Граѓанска војна

10.02.2015 12:45
Граѓанска војна

Со месеци не ми се пишува ниту ми се разговара за „бомбите“. Дури не ми се пишува ниту прави муабет за теророт што го спроведува една насилничка врхушка сосема изгубена во просторот и времето. Се чини како сè да е речено. Девет години истиот неумолив филм на власта: лажење, манипулирање, насилство. Всушност, можеби до 2011 или 2012 некој сеуште да мислел дека груевизмот е подносливо отелотворение на политичката тактика „железна рака во свилена ракавица“. Денес груевизмот личи на шинтер што на ресторани испорачува пцовисани кучиња. Или на некој што е фатен при шутирање на мачка. Никој веќе нема илузии.

Сепак, главната причина за моето бегство од преовладувачките теми не е „губењето на илузиите“, не е досадата, не се повторувањата, чувството на гадење или поривот за ескапизам ‒ иако сите тие причини се валидни и многумина прибегнуваат кон нив со цел да ги сочуваат последните зрнца разум во сеопштиов пичвајс.

Друга е, значи, мојата причина за, да речеме, ресетирање и за одредена дистанца спрема настаните. Простото име на таа причина е: граѓанска војна. Безизлезот и бесмисленоста на зборовите ‒ водат во војна. Сегашната општествена динамика во Македонија ‒ глувилото, од една страна, и очајанието, од друга ‒ води токму во тој правец: граѓанска војна. Од ден на ден настаните се радикализираат и сè подлабок е ровот меѓу двете завојувани страни (завојувани без официјална објава на војна, но и тој момент е сè поблиску, кога дефинитивно ќе си кажеме меѓусебно: „со вас веќе нема муабет“).

Дојдовме во ситуација, благодарение на една од сите лежишта сосема отшрафена власт, секој говор, секое учество во јавниот живот да значи само разгорување на огнот. Логиката, аргументите, слушањето на другиот, меѓусебното почитување или уважување, непристрасноста на задолжените за непристрасност и правичност (луѓето околу законите, институциите, медиумите, академиите...) ‒ сето тоа како партал е исфрлено од јавната и политичката сцена. Или си со нас или си со нив ‒ просторот од ден на ден е сè постеснет.

Формирањето некакви карневалски но баеги злокобни „здруженија за одбрана на Македонија“ го толкувам низ таа светлина; Гиш, на пример, сигурно не е толку глуп да не разбере дека е невиден историски блам да го брани актуелниот деспот од афери што му го загрозуваат тронот. Но, Гиш прецизно измерил со кантарот на вечниот малограѓанин: граѓанската војна е подобра опција од губењето на привилегиите што му ги овозможува седењето во скутот на мафијашите-владетели. (Некои луѓе Другиот во себе го примаат „кооперативно“, „космички“; но некои од Другиот го создаваат Мопасановиот лик Хорла, невидливото суштество коешто е чиста надворешност, еманација на непријател.)

Ама, слична психолошка и логичка динамика се развива и во спротивниот табор; треба да си екстремно лош по математика за да не сфатиш дека во сегашна крајно осиромашена Македонија просто нема толку леб за толку зинати усти. Граѓанската војна, значи, меѓу другото, ни се ближи и зашто прифалуваат ресурси. Башка, немањето леб ви мигов кај нас е искомбинирано со најлошото: секојдневното тенчење на нервите, секојдневната енормна изложеност на стрес. Живи луѓе сме, со сетила, кревки, кои сиов сервиран ужас мораат да го сварат. Згора, голем дел од нас буквално се гладни и баеги начнати, и физички и психички.

Затоа системот што го востоличи груевизмот е најлошото што го видела земјава од бугарската окупација навака. Системот на лажниот пастир и неговата Фамилија генерира исклучиво зло и го вади најлошото од луѓето. Истиот тој Гиш сигурно не е чудовиште, но груевизмот го направи таков, куче на синџир што секојдневно го чека лебот од газдата. Без газда и без синџир ‒ тоа куче чувствува дека ќе умре. Дури и луѓето отспротива, жртвите на груевизмот, борците против понижувањето и теророт, исто така се принудени на нискости, принудени да го вадат најлошото од себе ‒ ем за да преживеат, ем за да имаат каква било шанса во борбата со одамна ослободениот од сите скрупули непријател (лажат бајките дека јунаците имаат славеи во срцата). Дури мислам дека и самите првосвештеници на груевизмот (потесната Фамилија) ни од далеку лично и приватно не се такви чудовишта какви што ќе ги запомни историјата. Но, создадоа систем кајшто се гледаат само најлошите страни и кајшто само најлошите преживуваат.

Тој самоуништувачки систем може да се нарече „култура на понижувањето“. „Понижувањето е немоќ, емоција која пред сè е последица на чувството дека веќе немате контрола над својот живот, било колективно како народ, нација, било одделно, како поединец.“ Во својата важна книга „Геополитиката на емоциите“ Доминик Моаси вели дека нациите кои воспоставиле култура на понижувањето стануваат изразито деструктивни и кон себе и кон своите соседи, гледајќи ги сите како виновници за понижувањето. Таквите култури немаат иднина, тврди Моаси.

Ми се чини дека начинот на кој медиумите под контрола на власта и некои луѓе по социјалните мрежи ги примаат првите „експлозии од бомбите“ исто така ја потврдува мојата теза: рововите се ископани, актерите се укопани ‒ владеат глувилото и цинизмот. Таквите околности велат дека во граѓанската војна ќе победи посилниот; не поразумниот, поправедниот, поморалниот, понормалниот. Јок. Ќе победи оној што ќе биде спремен што побескрупулозно да му ја скине главата на противникот. Поточно, ќе победи оној што ќе биде спремен да скине многу глави. Ќе победи културата на понижувањето.

И, пак, велам: можно е дека економијата, немањето леб за сите, да е главната причина за кинењето глави, за бескрупулозноста. Да имаше ресурси за корумпирање ‒ ќе се договореа главешините од разноразните табори, со пребези, предавства, нови коалиции. Ми се чини, за жал, дека во Македонија во мигов нема ниту материјални ресурси, а уште помалку памет и волја, да се изврши таа операција.

Да, се согласувам, луѓето од службите кои на Заев му ги овозможија „бомбите“ токму се тие херои кои работат против граѓанската војна во Македонија. Тие луѓе мислат дека уште еднаш работата може да се изменаџира во релативно тесен круг, преку ДБК, преку „службите“. Мислат дека со паѓањето на главите на потесната Фамилија Македонија може да се спаси. Но, мене ми се чини дека ќе оди многу тешко тој обид за „премостување“ на бездната во која упадна земјава под власта на еден сосема непресметлив автократ опкружен со имбецили поинфериорни дури и од неговиот погубен комплекс на инфериорност.

За среќа, постојат два фактора што можат да ја спречат сè поизвесната граѓанска војна во Македонија. Едниот фактор се македонските Албанци; вториот фактор се ЕУ и САД.

Затоа не чувствувам голема потреба да се расправам со Гиш, Ацо Станковски и другите Кербери на еден мизерен режим што на километри базди на чаушесковина. Впрочем, токму Ацо Станковски во неколку наврати во своите антологиски бесрамни и ступидни текстови ја правел таа споредба: „тие“, груевистите, се луѓе, а „ние“, опозиционерите, сме животни. Заради таа поставеност на сцената и улогите, велам, имам сè помала потреба да се расправам со аргументи. Со стапови и пушки ‒ да, ако затреба, како што луѓето (не и животните, кои се космички поразумни:) се расправале низ милениумите.

Купишта камења што не градат ѕидови ‒ стана оваа наша куротресина од држава. „Непостојано станиште полно со празнина и ветар.“ Но, дури и тука, голи и боси, го чувствуваме струењето на некаква повисока смисла, на некаква четврта димензија? Езра Паунд има речено дека четвртата димензија е „мирнотијата и моќта над дивите ѕверови“. Дали тоа значи дека спас пред граѓанската војна може да биде пронаоѓањето на четвртата димензија?! Или сепак пореални се ЕУ и САД?

Слики: Свирачиња