Сите ние сме... допишете сами

24.01.2015 11:48
Сите ние сме... допишете сами

Светот со ужас реагираше на убиствениот напад на францускиот сатиричен весник Шарли Ебдо. Во Њујорк Тајмс, стариот дописник од Европа, Стивен Ерлангер живописно го опиша она што следеше непосредно потоа, а многумина го нарекоа 11 септември во Франција, како „ден на сирени, хеликоптери во воздух, френетично објавување вести; полициски кордони и анксиозни маси; мали деца кои од училиштата беа одведени на сигурно место. Тоа беше ден, како претходните два, со крв и ужас во, и околу Париз“. Големото негодување ширум светот го следеше рефлексијата за длабоките корени на ова ѕверство. „Многумина претчувствуваат конфликт на цивилизациите“, пишуваше во насловот на Њујорк Тајмс.

Реакцијата на згрозеност и одвратност заради злосторството е оправдана, како што е и потрагата за подлабоките корени, сè додека постојано имаме на ум некакви принципи. Реакцијата би требало да биде потполно независна од она што некој го мисли за овој весник и она што тој го произведува. Страсните и сеприсутни повици „Јас сум Шарли“, и сличните, не би требало да значат, ниту да најавуваат, каква било врска со тој весник, барем во контекст на одбрана на слободата на говорот. Тие повеќе би требало да ја изразат одбраната на правото за слободно изразување, без разлика што мисли некој за содржината, дури иако тоа се смета за омразено или изопачено.

И, тие повици би требало да изразат осуда на насилството и тероризмот. Првиот човек на израелската Лабуристичка партија и главен предизвикувач на претстојните избори во Израел, Исак Херцог, е во право кога вели дека: „Тероризмот е тероризам. Тука нема дилема.“ Исто така, тој е во право кога вели дека: „Сите нации кои тежнеат кон мирот и слободата, се соочуваат со огромен предизвик“, кој им го поставува убиствениот тероризам – оставајќи ја настрана предвидливо селективната интерпретација на тој предизвик.

Ерлангер живописно ја опишува сцената на ужасот. Тој цитира еден од преживеаните новинари кој вели: „Сè се сруши. Не можеше да се излезе надвор. Димот беше насекаде. Беше ужасно. Луѓето врескаа. Беше како ноќен кошмар.“ Другиот преживеан новинар извести за „голема детонација, и сè се стемни.“ Таа сцена, извести Ерлангер, „беше сè попозната сцена со скршено стакло, срушени ѕидови, превртени греди, запалена боја и емотивна девастација“.

Меѓутоа, како што денес нè потсетува Дејвид Питерсон, тие цитати не се од јануари 2015 година. Напротив, тие се од статијата на Ерлангер од 24 април 1999 година, која беше објавена дури на шест страници во Њујорк тајмс, не допирајќи го значењето на нападот на Шарли Ебдо. Ерлангер известуваше за „ракетниот напад на седиштето на српската државна телевизија“, од страна на НАТО (што значи САД), кој „го прекина емитувањето на Радио Телевизија Србија“.

Следуваше официјално оправдување. „НАТО и американските официјални лица го бранеа тој напад“, вели Ерлангер, „како тенденција да се ослабне режимот на претседателот на Југославија, Слободан Милошевиќ.“ Портпаролот на Пентагон, Кенет Бејкон, на брифингот во Вашингтон рече дека „српската телевизија подеднакво е дел од убиствената машина на Милошевиќ, колку и неговата војска“, и заради тоа беше легитимна мета за напад.

Југословенската влада рече дека: „Целата нација е со нашиот претседател, Слободан Милошевиќ“, извести Ерлангер, додавајќи дека: „Не е јасно како владата го знае тоа со толкава прецизност.“

Никакви слични зајадливи коментари не доаѓаат предвид кога читаме дека Франција ги оплакува мртвите и светот е згрозен од стореното ѕверство. Исто така, не треба да има испитување на подлабоките корени, нема подлабоки прашања за тоа кој ја претставува цивилизацијата, а кој варварството.

Сепак, Исак Херцог, греши кога вели дека: „Тероризмот е тероризам. Тука нема дилема.“ Дефинитивно, постојат две можности: тероризмот не е тероризам кога е изведен многу потежок напад од страна на оние кои се Праведни, благодарение на сопствената моќ. Слично, нема напад на слободата на говорот кога Праведните ќе уништат телевизиски канал кој ја поддржува владата што е цел на напад. Според истиот принцип, можеме лесно да го сфатиме коментарот во Њујорк Тајмс на адвокатот за граѓански права, Флојд Ејбрамс, кој е познат по својата силна одбрана на слободата на говорот, дека нападот на Шарли Ебдо е „најопасниот напад на новинарството во живото сеќавање“. Тој е сосема во право во поглед на „живото сеќавање“, кое внимателно им ги доделува на нападите на новинарството и терористичките акти на нивните соодветни категории: Нивните, кои се морничави; и Нашите, кои се полни со доблест и лесно се отфрлаат од живото сеќавање.

Исто така, би можеле да се потсетиме дека ова е само еден од многуте напади на Праведните на слободата на изразувањето. Да наведам само еден пример кој лесно беше избришан од „живото сеќавање“, нападот на Фалуџа од страна на силите на САД, во ноември 2004 година, што е едно од најголемите злосторства на инвазијата на Ирак, почна со окупација на општата болница во Фалуџа. Се разбира, воената окупација на болницата, самата по себе е сериозно воено злосторство, дури независно од начинот на кој е спроведена, статијата од насловната страна на Њујорк тајмс, заедно со фотографија која го прикажува злосторството млако известуваше за тоа. Приказната зборува дека: „Пациентите и вработените во болницата биле избркани од собите, од страна на вооружените војници и им било наредено да седат или да лежат на подот додека војниците им ги врзувале рацете зад грб.“ За тие злосторства се известуваше како за многу заслужени и оправдани: „Исто така, офанзивата го изгасна она за кое офицерите рекоа дека е пропагандно оружје на милитантите: општата болница во Фалуџа, со поплава извештаи за цивилните жртви.“

Очигледно дека на таквата пропагандна агенција не смее да ѝ се дозволи да ги исфрла своите вулгарни опсцености.

Извор: http://chomsky.info