Слободата на говор како политичка платформа

30.01.2015 02:40
Слободата на говор како политичка платформа

„Нема такво нешто како лажна идеја“ — Врховен суд на САД, 1974 г.

 

Случувањата во Франција со Шарли Ебдо и во Македонија со Томислав Кежаровски ја отвораат дебатата за границите на слободата на говор.

Мислам дека има две поенти, барем од либерална гледна точка, зошто ваквата дебата всушност е дебата против слободата, бидејќи не може да се биде малку или средно слободен. Тие се:

1. Навредата не смее да биде забранета или како било поинаку регулирана. Можеби сум глупав што ќе те навредам, но штом не добивам награда кога ти ласкам, не треба да добивам ни казна кога те навредувам.

2. Јавните личности (вклучувајќи ги тука пред сѐ политичарите) и сите центри на моќ во едно општество треба да се навикнат на коментари на нивна сметка, без разлика какви се тие. Во робустна демократска традиција тоа би можело да биде дел од утврдената пракса. Во Македонија тоа треба да биде дел од законодавството: Политичар и/или институција не би смеел да тужи новинар (или друг граѓанин), па макар и овој за нив зборувал дека ја украле месечината.

Во долгата либерална традиција, почнувајќи уште од принципот на штета на Џон Стујарт Мил, единствениот момент кога Републиката би требала да интервенира е да спречи говор кој што директно повикува на насилство. (Според многумина, токму овде и потфрлува нашата Република.)

Ова би требало да бидат линиите на размислување на оние што тврдат дека имаат либерални вредности. А за оние од овој камп кои размислуваат за некои идни политички битки, централно прашање на политичката програма би требало да биде менување на законите што го ограничуваат говорот за да ги одбранат нежните чувства на моќниците.

Извор: medium.com/@therealpsmst
Слика: Стив Динино