И Заев се уплаши од Ципрас!

30.01.2015 13:48
И Заев се уплаши од Ципрас!

Не знам дали забележавте, но СДСМ на Зоран Заев не испрати честитка до Ципрас и Сириза за изборната победа. Честитка испрати единствено левичарското движење „Солидарност“, иако сите ние бевме поздравени од новата владејачка партија на Грција со именување под уставното име Македонија. Немам намера да навлегувам во политичкото значење на овој гест, во што тоа значи за спорот за името, свесен дека политиката е пред сè прагматизам и позициите кај нашиот сосед нема да се променат сè додека кај нас владее една тоталитарна и националистичка власт која низ политичко-историски инженеринг и фалсифување успеа да ги оправда и најнеоправдливите позиици на Атина. Но, секако станува збор за убав гест од страна на Сириза, ама и срамен потег на лидерот на нашата таканаречена левица.

Ќе ви кажам зошто Зоран Заев не ѝ честиташе на Сириза. Прво, затоа што заробен во логиките на ДПМНЕ и нивната пропаганда се уплашил дека ќе биде етикетиран како фило-грк и комунист. Но, далеку посуштинско е што излезе на површина дека Зоран Заев и ова раководство на СДСМ не се левица, во ниту една форма од двете доминантни струи: едната реформаторска, другата радикална. Конечно, тоа што највеќе се соголува во случајов е дијаметрално спротивната идеја за општество помеѓу новиот лидер на европската левица и нашите Заев и Шекеринска, каде првиот има намера да ѝ објави војна на економско-финансиската и општествена олигархија, додека другиве двајца сакаат суштински да останат олигарси. Едниов сака да гради социјална и демократска држава, другиве двајца се мислат како да останат на своите опозициски фотељи, надевајќи се дека промените ќе дојдат сами од себе, а народот ќе ги однесе до победата. Нив им е доволна логиката на ДПМНЕ и во тие рамки да го продолжат делото и да го дотепаат ова наше веќе утепано општество. Тие немаат намера да се борат за ништо подобро. Победата на Сириза е најлошата можна вест и најголема антиреклама за нашите лажни левичари.

Деновиве веќе изразив некои мои гледишта за значењето од победата на Сириза, но сега уште повеќе ќе ги продлабочам причините за таа победа, но и што значи за Европа, па и за нас, подемот на една нова и автентична левица. Ќе завршам со добрите практики и лекции кои и покрај сите општествено-политички, но и социолошки разлики, реално се применливи кај нас.

Гледано во најшироки рамки, Европа конечно доби алтернатива на десничарските и неолибералните доктрини и догми, како и на испразнетите социјадемократски партии, а воедно и на новите ксенофобични и националистички движења. Самото постоење на алтернатива - а ние тоа добро го знаеме, бидејќи го немаме - потоа се претвора во извор на промени.

Нека биде јасно, левицата ала Сириза или Подемос во Шпанија, Линке во Германија, левичарскиот Фронт во Франција, сè уште се изолирани случаи, наспроти доминантните и традиционални левичарски партии. Во повеќето земји, онаму каде имаме левичари на власт, станува збор за сосема различни системи, создадени низ различни историски процеси - различни политички системи, изборни системи, организациски поставености, а секако, карактеристични за секоја земја се и различните социолошки услови или состојби на електоратот. Тоа значи дека идеологијата или идејата за општество која ја промовира Сириза или Подемос, сè уште се далеку од доминантни. Но, сепак, тие се единствената левичарска алтернатива и како такви демонстрираат многу важни сличности помеѓу себе.

Од една страна ја имаме неолибералната доктрина каде политиката капитулираше пред економијата, пазарите и финансиската моќ во чие име се дерогираа важни социјални права и услуги, но во исто време се жртвуваа и демократските права и слободи, и највеќе од сè, способноста луѓето да бидат вклучени или реално запрашани за политичките одлуки.

Алтернативата која полека се раѓа се повикува на основните демократски вредности на Европа, ги враќа во игра социјалните политики, кејнсијанските рецептури, работничките права, надмоќта на политиката над економијата, граѓанскиот активизам, почитувањето на Уставот и негово зајакнување. Оваа нова левица, која воопшто не би ја опишал како радикална, се повикува на рецептите од шведската социјалдемократија од триесеттите години, или на оние на социјалдемократските партии од златната ера на шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.

Тука лежи и успехот на Сириза. Сириза доби широк консензус зашто во време на криза ефективно спроведе, не програма, туку реална социјална работа која на грчките граѓани им обезбеди права и услуги благодарение на практиката на мутуализам: од јавни мензи и болници, до аптеки и кооперации за невработените. Ја витализираа праксата на југословенскиот социјализам познат како работничко самоуправување, рестартувајќи бројни пропаднати фабрики. Сега, веќе на власт, најавуваат искоренување на олигархиите, зголемена социјална заштита, јавни услуги за создавање работни места, зголемување на минималната плата... Во исто време оваа иновативна левица од аспект на комуникација и харизма, станува главен промотор на една обновена демократичност, партиципативна и активистичка.

Јасно кажав дека сум свесен оти моделите не се извезуваат, но поуките и лекциите и тоа како се учат. Со партиципација, со нови технологии, со комбинација од „течна“ и „цврста“ демократија, со сериозна организација и работа, со транспаретност, со постојано учество, може да се роди заразна практика.

Ете, кај нас треба да се реконструира левичарската мисла. Политиката и културата мора да отворат нова комуникациска линија. Пред сè ни треба културна реформација. Ни требаат реални иницијативи, поврзување на критичките јадра, солидарност, креирање социјални субјекти и оперативна културна продукција.

Ни треба организација, ако сакаме активно граѓанство, активна култура и активна политика, зошто луѓето нема сами да се сепнат. Ние пред сè треба да градиме една социјална и културна коалиција, само така ќе ја редизајнираме политиката и граѓанската свест и активизам.

Нам ни треба во оваа фаза од нашата криза на демократијата и левицата, и пред изразито авторитарната власт, на момент да заборавиме на партиите и да почнеме нешто да градиме од долу. Нашите партии ја изгубија својата претставничка, но и интерпретативна моќ на и во општеството. Со тоа, тие станаа нерелевантни. Мораме да изградиме сопствена идеја за солидарно општество артикулирано врз социјален и општествен конфликт, нешто што конечно ќе ги истакне и нашите демократски потреби и барања.

Според нашиот Устав ние сме социјална држава, што во превод значи дека нашето општество се базира на солидарност. Тоа значи дека солидарноста ни е патоказ и кон идентификување на основите на нашиот правен поредок. Но, солидарноста отвара и друга димензија. Земја и народ без социјални права, без демократско владеење, се суштински неморални средини, каде човекот покрај материјалната девастација, е уништен и во своето достоинство, како морален субјект. Ете, борбата или збратимувањето и по овие прашања, можеби звучи утописки, но верувајте, таа утопија е неопходна за од нешто да се почне.

Затоа замислувам земја и народ кои ќе се спротивстават не само на режимот, туку на целосната и драматична олигархиско-монополистичка доминација од страна на партиите. Замислувам градуално будење и активирање на граѓаните, сполотување на сите граѓански организации, на целокупната критична маса, колку и таа да е мала, во создавање едно обединувачко движење како општествена, а потоа и политичка коалиција. И од тоа нема бегање, сега го замислуваме, но порано или подоцна неминовно ќе се случи. Се разбира дека треба трпение, но повеќе од сè, потребни се организација и отвореност. Ако се успее во будењето и активирањето на нашиот народ, тогаш ништо веќе нема да биде утопија.

Ете, тие лекции, тие поуки од движењето и функционирањето на Сириза, би било крајно неодговорно доколку не ги земеме предвид.

Слики: Свирачиња
Извор:
Плоштад

ОкоБоли главаВицФото