Душевната болница во Бардовци ќе се преименува во лудница „Ацо Станковски“

29.01.2015 11:02
Душевната болница во Бардовци ќе се преименува во лудница „Ацо Станковски“

Скопје, 29 јануари 2015

Уште една зграда во Скопје ќе биде именувана според заслужни граѓани.

Имено, станува збор за душевната болница во Скопје, лоцирана во селото Бардовци, која од 1 април 2015 ќе го носи новиот назив: лудница „Ацо Станковски“. Владата на Република Маќедонија, на вчерашната вонредна седница, донесе одлука за преименување на ова здание во чест на заслугите на познатиот сликар Ацо Станковски кој со своите писанија во дневните весници успешно ја брани антиквизацијата на Македонија и помага во разобличувањето на светските заговори против нашата напатена земја.

Редакцијата на Пара вести успеа да стапи во контакт со Ацо Станковски кој не го криеше своето воодушевување од најновиот потег на Владата:
„Конечно ми се оствари една од најголемите желби во животот – да оставам некаква трага зад себе. Сега целиот свет ќе ме памти како човек кој дал голем придонес за Маќедонија. Еден ден кога ќе ме нема меѓу живите, луѓето ќе поминуваат покрај лудницата и ќе си велат: ’Ацо беше голем човек.’ А има ли поубаво нешто за еден човек да биде наречен ’голем’“, изјави Станковски за Пара вести.

Сепак, најновата одлука на владата предизвика големо негодување меѓу останатите приврзаници на антиквизацијата и на владејачката партија. Голем број уметници, новинари, политичари, свештеници и криминалци се незадоволни поради тоа што власта му оддава почит само на еден човек, иако тие подеднакво придонеле за ширењето на вмровската вистина. Поради тоа, дознаваат Пара вести од извори блиски до власта, донесена е одлука посебните одделенија во душевната болница да носат имиња на други заслужни граѓани, па така, иако целата лудница ќе се нарекува „Ацо Станковски“, одделенијата ќе носат имиња на други поединци и организации. Засега е извесно дека ќе има одделение „Јанко Јади бурек“, одделение „Миленко Неделковски“, потоа одделение „Сител“, одделение „Вечер“ и одделение „Курир“. Исто така, сите нужници во лудницата ќе го носат името на прататкото на маќедонскиот народ, „Александар Маќедонски“, а за да се разликуваат, ќе бидат означувани со бројки, па ќе има нужник „Александар Маќедонски 1“, „Александар Маќедонски 2“, „Александар Маќедонски 3“ итн.


Според владата, со преименувањето на душевната болница ќе се исправи уште една неправда кон маќедонскиот народ, бидејќи оваа лудница е изградена за време на комунизмот и во неа биле затворани голем број поранешни и сегашни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Иако подолго време се најавува реконструкција на болницата, која е изградена во далечната 1954 година, засега нема видливи докази за подобрување на условите за нејзините пациенти.

Слика: Свирачиња