Не се знае кој пие, а кој плаќа од народните пари

31.01.2015 08:57
Не се знае кој пие, а кој плаќа од народните пари

Нивото на давање минимални информации за трошење на народните пари од 2008 година наваму опаѓа и Македонија е на самото дно по транспарентноста на буџетот во регионот, потенцираше евроамабасадорот Аиво Орав, потсетувајќи на резултатите од извештајот „Анкета за отворен буџет 2012“ што ги објави „Меѓународното буџетско партнерство“ во анализата на буџетите на 90 земји. Орав, како и повеќе македонски и меѓународни експерти, вчера присуствуваа на конференцијата „Транспарентност, перформанси и отчетност на буџетот на Република Македонија“, од каде што порачаа дека е потребна политичка волја и јакнење на институционалните капацитети за да се управуваат јавните финансии.

- Не е доволно да се каже колку пари ќе потроши државата, туку треба да се знае како ќе се потрошат и за која цел - порача Орав.

Но, пораките не стигнаа до министерот за финансии Зоран Ставрески кој не присуствуваше на конференцијата.

- Министерот за финансии Зоран Ставрески беше поканет на конференцијата, но тој не го потврди своето присуство. Присуството го потврди министерот за економија Беким Незири, но поради обврски во последен момент го откажа. Најзасегнато, дефинитивно е Министерството за економија. Таму е тимот што треба да ги координира сите останати и министерот за финансии требаше да биде засегнат - вели универзитетот професор Борче Трајановски кој е и истражувач во Центарот за економски анализи (ЦЕА).
Тој потенцираше дека не е транспарентност ако Владата стави црвен тепих и ги прими граѓаните.

- Од она што го објавува Министерството за финансии или Министерството за внатрешни работи нема ниту еден индикатор од кој ќе се види која е нивната цел. Само неколку институции го објавуваат ревизорскиот извештај што се однесува за нив - посочи Трајановски.

Дека во Македонија постои многу мала транспарентност на буџетот потврдува и истражувањето што го направиле ЦЕА и Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

- Најтранспарентна институција е Агенцијата за права на заедниците, но најтранспарентната институција има само нешто повеќе од една третина од можните бодови. Само два проценти од институциите корисници на централен буџет го објавуваат својот буџет, а само 10 проценти објавуваат заврши сметки - рече Миша Поповиќ од Институтот за демократија, објаснувајќи дека истражувањето било направено на 60 од вкупно 91 институција.
Марјан Николов од Центарот за економски анализи оцени дека во Македонија постои јалова дискусија и дека нема минимална култура за презентирање резултат.

- Дури 40 проценти од буџетските корисници не објавуваат објаснување за разликата меѓу предвиденото и реализираното - рече Николов.

Патрик Житон од ММФ порача дека за да се воочат проблемите, потребно е да се направи разлика меѓу Македонија и споредливите земји.

На Конференцијата беше потенцирано дека Македонија на време не ја носи фискалната стратегија и дека лани е донесена истовремено со буџетот, а таа всушност треба да биде документ за дебата во однос на распределбата на парите меѓу буџетските корисници и постигнувањето на целите на економската политика.

Лидија Димова: Два пати се носи буџет без опозиција

Лидија Димова од центарот за европско образование потенцираше дека две години по ред се носи буџет без опозиција.

- Дали опозицијата е избркана, или сама не доаѓа, резултатот е ист-две години во Македонија се носи буџет без опозиција, што веројатно никаде го нема - рече Димова.

Таа тврди дека транспарентноста за европските пари е нула.

Извор: Слободен печат
Слики: Leon Zernitsky