Никола Тодоров во контрола на вселенските болници

28.01.2015 14:29
Никола Тодоров во контрола на вселенските болници

Скопје, 28 јануари 2014

Министерот за здравство на Република Македонија, Никола Тодоров, ги започна подготовките за вселенската здравствена мисија, во која ќе изврши контрола на 24.428 болници на различни планети и кај различни вселенски цивилизации.

Поттикот за мисијата доаѓа од големата досада што го зафатила министерот, кој ги решил сите проблеми со здравството во Македонија, а не гледа предизвик во својата дејност ниту на планетарно ниво.

„Господинот Ниче Димовски имал видение дека на ѕвездата Македон, од соѕвездието Голема македонска мечка, во некои болници сестрите и лекарите заспивале на дежурство, а некои хигиеничарки пушеле во кругот на болницата. Една развиена вселена не смее да функционира така. Ќе следат казни за сите вонземјани што нема да ги почитуваат правилата“, изјави Никола Тодоров за Пара вести.

Една од целите на вселенската мисија на Никола Тодоров е и воспоставување соработка со лекари-Клингонци, кои треба да ги обучуваат македонските специјалисти и хирурзи.

„Со Клингонците воспостави контакт уште нашиот премиер кога беше по странски инвестиции на Марс, а сврати и до кај нив. Тие се заинтересирани за соработка и отворање клингонски болници во Скопје, како и за обучување македонски лекари. Не дека нашите лекари и сега не се доволно добри, ама колку да се реформира нешто“, објасни министерот за здравство.

Иако во јавноста се покренаа прашања околу висината на трошоците за вселенската здравствена мисија, Тодоров порача дека нема причини за загриженост, бидејќи средствата се веќе обезбедени, и тоа со донација од двајца македонски пратеници.

„Силвана Бонева и Антонио Милошоски решија да го издвојат целиот надомест што го добиле на име патни трошоци за финансирање на вселенската мисија. Овој длабоко хуман и филантропски гест навистина нè трогна. Ех, кога би постоеле повеќе политичари како нив“, воздивна Тодоров.

Предводник на мисијата ќе биде самиот минситер за здравство, а друштво ќе му прави премиерот Никола Груевски, кој уште еднаш ќе им ги покаже на вонземјаните предностите на Македонија за странските инвеститори.

„Ако имаме некакви пречки на патот, ќе излезам од вселенското летало, ќе го кренам на раце и ќе продолжиме. Премиерот рече дека тоа е добро за мускулите“, открива дел од деталите за мисијата Никола Тодоров.

Доколку мисијата биде успешна и сите проблеми со здравството во вселената бидат решени, Тодоров ќе се врати на својот стар ресор и ќе занимава со подобрување на образованието на другите планети и галаксии.

„Кога ќе се земе предвид успешноста на нашите досегашни реформи, не е чудно да ги решиме сите проблеми со здравството во вселената уште пред крајот на нашиот мандат. Во тој случај, ветувам дека ќе се позанимавам со проблемите во образованието во вселената, кое можеме да го подобриме со воведување галактички испит“, најави министерот за здравство.

Слики: Свирачиња