Вербалните деликти на Шилегов!

25.01.2015 16:33
Вербалните деликти на Шилегов!

Многу е важно да имате точна дефиниција на состојбите и процесите. Ако имате политички непосредуван однос со јавноста и со стварноста, тоа не е тешко затоа што драматичните аспекти ѝ помагаат на стварноста самата себе да се дефинира. Но, кога мисловниот и емотивниот апарат ќе ги оптоварите со својата функција и со очекувањата не на луѓето туку на своите стерилизирани партиски шефови, добивате вакви конструкции:

„Случајот со новинарот Томислав Кежаровски, за жал, е доказ за целосен крах на извесни сегменти на македонското судство, особено на делот кој работи во сузбивање на организираниот криминал. Да осудиш новинар за напишан текст е повторно воведување на мала врата на вербалниот деликт во Македонија, односно да одиш во затвор за напишан збор. Тоа е она што власта сака да ни каже, да ни прати порака. Во седумдесетина година правна историја во Македонија нема затворено новинар за напишан текст“, вели портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

„Целосениот крах на извесни делови на судството“ израснува во целосен крах од аспект на човекот кој не знае дали ќе му се падне правата да ги остварува во крахираниот или во некрахираниот сегмент на судството, а кога е тоа така целиот систем е крахиран до мерка која на сите осудени и на тие што ќе бидат осудени им дава презумција на невиност. Зошто му е на Шилегов оваа деликатност која нема основи во стварноста?! Се разбира, комплетниот крах не значи дека со некоја магнетна резонанца не може да се пронајде и по некој стручен и чесен судија со интегритет!

Што да се каже за вториот дел од изјавата?!

!Да осудиш новинар за напишан текст е повторно воведување на мала врата на вербалниот деликт во Македонија...!“

Каква мала врата и каков вербален деликт. Ако за случајот Кежаровски во македонскиот контекст вие вака ги оценувате работите, вие сте на линијата да нормализирате една ненормално ненормална работа, вие дури и не го осудувате режимот туку благо му префрлате што во една фино уредена и дизајнирана просторија на редот, правдата и среќата, подотвора едно мало вратиче за криминализација на вербалниот деликт. Растурено е во парампарчиња општеството, институциите и институционалниот ред, медиумите, образованието, сè, меѓународните позиции на државата, злосторничкото здружение на власта ја декапацитира и десубјективизира Македонија, а Петре Шилегов, односно СДСМ, ни откриваат дека „на мала врата се враќа вербалниот деликт!“ Дека на тој начин, со тој благ провев, режимот „ни праќа порака“!

Каква порака, бе, Шилегов! Твоето излагање е вербален деликт! Неверојатно е како комплетното раководство на СДСМ не е во состојба да каже нешто што би било минимално пристојно, нешто што би било во нормална комуникација со нашата усрана стварност!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња