Издаваштвото е една од поголемите жртви на груевизмот

17.02.2015 13:20
Издаваштвото  е една од поголемите жртви на груевизмот

Некни Министерството за култура ме казни со 600 евра за „објавување нелекторирани текстови“. Ми понудија да ја преполоват казната ако платам веднаш и ако не се жалам. Се разбира, „великодушната понуда“ ја прифатив истиот миг, поучен од низата судски процеси низ кои поминав изминативе години борејќи се против монструозниот режим. Казната, значи, ја платив истиот ден, но на казнувачите им останав должен токму за овој текст.

Најпрвин за самата „инкриминација“: осуден сум без апсолутно никакви аргументи, сосема произволно. Во образложението на казната наведени се, како „нелекторирани“, шест изданија на мојата издавачка куќа Темплум од 2014 година. Спротивно од она што го пишува во казната, сите шест книги уредно се лекторирани и редактирани, како и сите други книги што Темплум ги објавува. Дел од тие книги се авторски, од млади македонски автори. А кога станува збор за авторски книги, авторот секогаш е пред лекторот. Не може лектор да му наложи на поет како да пишува! Авторот може намерно да извртува зборови, да унаказува (или унакажува), да измислува формулации и зборови... Речиси истата слобода да одлучува за финалните јазични решенија ја има и преведувачот, пред лекторот. Инаку, во импресумот на книгите за кои бев казнет не е наведено името на лекторот, но таква обврска државата воспоставува оваа година - така што во 2014 не сме биле обврзани да го наведуваме лекторот.

Нејсе. Ни прва ни последна неправедна казна во екстремно неправедна држава. Дојдовме до такво дереџе што ваквите изразити малтретирања и неправди дури не ги спомнуваме, зашто е бесмислено - дадени се просто како божја пресуда во систем кајшто еден пастир е ем изворно начело ем судија, и кајшто неговата Фамилија, т.е. „кондицијата“ на „нивниот“ семеен трезор (буџетот на РМ), е почеток и крај на сите работи.

Значи, почитувани читатели, ви зборувам за чувството кога си исправен пред груевистичките кадии: „откажи се од секоја надеж, ти што ваму влегуваш“. Работата ти ја претставуваат така како со брцањето во твојот џеб да ти прават милост: можеле да те осудат на 3000 или 5000 евра казна, а ти одмеруваат мизерни 600 евра! Згора, и тие ти ги преполовуваат, ако платиш веднаш! Така што, дома си одиш потпевнувајќи, славејќи го суптилното чувство за реализам на режимските бирократи.

Нејсе, пак велам. Во општество каде што секојдневно умираат најслабите, честопати поради „лек од две пари“, т.е. поради екстремен немар, негрижа и суровост на државата, во такво општество изгледа бласфемично човек да се жали за триста евра казна за „објавување нелекторирани текстови“.

Значи, други ми се поентите. Најпрвин, за конкретниот „Закон за употреба на македонскиот јазик“, според кој сум казнет: сосема е бесмислен. Кого било, каде било, за што било можете да казните според тој небулозен закон. Но, јазикот најмалку можете да го заштитите на тој начин! Напротив, всадувајќи им на луѓето всушност страв од какво било јавно истапување (меѓу другото, за да не бидат казнети), вие - т.е. државата - многу повеќе го унижувате и уништувате македонскиот јазик (па и дух, па и култура) отколку кога луѓето би ги оставиле да бидат слободни! (Слободни и воопшто, како граѓани, а слободни богами и во јазикот; патем, до слободата се доаѓа низ образование и избор, а не низ терор и казни.)

Второ, кога веќе постои таков лудачки (контрапродуктивен) закон, зошто го применувате во многу стеснети рамки?! Тие неколку издавачки куќи за кои слушнав дека се казнети заедно со мојата, се меѓу ретките институции во земјава што токму се грижат за убавината и функционалноста на македонскиот јазик! Значи, од сите очебијни злоупотребувачи на јазикот (во режимските медиуми, на пример), државните инспекции им се фрлаат токму на оние кои тоа не го заслужуваат! Но, впрочем, тоа е логиката на груевизмот сите изминати девет години: уништи ги најдобрите, уништи го секој човечки и професионален кредибилитет и интегритет, за да нема кој да се буни, за да завладее царството на теророт на имбецилите.

Доаѓам до најважните поенти на денешниот текст. Новиот закон за издаваштво, изгласан неодамна, е уште покатастрофален за македонското независно издаваштво дури и од досегашните лоши законски решенија. Наместо да се овозможи развој и полет на оваа ионака речиси мртва општествена гранка (продажбата на книгите е на срамно ниски нивоа и постојано опаѓа), ова поле дополнително се убива со бесмислени формалности, намети и казни. Наместо создавањето и читањето книги максимално да се ослободи, издавањето книга во Македонија ќе стане голем потфат за кој ќе ви требаат десетици склучени договори и баеги многу пари. За секоја книга што ќе сакате да ја издадете ќе морате да имате цел куп договори (илустратори, лектори, коректори, уредници, печатници, библиотеки итн.) и за секоја книга ќе морате детално да ја известите државата низ годишен извештај.

Досегашната слобода, толку логична, толку природна - со векови негувана - книга да може да објави кој сака и на каков начин сака - под груевизмот станува укината (како и многу други слободи, впрочем). Талентирани клинци, теткици што откриле писателски порив, бунтовни групи, разни здруженија, сите ние обични граѓани - веќе нема да можеме да си објавуваме книги како што ќе ни прдне, туку ќе мораме да истрчаме огромна бирократска процедура и да оставиме многу пари во маѓепсаниот и безизлезен круг на груевистичкото ропство.

Новиот закон за издаваштво, како и сите закони што ги носи Фамилијата, е отсечен од реалноста. Препишан е од некои земји кои се барем 50 години пред нас кога станува збор за односот кон книгата, и како пазарен производ и како културно добро. Законот не е базиран на истражување и на реална слика за читачките и куповните навики на граѓаните. Законот не се базира на стратегија и цел. На пример, 95% од возрасните Македонци не купуваат ниту една книга годишно; а државата би сакала 70% од Македонците да купуваат барем три книги годишно (ова е хипотетска реченица; се разбира дека државата на Груевски не сака информирани, образовани и критички граѓани); или, 95% од возрасните Македонци не изнајмуваат во библиотеките ниту една книга годишно; а државата би сакала 70% од Македонците во библиотеките да изнајмуваат барем три книги годишно. Итн. За да се постигнат такви резултати, потребни се стратегии и цели. Законите се дел од таквите стратегии. Со издаваштвото, на пример, снажно се поврзани библиотекарството и книжарството кои исто така се во невидена криза и пад кој трае со децении... Нашето заостанување на полето на издаваштвото зад која било просечна европска земја (дури и зад потпросечните Словенија и Хрватска) не е 30% или 50%, туку е 300% и 1000%.

Најапсурдното во новите закони на Фамилијата (а повеќето им се такви: цедење на сува дреновина) е што се настрвени да ги исцицаат парите од сектор којшто пазарни пари нема! И тоа малку пазарно и независно издаваштво што едвај постоеше Груевски го дотепа со своите етатистички лудости какви што не правеа ни најжелезните комунисти во најтврдите и најмрачните години на тоталниот болшевички диктат. Груевски стана главен уредник и главен издавач на илјадници книги во Македонија, трошејќи повеќе десетици милиони евра за ужасни книги направени под сите можни нивоа на квалитет. На тој начин не само што ги уништува издавачите кои работат квалитетно, туку и долгорочно ги оддалечува граѓаните од книгите кои никој не сака да ги чита оти се просто шкарт. (Се разбира, режимот, како и во сите други полиња, си избра лојални изведувачи на работите. На пример, Митко Маџунков и Венко Андоновски се дел од режимските главни уредници на тие стотици книги низ кои се испраа милиони евра народни пари. Во меѓувреме, се разбира, се формираа и специјални издавачки куќи преку кои по тендерски пат исто така се испумпуваа неброени милиони евра за едиции осмислени во кабинетите на најлудиот, најпретенциозниот и најштетниот македонски владател во поновата историја.)

Значи, на уништеното, т.е. хиперкорумпираното издаваштво, режимот годинава му ги донесе дополнителните закони за придавување на оние неколкумина што сеуште претаат со помош на странски донации. (Законите за новите придонеси за хонорари, меѓу другото, се дел од акцијата за уништување на слободното издавање книги во Македонија.)

Најстрашното сепак го оставив за крај. Не сум изненаден од обемот на деструкцијата што еден режим успеа да ја изврши за само девет години. (Ми се чини дека количеството зулуми, на секое поле, за овие девет години неспоредливо го надминува количеството зулуми за време на 45-годишното владеење на комунизмот.) Впрочем, речиси од првиот миг, од 2006 година, укажував на многу опасните и суштински недемократски рефлекси што уште тогаш ги пројавуваше груевизмот. Но, шокиран сум од обемот и од типот на луѓе кои не само што избраа да не ја гледаат деструкцијата сите овие девет години, туку активно соработуваа дури и на најлудите проекти на груевизмот (СК014, на пример). Ги спомнав, кога станува збор за уништеното издаваштво, можеби најескпонираните помагачи на злосторничкиот потфат кога книгите се во прашање: Митко Маџунков и Венко Андоновски. Но, заедно со нив и под нив стојат стотици други корумпирани уредници, писатели, преведувачи итн. - кои безгрижно ги лижеа трошките од големата корупциска трпеза, сосема несвесни, на пример, дека во таквиот систем исчезнува нормалното приватно издаваштво независно од вкусот на државата и на културните арбитри што ординираат како да сме во времето на инквизиторското едноумие кога сосема биле сплотени интелектуалната, религиската и политичката моќ. Дел од тие колаборационисти и уништувачи денес стојат по факултетските холови и божем се борат за некаква автономија (која никогаш не ја поседувале, ниту како личности, ниту како актери во општествените системи). Утре-задутре, кога ќе стане уште поизвесен падот на тиранинот, „мишевите и каракамишевите“ уште повеќе ќе ги преплават холовите.

Но, ова се некои можеби други приказни. Заправо, проклето се истите, откако е света и века, барем за оние што памтат и што имаат макар основни знаења од историјата.

Казната, важно, ја плативме.

Слики: Virginia Mori

ОкоБоли главаВицФото