Пол Остер: Крадев од својот живот

29.01.2015 12:02
Пол Остер: Крадев од својот живот

Во оваа соба го напишавте „Зимскиот дневник“, вашата нова книга која е најавена како автобиографски роман; сепак, ми изгледа дека тоа повеќе е автобиографија отколку роман.

Да. Би рекол дека тоа е книга со автобиографски фрагменти која, повеќе или помалку, се врти околу моето тело, историјата на моето тело.

Му препуштате на телото да ве води низ сеќавањата.

Да. Досега немав можност да прочитам нешто такво. Ми изгледаше дека тоа е најдобар начин за да ги организирам фактите и да влезам во материјата за која сакав да зборувам.

Вие го нарековте тоа „каталог на сетилни податоци“. Зборувате за телесните задоволства, за болката, за физичкиот аспект на пишувањето. Велите дека пишувањето е физички чин.

Секогаш имав чувство дека пишувањето е нешто што произлегува од моето тело. Имам некаков чуден физички однос кон пишаниот збор: пишувајќи, чувствувам како да компонирам музика. Реченицата ја чувствувам како музичка фраза. Оваа приказна за целокупната структура потсетува на фугата, составена е од мали блокови проза. Во еден дел имам 5, а во друг 60 години, постојано преминувам од еден период од мојот живот на друг.

Ако ова е автобиографска книга, можеме ли да речеме дека и автобиографијата е вид фикција?

Не. Пишував и автобиографски дела и романи. Кога пишувам, чувството е сосема поинакво. Во автобиографското дело со сите сили се трудам да ја раскажам вистината, барем онаа вистина за која сум свесен.

Но, како можете да знаете што е вистина?

Во право сте. Сеќавањето може да лаже. Се губи многу. Би рекол дека осумдесет проценти од мојот живот за мене се непознати, можеби и деведесет, затоа што не можам да се сетам што се случило. Човекот се сеќава на некои настани, а некои ги заборава. Често и погрешно ги запаметува. Не можете да замислите колку се трудев да ги пренесам настаните токму онака како што ги паметам. Но, она на кое се сеќаваме може да биде нашата искривена визија за минатото. Сепак, дадов сè од себе.

Во „Зимскиот дневник“ има многу интимни детали за вашиот живот. До која мера писателот може да се соголи?

Не знам. Сè е можно. Не се гледам себеси како исклучителна личност и не мислам дека мојот живот е особено интересен. Себеси се доживувам како и секој друг. Пишувајќи за себеси, се обидувам да пишувам за тоа што значи да се биде човек. Мојата лична приказна не ми е толку важна, јас не сум многу важен. Пишувам за тоа како е да се живее во ова тело, но тоа може да се однесува на секој од нас. Сите знаме дека ќе умреме, сите знаеме што е болест, што е болка. Сите сме преживеале длабока тага, но и моменти на голема радост. Само сакав да доловам какво е чувството да се биде жив. Ако не го раскажев тоа искрено, ако се обидев нешто да скријам, не гледам каква ќе беше целта на сето тоа.

Морам да признаам дека сте многу искрен. Но, секогаш постои граница. Дали можеме да кажеме дека најважните моменти во животот секогаш остануваат скриени?

Можеби. Поставувате многу добри прашања и морам да размислам затоа што претходно не сум размислувал за тоа. Можеби е најважно каква интеракција имаме со другите. Тоа не е скриено туку видливо. Мислам дека тоа нè одредува. Начинот на кој се однесуваме кон жената или мажот, децата, пријателите, колегите... Дали некој, на пример, има бизарни еротски фантазии кои никогаш не ги остварил? На крајот на краиштата, дали тоа е толку важно? Сите ние имаме луди идеи, чудни мисли ни поминуваат низ главата, но тие се скриени, за нив не сакаме да зборуваме. Никој не сака да зборува за тоа. Дали тоа е навистина важно?

Не ви го поставив најважното прашање, а се однесува на „Зимскиот дневник“. Во тоа дело кое не е фикција, препознавам фрагменти од вашата проза. Кој дел од фикцијата е фиктивен?

Еве како... Крадев од својот живот за своите романи.

Многу.

Многу. Книгата во која најмногу го правев тоа е „Заклучената соба“, третиот дел од „Њујоршката трилогија“. Во тој дел е пасусот во кој раскажувачот опишува како во 1970 година работел за американската комисија за попис на населението. Јас ја работев таа работа, и тоа токму во 1970 година во Харлем. Бев дел од групата која требаше да ги посети граѓаните кои не ги пополниле формуларите. Тоа се луѓе кои не ги интересираше пописот, а Харлем тогаш беше многу суров, сиромашен дел од Њујорк во кој живееја исклучително црнци.

Тропав на вратите и прашував дали може да влезам. Некој ќе ме пуштеше, а некој не, а се случуваше и да не ми отворат. Владата го плаќаше шефот на одделението според бројот формулари кои ќе ги пополнат неговите работници. Тој ми рече дека ако некој не ја отвори вратата кога ќе тропнам, тоа не значи дека внатре нема никој, и тоа го ставив во книгата. Всушност, со тоа рече: „Измислете ги луѓето“.

И, јас го правев тоа – измислував луѓе, стотици. Тоа го ставив во романот, но, правејќи го тоа, дојдов до моментот кога раскажувачот прави осврт на биографијата и прашува што значи да се пишува за некој друг. Тоа има уметничка функција во книгата и не е важно дали ми се случило мене. Ако го читате романот, зошто би ве интересирало дали јас сум го доживеал тоа.

Интересно е тоа што велите дека луѓето што сте ги измислувале во романите не се типични Американци.

Многу од моите јунаци не се заинтересирани за американската трка за успехот. Имаат други цели во животот. Ми изгледа како да ги бараат темелите во реалноста во која можат да веруваат. Кога завршив една книга, Сири, мојата жена, ми рече: „Оваа книга ќе има голем успех во Јапонија.“ И, беше во право. А, еден писател рече дека сум измислил нова религија – христијански будизам. Притоа, јас сум Евреин. Можеби во тоа има вистина. Луѓето трагаат по различни начини на живот. Ми изгледа дека тоа е постојано присутно кај повеќето главни јунаци во моите книги.

Вашите јунаци немаат желби, амбиции...

Не сите. За моите главни ликови можете да речете дека се пасивни, неамбициозни, како и да ги опишете, но околу нив се други луѓе кои копнеат за успех, пари...

За разлика од другите луѓе, тие немаат пари, не копнеат за успех, често немаат ништо, а тоа како да не им пречи.

Бев во такви ситуации кога бев млад. Научив дека е можно да се опстои, но морате да преминете на друго егзистенцијално ниво за да го постигнете тоа.

Кога би требало да напишете нешто за парите од филозофски аспект, што би рекле?

Постои една книга во која пишував само за парите. Се вика „Hand to Mouth“ (Да се фати крај со крај). Уште една од моите автобиографски книги. Се зборува за тоа како се измачував кога бев млад и кога немав пари. Првобитната идеја беше да пишувам за парите од филозофски аспект. Потоа, сфатив дека е подобро да раскажам приказна за проблемите кои самиот ги имав со парите.

Додека бев во немаштија, доживеав чудно искуство. Токму кога сосема останав без пари, почина татко ми. Имаше само 66-67 години. Никој не ни знаеше кога точно се родил. Па, така наследив некои пари од него. Страшно е кога ќе помислам дека смртта на татко ми ми даде нов живот, затоа што во тоа време бев во очајна позиција. Тие пари – не се работеше за многу пари, но сепак, повеќе отколку што имав некогаш – тие пари ми купија време. Време да пишувам за тоа што го сакав. Парите се голема и важна тема, затоа што кога ги немате, размислувате само за нив. Единственото добро нешто кога имате малку пари е тоа што не морате постојано да размислувате за нив.

За крај, да потсетам на една убава реченица од „Бруклинската ревија на лудоста“. Не знам дали ќе ја цитирам точно; велите дека во секој од нас се кријат повеќе личности и дека тие постојано се менуваат.

Токму така. Никогаш не гледав некој лик, или личност на поединец, како нешто што е дадено засекогаш. Сметам дека секој од нас е вид спектар, дека сме како музички скали или светлосен спектар и осцилираме помеѓу две крајности. Сите ние имаме повеќе личности во себе. Многу личности.

Колку? Колку личности имате вие во себе?

Веројатно илјадници, кога ќе помислам на сите оние фиктивни карактери што ги создадов, ги има стотина и сите се различни. Секој од нив во себе го има тој спектар на личностите.

Како влегувате во свеста на јунаците?

Најважно е да се препуштите, да замислите некој друг живот, некое друго битите. Се разбира, во текот на тој процес црпите многу од сопственото искуство, но, тоа, сепак е плод на имагинацијата. Деведесет и осум проценти од она што го пишувам е измислено. Повремено употребувам детал што сум го забележал кај некого. На пример, вашиот рачен часовник. Може да ми се допадне и да го ставам на раката на некоја хероина, но тоа не е толку важно. Позајмувате од реалниот свет, но, за да создадете убедлив лик, морате да заборавите на себеси. Самиот писател мора да исчезне, да се стопи со имагинарните ликови. Пишувањето има многу заедничко со глумата – глумецот го користи своето тело, за во него да вгради имагинарно човечко битие. Писателот за тоа ги користи перото и имагинацијата. Кога во роман пишувам во прво лице, како да станувам таа личност, исто онака како што глумецот се поистоветува со ликот што го отелотворува. Писателот треба да се откаже од себеси, а потоа да се соедини со друг.

Извор: http://www.politika.rs

ОкоБоли главаВицФото