Брате Хан, бујрум план!

17.02.2015 03:19
Брате Хан, бујрум план!

Не знам со каква идеја во Македонија доаѓа братот Хан. Еврокомесарот за проширување, Австриецот Јоханес Хан, во Скопје ќе остане само еден ден. Можеби и тоа, само по себе, говори дека од оваа посета не треба да се очекуваат спектакуларни резултати. Како и да е, ќе биде тоа сериозен предизвик за снимателите и за прислушувачите.

Можно е човекот да е со намера да ја изрецитира познатата мантра на бриселските бирократи – потребен е политички дијалог, проблемите да се решаваат институционално, опозицијата да се врати во парламентот. Од друга страна, Хан важи за добар познавач на балканските (не)прилики и не е исклучено да сфатил дека за еден амбициозен дипломат не е најпаметно да се најде во улогата на неговите поранешни американски колеги Џејмс Бејкер и Ворен Цимерман, кои безмалку до 1995 година се обидуваа да ја спасат веќе распаднатата Милошевиќева Југославија.

Приликите во Македонија драстично се изменети и Брисел ќе мора наскоро да си ги смени директивите. По објавувањето на снимени разговори на водечки личности на владејачката партија, кои покажуваат на кој начин се владее во оваа земја и како се договараат политички зделки, политичкиот дијалог е невозможен. Кризата, се разбира, ќе мора да се решава со политички средства, но сега е неопходно да се создадат предуслови за тоа. Брате Хан, кој нормален денес ќе седне да преговара со Никола Груевски, со Сашо Мијалков, со Гордана Јанкуловска, со Абдулаќим Адеми, со Муса Џафери и со сличните?

Освен тоа, после втората „бомба“ на Зоран Заев, совршено е јасно дека македонското правосудство е под целосна контрола на кликата на Груевски и дека не може објективно да постапува во овој случај. И бидејќи сите сме согласни дека навистина е неопходно скандалите да добијат итна институционална разрешница, единственото разумно решение е да се формира еден независен меѓународен трибунал за кршењето на уставниот поредок и на човековите права на граѓаните на Република Македонија. Или, во најмала рака, да се оствари онаа дамнешна желба на Никола Груевски од 2006 година – за јавен обвинител на Република Македонија да се постави странец.

А опозицијата навистина треба да се врати во парламентот, но тогаш кога на дневниот ред ќе биде изгласувањето на новата техничка, концентрациона или преодна влада (името не е важно), новото егзекутивно тело со широка политичка поддршка, чија цел ќе биде да ја извлече Македонија од сегашната длабока политичка криза, да го исправи нашиот залутан брод на курсот кон ЕУ и НАТО и секако, да ги подготви следните парламентарни избори, првите слободни и фер избори во последниве осум години.

Извор: Плусинфо, 16.02.2015.
Слики: Ken Currie