Вистинските „слободни зони“

29.01.2015 10:39
Вистинските „слободни зони“

 Соочени со апсолутна партиско-државна контрола и едно брзо и жестоко искоренување на политичкото општество и на слободата, постои потреба од промислување што би ни овозможило акција. Да го составиме заедничкото искуствено значење на слободата што бараме да ја освоиме.

Мора да се направат видливи оние аспекти од колективното искуство што обично остануваат зад индивидуалните хоризонти или под прагот на индивидуалната свест.

И оваа трибина ја разбирам како една таква можност за реинвенција на нашиот видокруг на слободата. Не толку превртување на односите на моќта, колку избивање на една слобода што никаква моќ не ја расипала, иако секоја моќ ја прикрива.

Секако, дијалогот не може да ја спречи катастрофата, која е, во суштина, тука. Ние можеме докрај да ги разбираме проблемите, да водиме разговори, но тоа не ја спречува катастрофата. Она што тука го имам на ум не е некое „безбедно“ теоретизирање, туку е повеќе одбивање да го направиме знаењето одделено од остатокот на борбата. Тоа е централно за борбата, централно за таа да не заврши во некакво неодредено приспособување на реалноста.

Основната теза од која овде поаѓам е дека авторитарните тенденции дома во еден дел идеално се затскриваат зад глобалните тенденции на исчезнување на политиката пред медиумите и пред финансиите, заедно со слабеењето на демократските установи. И дека домашните регресивни процеси, иронично, можат (до недоглед) да се одржувааат на овој начин.

И ова е важно да се има на ум, особено кога се обмислува политичка борба која, соочувајќи се со еден авторитарен режим, во исто време ќе мора да препознае и да избегне некои од глобалните стапици.

Останатото зависи од стратегиската интелигенција и, секако, од волјата и од храброста да се посегне по слободата.

Глобалните стапици што ги имам на ум можат да се идентификуваат најпрво преку една политика што се откажува од трагање по или идентификување на причините и се занимава само со менаџирање на последиците (тоа се денешните „држави на контрола“), што сериозно го ограничува просторот за јавна расправа, интелектуалците ги заменува со стручњаци или експерти што решаваат мали конкретни проблеми. И така, потпирајќи се на нормите на владејачката експертократија, јавното мислење веќе не игра улога на противтежа на власта, туку само ѝ изразува и ѝ дава поддршка на идеологијата на власта.

Политичката борба што го презема овој резон на справување со ефектите, а не со причините, преку некакви експертски расправи, за нас би била фатална. Тоа би нè ставило во ситуација да се занимаваме со тоа колку добро/ лошо власта управува со „логорот“, како ја администрира / менаџира празнината што настана откако таа го елиминира правото (она за што говореше Искра Гешоска), а не со фактот дека оваа власт го елиминира правото.

Ние можеме до недоглед да расправаме околу поединечни законски решенија, деловници, правилници итн., но под нив не стои Устав, оти Уставот е згазен. Или да се консултираме за тоа дали медиумите имаат право да ги следат седниците на Уставниот суд и што тоа значи за демократијата; а во нашиот случај суштински не постои автономон Уставен суд, како што и генерално немаме институции, итн. Не смееме да влеземе во стапицата да ги опслужуваме фасадите, додека власта ги јаде темелите.

Стеснувањето на просторот за вистинско политичко дејствување станува уште појасно кога ќе ја погледнеме улогата на медиумите во ова време на спектакл, како што често се нарекува екстремната фаза на капитализмот во која живееме, кој ги претвора сериозните граѓански расправи во дебатни спектакли за потрошувачите.

Кога сериозните прашања на злоупотреби, репресии и криминал на власта ќе бидат пуштени низ механизмот на медиумски спектакл, тие ја доживуваат истата судбина како „хитовите“ од топ-листите, дури имаат и многу пократка судбина од нив. Информациите за милионските криминали, за корупциите и за злоупотребите одат во неповрат, се разложуваат во ништо. Штом првичната еуфорија ќе помине, новината исчезнува и циклусот вести оди понатаму. Тие ја шокираат јавноста само за следниот ден таа да бара нова посилна доза (нова вест). И, за жал, тоа е така бидејќи спектаклот е поврзан со губењето на меморијата. И нашата борба против моќта треба да биде и борба на меморијата против заборавањето.

Преминот од овој авторитарен систем кон слободата ќе мора да биде инициран и посредуван од контекст во кој ќе може да се одвива автентична дискусија. Тој контекст треба да го создадеме. Автономните зони на отпор, зоните на политичка борба, ќе мора да бидат зони (простор) на вистинска расправа, а не експертократија; зони што не се хранети од спектаклот, и со тоа впрегнати во одржување на статус квото. Конечно, тоа треба да бидат зони што се способни да ја претставуваат целината.

Би сакала поименично да повторам:

1. Ќе мораме да создаваме слободни зони на вистинска дискусија / промислување. Не смееме да заборавиме дека опасноста ѝ се заканува не само на слободата на јавното мислење туку и на слободата на мислењето. Треба истовремено да се брани слободата на сознавање и слободата на пристап на знаењето.

За силна демократија е секогаш важно клучните избори и толкувања да не се препуштени на неодговорната каста стручњаци и полунаучници што преку медиумските труби стануваат господари на јавното мислење.

2. Овие зони (автономни зони на отпорот, зони на борбата) треба да ја користат стратегијата на спектакуларна бунтовност, т.е. треба да ја инкорпорираат и сегашната слика на „активизмот“ кој ги презема своите знакови од спектаклот. Во сегашноста активизмот го репродуцира принципот на несогласување (како маичка со ликот на Че Гевара), но е неспособен него да го направи релевантен за сосема друг терен.

Општествените мрежи / платформи, какви што се Твитер и Фејсбук, се сметаат корисни за ширење вести, „форвардирање“ слики и коментари. Но, без оглед колку можат да бидат интензивни споделувањата и вмрежувањата, тие често не одат подалеку од „кратките врски“. Како привремени автономни центри, тие се еден вид карневалски раскини со секојдневниот живот и можеби најдобро се опишани како револти без последици.

Значи, не е доволно да се развијат средства за изразување преку новите медиуми и комуникациски мрежи. Исто така, императив е тие да не бидат хранети од истиот нервозен систем на спектаклот. Или, ако имаме намера да го вклучиме, да ги разбереме неговите ограничувања и да го користиме на начин што ни одговара.

3. Конечно, овие зони на отпор/политичка борба ќе мора да бидат способни да ја претставуваат или да ја конструираат целината. Тоа значи дека ќе мора да ја избегнат опасноста на затворената солидарност на микрогрупите, која е повеќе израз на нарцизмот или на колективниот нарцизам, отколку на една општа солидарност која значи инвестирање во субјективни проблеми (некакво релациско воодушевување), а не одржување на res publica.

Во оваа смисла, и тоа е посебно важно за новите медиуми (како порталите) што се вклучуваат во борбата – тие не смеат да функционираат како приватни зони за дружење во кои солидарноста се меша со личното познанство, а општите проблеми се индивидуализираат. Темите и просторот не смеат да бидат узурпирани и оштетени на таков начин. Тие зони мора да служат како носители на минимумот солидарност што ќе ја дефинира новата општествена врска во вистинската смисла, за разлика од, на пример, тесното дружење или колаборацијата како стратегија на голо преживување.

Сето ова е можно. Типичен пример кај медиумите е телевизија Телма, која без какви било ребрендирања, редизајнирања, шоуа, дебатни емисии и спектакуларни наслови, исклучиво со половина час вести дневно – дава слика за тоа што се случува и со својот јазик, кој не е млак или неутрален, туку е критички, кој успева да не биде личен – нѐ обединува во критичко согледување и подеднакво засегнува повеќе од кој било медиум кој во името на жестоката критика клучните прашања ги претвора во хроники на лични борби и суети.

Да заклучам. Се работи за надминување на простата свест за постоењето закана. Преку создавање автономни простори на политичко дејствување може да се одговори на клучното прашање денес: како да се дојде до критична маса која ќе оди отаде славењето на бесполезните и самодоволни медиумски еуфории.

Ние сме во период меѓу мали осила на акција, каде што има многу прегорување и продавање. Следното заедничко туркање треба допрва да се материјализира. И нè чека макотрпна и трпелива работа. Ние сме на почетокот, не на крајот.

Слики: Paco Pomet
Извор: Зборник текстови, „Што да се прави“

ОкоБоли главаВицФото