистина значи да се живее во демократија, што навистина е демократијата.

Со други зборови, се живее демократија или демократијата станува форма на живот, тогаш кога ја перцепираме во нејзината несовршена смисла. Демократијата е секогаш демократија која треба да биде, која ќе биде, ние сме тука тој следен чекор да го реализираме, од сега до бескрајноста.

Ете, затоа, денешните протести артикулираат едно отфрлање, но и една аспирација која пред сè е политика и е политичка. Ни станува јасно дека јавните проблеми неминовно се поврзани со она што го сочинува нашиот секојдневен живот во општеството, и оние што тоа го искусуваат се најповиканите и најквалификуваните во однос на него да најдат решенија. Затоа, секој граѓанин, исто колку и секој друг граѓанин, е одговорен за судбината на колективитетот во кој живее. Затоа, граѓаните денес не сонуваат или само ветуваат поинаков свет, туку активно го градат, менувајќи го со тоа и начинот на кој мислат и на кој живеат.

Извор: www.plostad.com.mk
Слики: Алекс Солис

ОкоБоли главаВицФото