Ќе се забранат сите телевизии освен Сител

31.01.2015 07:42
Ќе се забранат сите телевизии освен Сител

Скопје, 31 јануари 2015

Ексклузивно! Пара вести дознаваат за најновата одлука на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со која се забранува емитувањето на сите телевизиски канали на територијата на Република Македонија, освен Сител.

Оваа одлука доаѓа по вонредната седница на Агенцијата на која е донесен заклучокот дека сите телевизии во Република Македонија, освен Сител, не ја исполнуваат својата едукативно-пропагандна цел и нанесуваат огромна штета на гледачите.

Во образложението за оваа одлука се вели дека Агенцијата не гледа смисла во постоењето на другите телевизиски канали кога телевизиската куќа Сител ги задоволува сите потреби на гледачите и на граѓаните во земјава. Исто така, во образложението се вели дека Сител е единствената телевизија која се придржува до вистинската вистина и дека не постои друга вистина освен вистината што се презентира на фреквенцијата на овој телевизиски канал.

Доколку останатите телевизии не се самоукинат во дадениот рок, против нив ќе бидат преземени драстични мерки, меѓу кои не се исклучени и егзекуции и строги затворски казни.

Најновата одлука предизвика негативни реакции на социјалните мрежи со констатации дека властите со вакви чекори сакаат да им наметнат на граѓаните да ја гледаат само телевизиската програма на Сител која претставува навреда за здравиот разум.