Европски отров

04.02.2015 13:43
Европски отров

Игрите почнаа. Играчи се Алексис Ципрас и Ангела Меркел. Левичарскиот народен трибун против жената без својства. Во игра се грчкиот долг од 320 милијарди евра, невработеноста меѓу младите во Грција од повеќе од 50% и бројот на самоубиства кој од почетокот на кризата незадржливо расте. Конечно, во игра е и германската догма дека долговите се последица на вина и дека нема милост.

Меѓутоа, Грците не се виновни што иднината на еврото, т.е. иднината на Европа се претвори во партија покер. Грците навистина правеа грешки, но грешките на Европејците, а пред сè на Германија, се далеку попогубни.

Каква е таа идеја дека од кризата се излегува со штедење? Пол Кругман пред неколку денови напиша дека никогаш во историјата на човештвото тоа не го донело посакуваниот резултат. Нобеловецот Џозеф Стиглиц уште еднаш повтори дека грчките долгови на почетокот на кризата изнесуваа 11, а сега се 170 отсто од БДП. Лекот кој госпоѓа Меркел и европските доктори за штедење им го препишаа на Грците се покажа како отров.

Ангела Меркел ја турна Грција во рецесија која е полоша од злогласната голема депресија во САД. Многу Грци ја споредуваат Ангела Меркел со Хитлер.

Германија во Втората светска војна сакала да ја покори Европа. Поразена е. По поразот ѝ простиле половина од долговите и ѝ помогнале да ја обнови земјата. Грците, кои можат да бидат обвинети за сè, од корупција до јавашлук, не сносат ни дел од онаа вина која ја имала Германија за Втората светска војна. И покрај тоа, наметната им е програма за разорување на општественото ткиво која не може да ја издржи ниту едно демократско општество.

Германците, т.е. барем проамерикански настроената Ангела Меркел, треба да сфатат дека дури и оние од другата страна на Атлантикот не го одобруваат германскиот економски догматизам.

Сега негодуваме затоа што новата грчка влада е сочинета од левичарски и десничарски популисти. Што очекувавме од грчките гласачи? И понатаму мирно да дозволуваат Меркел и Шојбле да ги водат во кланицата на штедењето?

Отписот на долговите е неизбежен. Барем за Грција. Алексис Ципрас тука се покажа како поголем реалист од Тројката. Предлогот на германската Die Linke на сите земји во криза да им се отпишат 50% од долговите така што трошоците би ги сноселе европските милионери и милијардери преку вонреден данок на имот е сепак чисто фантазирање.

Судбините на Атина и Берлин се неодвоиви. Исходот од грчките избори ќе има големи последици врз иднината на Европа. Тоа е европска внатрешна политика родена од кризата. И тоа е добро, зашто сакаме понатамошна интеграција.

Лошо е тоа што Германците повторно се вмешаа во изборната кампања на една земја, зашто не сакаме доминација на посилните над послабите.

Се чини дека свеста за Европа сепак не е доволно созреана за да имаме јасна претстава за користа и загубата во оваа сè поцврсто поврзана заедница.

Извор: Spiegel, 30.01.2015.

ОкоБоли главаВицФото