Ќе се воведе државен испит за ракометарите

26.01.2015 12:41
Ќе се воведе државен испит за ракометарите

Скопје/Доха 26 јануари 2015

По загубениот натпревар од Словенија во осминафиналето на Светското првенство во ракомет во Катар, македонските власти најавија воведување државен испит за ракометарите.

Идејата ја иницираше македонскиот премиер, откако по гостувањето во емисијата Јади бурек добил илјадници позитивни коментари за своите ракометни познавања, особено од членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Испитот ќе се состои од учење напамет на мотивационото писмо што Влатко Ѓорчев го напиша пред натпреварот со Австрија, а кое - ако судиме по резултатот од тој натпревар - вроди со плод.

„Нема причина ракометарите да бидат загрижени. Не е задолжително целото писмо да се научи напамет, туку барем половина. Ќе се оценува дали ракометарите имаат минимум познавања од словото на Влатко Ѓорчев. Ако не положат од прва, ќе имаат најмалку уште 10 обиди да научат 51% од ракометното писание на Ѓорчев“, рече премиерот Груевски.

Втората фаза од испитот ќе се состои од учење на советите на премиерот кажани во емисијата на Јанко Илковски, а ќе има и практичен дел што ќе биде оценуван од наставнички тим што ќе го состави владата.

„Доколку и овие реформи се покажат како недоволни за преродба на македонскиот ракомет, сериозно размислуваме да го разрешиме селекторот Ивица Обрван, иако е странец, и јас да застанам на чело на македонската репрезентација како играч-тренер“, објасни Груевски.

Низ чаршијата веќе кружат информации дека неколку македонски ракометари биле забележани како замислени одат на улица и си потшепнуваат делови од писмото на Ѓорчев: И, не заборавајте. Судиите не се наклонети на Македонија. Го знаеме тоа. Но, вие треба да ја задржите концентрацијата кога судиите судат против нас.

Слика: Свирачиња