Белград на вода и неговите поданици

26.01.2015 11:38
Белград на вода и неговите поданици

Кога се вели Белград на вода, која е вашата прва асоцијација? Прашањето за новиот изглед на Белград, прашањето за парите, прашањето за односот на струката кон тој проект...

Ксенија Петовар: Маркетингот. Затоа што сето тоа заедно личи на некаква приказна. Слично, како и проектот планиран на истиот тој простор – центарот на неврзаните... Секој што бил во ситуација да може да одлучува за градскиот простор, размислувал што може да креира во тој простор на савскиот амфитеатар. Тој простор е неизграден, а во изграденото градско ткиво веќе не можат да се остваруваат радикални рушења на таканаречениот булдожерски урбанизам. Кога ќе ја погледнете картата на Белград, тоа де факто е центарот на градот, а не овој гребен што се создаде кај Калемегдан и тоа не е никаква нова перцепција за Белград. Ако се појде од тоа дека се работи за идниот центар на Белград и дека секој град излегува на брег од река, но не на тој начин што ги подарил некому или направил затворен простор, тогаш е јасно дека речните крајбрежја, пред сè, се пешачки зони и други видови јавни простори. На пример, земете го Бостон и другите американски градови, а да не зборуваме за европските градови. Според мојот суд, проблемот со Белград на вода се состои во тоа што, наместо да се оди со концепт како тој дел од градот да се интегрира во градскиот простор, како да се обезбеди тој да биде подостапен за граѓаните, затоа што тоа е поентата на урбанитетот на градскиот простор, сега се оди кон маркетингот. Проблемот е и во тоа што јавноста знае многу малку за тој проект, односно не ги знае клучните одредби на спогодбите и договорите. Се даваат 100 хектари градски простор, а ние не знаеме што има во тој договор, чиј правен систем ќе важи во тој договор, чии стандарди ќе важат, дали можеби ќе се случи тоа да биде една заградена, односно социјално, културно и просторно изолирана заедница, дали граѓаните на Белград ќе имаат пристап таму и кој ќе ги купува тие станови.

Меѓутоа, вие велите дека Белград на вода не е исклучок во белградскиот урбанизам, туку повеќе претставува континуитет...

Да, само што ова сега е прашање за волуменот, станува збор за 110 хектари, а не за 5 хектари, а тоа сè уште не е забележано. Има различни проекти кои се инкомпатибилни со окружувањето, како пасарелите на калемегданската тврдина или проектот на Заха Хадид кај „Беко“... Постојано се интервенира во старото градско јадро, но не на начин со кој тоа ќе се уреди, граѓаните да се стимулираат да ги поправат фасадите, да се исчистат тротоарите од автомобилите, да се направи градот подостапен. Тоа никого не го интересира, но затоа постои интерес во центарот на градот да се пикне некаков шопинг мол. Најдете ми европски град во кој во самиот центар на градот има шопинг мол. Дали Јанковиќ, кој го доби третиот мандат во Љубљана со 65 проценти од гласовите, доколку смислеше на Tromostovlje или понатаму да прави шопинг мол, ќе добиеше и еден процент од гласовите? Ние немаме одговор на прашањето какви просторни и сообраќајни импликации ќе има формирањето шопинг мол на овој простор, дали тоа ќе предизвика сообраќаен колапс во околните улици.

Кога зборуваме за континуираниот урбанистички хаос во планирањето на Белград, кои се вистинските причини кои стојат зад тоа?

Многу градби, изградени во старото амбиентално јадро, имаат привремена дозвола. А, привремената дозвола беше воведена во 1985 година за да се премости проблемот на рестриктивниот урбанизам кој не издаваше дозволи додека не биде завршен планот. Градот воведе привремена дозвола за објекти од 50 квадрати кои сопствениците можат да ги уредуваат и адаптираат, па ако се вклопат во новиот план, тогаш објектите ќе останат, ако не, тогаш ќе бидат срушени. Меѓутоа, злоупотребата на привремената дозвола започна веднаш по нејзиното донесување: со привремена дозвола е изграден трговскиот центар во улицата Сремска, поголем од илјада квадрати, зградата на Пинк, Стакленац на Плоштадот Република, зградата на Југодрво покрај Народниот театар... За жал, овде е вообичаена практиката дека оној момент кога ќе се донесе некој пропис, тој да се донесе така што ќе може да биде прекршен. А, најстрашно е тоа што имаме политичка и стручна елита која апсолутно заедно работи на кршење на тие прописи и на кои им е дојдено до законот, колку и до минатогодишниот снег. Сигурно ја знаете познатата изјава на поранешниот министер за урбанизам, Вељо Илиќ, кога новинарите го прашаа како може да гради болница без дозвола: „А, што ќе ми е дозвола кога тоа е моја приватна парцела.“ Значи, нема никој во тоа министерство кој ќе му каже на министерот дека не може да гради без дозвола, нема автономни експерти, па така секој може да ја гази струката затоа што не постои автономно професионално здружение. Еве, адвокатите првпат покажаа дека имаат некакво свое сериозно професионално здружение и рекоа: „не сакаме“. Инженерската комора има 2 200 членови и таа нема да заштити некој свој член доколку одбие да работи проект за нелегален објект. Во оваа земја на секој архитект му е јасно дека може да прави проект за нелегален објект и да не ја изгуби лиценцата заради тоа. Кога ја прашав мојата колешка Мира Милановиќ, една од главните урбанисти на Амстердам, што би се случило таму кога архитект би работел проект кој нема урбанистичка дозвола, таа ми одговори „тоа е многу интересно теоретско прашање“. За неа, тоа е теоретско прашање. Затоа што, во Холандија не се случило нешто такво 200 години.

Дали граѓанинот може да ги пробие тие ѕидови кои во спрега ги изградија политичарите и експертите?

Може, ако се здружи. Овде постои прифатен дуализам дека спротивно од граѓанинот е селанецот, а тоа воопшто не е точно. Знаете што е спротивно од граѓанинот? Поданикот. За жал, ние немаме граѓанин како активен актер во обликувањето на секојдневниот живот, особено во донесувањето одлуки, во почитувањето на прописите итн. Денес, во европските градови не можете да спроведете ниту една одлука ако немате согласност од локалните заедници, граѓаните... Тоа не е од вчера, туку од пред 30-40 години, уште кога граѓаните на Стокхолм се кренаа и рекоа „не дозволуваме да го сечете дрворедот“. Од друга страна, професионалните здруженија во земјите од Европа ги прифатија активните граѓани, како што беше случај со Ковент гарден во Лондон. Професионалното здружение прво беше на страната на урбанистите и политичарите кои сакаа да ја уништат таа четврт, па потоа сепак ги прифатија ставовите и барањата на граѓаните. Тоа е многу макотрпен пат. Еве, на пример, за оној несреќен парк „Bencion Buli“ ние се бориме 40 години. Толку години траат нападите тој парк да се претвори во градежна парцела. Но, се бориме. За последниот обид од пред една година, Општината Савски венец ги повика граѓаните да ѝ помогнат во заштитата на тој парк. Значи, се случи и тоа. И, тука локалните самоуправи полека почнуваат да соработуваат со граѓаните. И тука се прават тие чекори, и ќе се прават сè повеќе и повеќе.

Кога станува збор за Белград на вода, знаеме дека имаше трибини во ЦКЗД (Центар за културна деконтаминација во Белград), имаше своевидни протестни перформанси во Собранието на градот... Дали тоа е доволно?

Мислам дека е многу важно граѓаните што повеќе да се ангажираат и да сфатат дека без нивниот ангажман ништо во оваа држава не може да се промени. Ако немаме граѓани, не можеме да имаме ниту пристојна власт. И, се надевам дека младите луѓе ќе сфатат, затоа што ситуацијата во Европа е сè потешка кога станува збор за вработување, дека овде треба да се бориме за една квалитетно поинаква и подобра урбана, социјална и културна средина. Еве, видовме што се случува со киното „Ѕвезда“. Дали некој сега ќе даде поддршка? Поддршката сега им е неопходна. Токму на тие млади луѓе кои покажаа дека имаат право на кино, право на град, право на култура. Тоа е протест на младите луѓе кои не сакаат повеќе да бидат дебилизирани преку телевизијата, преку Пинк, Гранд... Мислам дека е важно ваквите акции на младите луѓе да ги има сè повеќе. Што ќе се случи со Белград на вода? Очигледно, ние сега ја немаме таа моќ, а и власта е така организирана што нема отпор. Од тој проект веројатно ќе се направи нешто почетно, се плашам дека ќе вложат големи пари.

И ММФ почна да се распрашува за трошоците за Белград на вода...

Граѓаните и Србија се осиромашени, се намалуваат пензиите, платите, детските додатоци, а во просторниот план стојат почетни 480 милиони евра кои треба да се вложат во Белград на вода. И тоа без комплетна инфраструктура. Значи, ние воопшто не знаеме колку пари треба да се вложат до крајот. Во ребалансот на буџетот можевме да видиме дека за Белград на вода се планирани 0,2 проценти, што значи дека тој проект влезе и во буџетот.

Најпосле, нешто се прогласува за локација од посебен интерес за Белград. За Србија, а ние воопшто не знаеме зошто еден простор кој 60 проценти од површината би требало да има, пред сè, комерцијална и станбена намена, би бил од некаков јавен интерес. Ќе разберев доколку дојдеше Гугенхајм за да направи музеј, ќе разберев доколку беше направено што било од јавен интерес или барем да знаеме дека постои можност да привлече некакви туристи... Каков е јавниот интерес од бизнис и станбена градба? Дали навистина вреди граѓаните на Србија да вложуваат во шопинг центар, настрана како сето тоа ќе влијае и ќе го дезинтегрира Белград, но не гледам зошто граѓаните на Србија би вложувале половина милијарда евра за да се направи шопинг центар.

Во социјални димензии, како би можел да делува Белград на вода, од аголот на останатите жители?

Денес, постојат голем број градови во Азија и Африка кои имаат огромна сегрегација, социјална, економска, просторна.

Дали ние веќе имаме таква сегрегација?

Имаме, но, на пример, кај нас во лоша ситуација се ромските населби, неформалните населби и во таа смисла имаме најголеми контрасти. Сè уште немаме институционализирана сегрегација, но ќе дојде и до тоа. Сè зависи од тоа како ќе се развива градот. Ако бидат воспоставени минимални стандарди за домување и комунално уредување, тогаш и не мора да дојде до тоа. Меѓутоа, мислам дека прашањето за Белград на вода е сосема отворено, кој е тој што ќе купува станови од 400 000, па и повеќе евра. Во елитните зони во Белград, Дедиње, Сењак и Топчидер, имате станови во многу луксузни нови згради, кои не можат да се продадат за 2 000 евра по квадрат. Второ, стан во планираната „Кула“ не е само 3 000 евра по квадрат или 400 000 евра по стан, воедно, тука се и трошоците за одржување и тоа е она што ние воопшто не го разбираме. Трошоците за одржување во светот се задолжителна ставка, а кај нас се факултативни затоа што не се донесува соодветен и обврзувачки закон за одржување на станбените згради. Немаме одговор на прашањето кој ќе купува стан во Белград по цена од три до четири илјади евра за квадрат и месечно ќе плаќа трошоци за одржување од неколку стотици, а веројатно и над илјада евра.

Повремено, во текстовите на одредени експерти може да се слушне или да се прочита за различните проблеми за изградбата на Белград на вода. Дали мислите дека струката се слуша доволно гласно и, всушност, каков е нејзиниот став?

Мислам дека се молчи. Еве, на пример, коментарот на САНУ (Српската академија за науки и уметности) не е достапен на интернет. Знаеме дека постои коментар на САНУ, но не е објавен никаде или барем јас не можам да го најдам. Исто така, критиките најчесто се однесуваа на тоа дека мора да се спроведе јавен конкурс. Значи, никој не ја оспорува самата постапка за одлучување во тој проект. Концептот на тој проект не е предмет ниту на јавна, ниту на стручна расправа. Мене ми е сосема сеедно дали Белград на вода ќе биде или нема да биде на конкурс, мислам дека тоа е секундарно прашање. Вистинското прашање за концептот на развој на еден град, чиј центар е неизграден, кој треба да има некакви развојни шанси и преку јавна, стручна расправа да се дојде до прашањето кои се оптималните содржини, намени и функции на тој простор.

А, што, всушност треба да се изгради на просторот на Савскиот амфитеатар?

Доколку навистина се посакува сериозна расправа, тоа може да се артикулира за два до четири месеци. Сосема е јасно дека тој простор не може да биде монофункционален. Тој мора да биде полифункционален, претежно мора да ги има оние содржини кои ќе придонесат за квалитетот на градот, не само за домувањето и комерцијалата, туку мора да има и други активности, културни, образовни, спортски и многу други. Станува збор за крајбрежје, простор кој им е достапен на граѓаните за секојдневна употреба, треба да се приспособи за различни структури на граѓаните, од мали деца до стари луѓе. Во европските градови пред 30-40 години беше забележано повлекување од градовите и сосема поинаква демографска структура од денешната. Семејствата со мали деца не живееле во центарот на градот, а старите бегале од него. Денес, центрите на градовите направија комплетен пресврт во начинот на комуникација со населението и денес е во тек повторно враќање на семејствата со мали деца, лицата со инвалидитет и старите луѓе во центарот. Зошто? Затоа што локалните управи настојуваат градскиот простор да го направат поприлагоден за потребите на различни видови корисници. Постојат пешачки зони, безбедно движење, достапност на установите кои се неопходни за дневно користење – затоа што од градската зона не се прави ексклузивна зона.

Мора да се почитуваат некои стандарди во градот и во таа мера можеме да зборуваме за урбанитетот на градот. Во моментот кога ќе се укинат урбанистичките норми, се укинува урбанитетот на градот. На пример, кога се направени тротоарите? Тогаш кога бил измислен автомобилот. А тротоарот предвиден за движење на пешаците во Србија потполно им го препуштате на автомобилите. И, мислам дека ние сме единствената земја во Европа во која на тротоарите се паркирани автомобили. Дури и во Република Српска, во Бања Лука, успеаја да ја прекинат таа практика и да ги ослободат тротоарите. Понатаму, каков е односот кон коцкарниците? Двапати успешно беше опструирана иницијативата да се реши тоа прашање, и ден денес постојат коцкарници на 30-40 метри од училиштата и детските градинки. Значи, постои некаков градски ред, но проблемот е во тоа што никој кој е одговорен во овој град, не сака да се обиде да го примени тој градски ред. Затоа што сметаат дека нивното избирачко тело се наоѓа меѓу оние што можат да пукаат, да безделничат, да седат на сплавовите.

Основниот принцип во планирањето на градот денес е јавниот превоз, односно приоритет во комуникацијата во градскиот простор имаат јавниот превоз, пешаците и велосипедистите. А, она што ќе остане од просторот, тоа се приватните автомобили. Тука, пристапот е сосема обратен. Автомобилите имаат апсолутен приоритет, па и во поглед на заземањето на тротоарите, а за пешаците е она што ќе остане.

Од тротоарите, па сè до Белград на вода, повторно доаѓаме до магичниот триаголник, односот власт – струка – граѓанин.

Ние сме навикнати да живееме во страв, пораснавме во атмосферата „молчи и внимавај, ќе слушнат што зборуваш“. За жал, јас се сеќавам што правеше власта пред 15 години, се сеќавам на тешкото претепување на Архитектонскиот факултет на 23 мај 2000 година, затоа што студентите не сакаа да поминат низ обезбедувањето што им го поставија радикалите. Можам да кажам дека и денес ќе разберам некого кој не сака да зборува и да критикува, плашејќи се дека ќе ја изгуби работата. Но, морам да признаам дека не ми е јасно, да речеме, некој што е член на САНУ, професор на универзитет, да има таков страв. Токму таа самоцензура, тој поданички однос кон властите, зборува за потребата да се разликува граѓанинот од поданикот. Додека од поданици не станеме граѓани и додека таа поданичка свест се прифаќа како нешто што е морално, нешто со што човекот може да живее, да излезе пред своите деца, не може да се каже „јас сум човек“. Не, ако си поданик, не си човек.

Како што нема професија без професионално здружение. Ние имаме апсурдна ситуација државата да ни формира професионални здруженија. Инженерската комора е парапартиска или парадржавна формација, поранешниот министер беше на местото претседател на комората. Тогаш, тоа не може да функционира. И, додека струката навистина не се избори за автономна позиција, а за жал, комунизмот ја укина автономијата на професионалните здруженија и сега имаме наслаги од тоа – ќе постои однос според кој поважно е што ќе каже власта, отколку професијата. Ниту Броз не се грижеше за она што го зборуваше професијата, па зошто би биле поинакви Милошевиќ, Тадиќ или Вучиќ. Но, затоа постои правен систем, за да се ограничи власта, а не за да ѝ се додворуваме.

Најпосле, како ви изгледа, дали и колку ќе се изгради Белград на вода?

Не знам. Прво мора да се премести железничката станица, да се реши пристапот до Каналот, па да се изгради Каналот... Тука, не е јасен никаков редослед. Но, важно е да се истакне дека станува збор за градежно земјиште кое се наоѓа до Дунав, а со оглед на тоа што значи денес Дунав, како се регулира, но и тоа дека тој е практично главен пловен пат низ Европа, има причина да се размислува и за мотивите за запоседнување на територијата. Белград на вода е директна пристапница до тоа земјиште, без никакви огради, без ништо. Договорот, колку што знам, иако Шабиќ го бараше, е недостапен. Така што ние не знаеме дали тоа земјиште е под закуп, дали е подарено или продадено, ние сè уште не знаеме ништо.

Извор: http://www.vreme.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото