Името на злото

27.01.2015 17:08
Името на злото

Од предговорот на книгата

 

Помеѓу кориците на книгава се поместени текстови и колумни објавувани во македонските дневни весници и електронски портали од 2006 до деновиве, октомври 2014 година. Првите текстови, од есента 2006 па некаде до затворањето на слободните медиуми 2011 година, нередовни и непредвидливо излегуваа во „Утрински весник“, а по некој и во „Шпиц“, „Време“ и „Сега“. Тие години практично сите текстови беа импулсивни реакции на првите симптоми на општествено-политичката несреќа што тогаш почнуваше да се тркала врз земјава и врз неподготвената јавност. Веќе од 2012 текстовите излегуваа поредовно во единствените светленца на слободната реч и мисла - електронските портали „Плусинфо“ и „Окно“, за последнава година да станат редовен неделен колумнистички коментар во дневниот весник „Слободен печат“ и во двата спомнати портали.

Временската рамка што го одреди изборот на текстовите е далеку од случајна: овие несреќни осум години, колу што трае веќе предолгата зима на нашето незадоволство, се совпаѓаат со ерата на владеењето на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Практично сите текстови во книгава се мои мои реакции, протести, убедувања, анализи и предупредувања, предизвикани од безумната политика на власта уште од 2006 година, кога бев еден од првите што ја препознаа мрачната закана што веќе тогаш заводливата нова власт ја носеше со себе. „Привилегијата“ да бидам првиот што ќе врисне од болка поради изгорените очи ја заслужив случајно, само зашто властодршците како полигон за јавна демонстрација на своите нови проекти за општествено „преродување“ го одбраа центарот на мојот роден град. Епицентарот на преродбеничката катаклизма се случи токму во планскиот опфат на урбанистичкиот план „Мал ринг“ (што дотогаш наивно го сметав за дијамант во круната на мојата професионална вокација - архитектурата и урбанизмот).

Читањето на тектонските пукнатини и урнатини кои „преродбата“ и нејзиниот градителски перформанс „Скопје 2014“ ги правеше во овдешново архитектонско и градоградителско наследство, ми овозможи да сфатам дека во нашава земја се случува нешто неверојатно лошо; некакво огромно зло, непоимливо, неразбирливо и вон сечии очекувања; зло чиишто последици нема да остават неоштетен ниту еден дел од македонската култура и општество. Поради ова, темите на текстовите од областа на урбанизмот и архитектурата набргу се проширија кон областите на планерското законодавство, уставноста и владеењето на правото; културата, идентитетот и историјата; потоа, демократијата и изборните измами, за да заталкаат и во лавиринтите на психосоцијалните анализи на однесувањето на жртвите во времиња на големи несреќи. Најчестиот мотив, неретко опсесивно вариран, е неподготвеноста на институциите на демократијата и на политичките и интелектуалните елити да го препознаат и организирано и ефикасно да му се спротивстават на злото; тешко препознатливото зло што една лажлива и алчна власт го стори со измама, изопачувајќи ги системите на вредности и укинувајќи ги слободите и правата, демократијата и поредокот кои ги уживавме претходно. Потребата од препознавање и делегитимирање на ова општествено зло ми стана примарен мотив за пишувањето, дури мисија која се хранеше од пустата надеж дека именувањето на тоа зло може вистински да придонесе за граѓанска мобилизација во борбата против него. За неизбежното повторување на овој мотив - и покрај вештите уреднички интервенции - им се извинувам на читателите на горчливово четиво.

Им благодарам на драгите пријатели кои финансиски го помогнаа излегувањето на оваа книга, особено зашто тоа го направија од срце и со полна свест за густината на мракот на нашата неслобода. Му благодарам и на уредникот и издавачот на книгава, кој вложи многу напор збиркава статии да ја направи подобра отколку што и’ беше одредено само од страна на мојата писателска (не)спремност. Најмногу ѝ благодарам на мојата сопруга, првиот читач, редактор и лектор на уште жешките и груби статии, како и на ќерката и синот, за критичките коментари на неизделканите верзии на текстовите и за исфрлањето на честите пцости, со што значително придонесоа за поголемата читливост и култивираност на текстовите.

 

Мирослав Грчев,

Скопје, ноември 2014 година

ОкоБоли главаВицФото