Говорот што го држев на Правен факултет

18.02.2015 02:02
Говорот што го држев на Правен факултет

Јас сум Анастас Вангели, и ќе бидам крајно претенциозен,
ќе започнам со еден срдечен поздрав,

Другарки и другари,
колешки и колеги,
и жал ми е што ги нема тука поканетите претставници на студентскиот сојуз, партиските активисти и професорските синовите, кои ни одлепуваа плакати и ни се закануваа со суспензии,

Добровечер!

Ви благодарам што покажавте солидарност и се собравте на овој ден заедно да го одбележиме 40-годишниот јубилеј од историската ’68 како и да продискутираме на горливи теми од локално значење и во сегашно време.

Во претходните излагања имавте можност да чуете, што и како се случувало пред 40 години, со што се соочувал светот тогаш и таму; делумно ве потсетивме и со што се соочуваме ние студентите, овде и сега. Во моево излагање ќе се обидам да се фокусирам на она што можеме да го направиме во реално време, тргнувајќи од ова место, не запирајќи ни тогаш кога ќе нè газат, ќе ни се потсмеваат или кога ќе се обидат да нè купат.

Пред некој ден правев муабет со еден другар, Димос, од Атина, кој што во моментов е еден од водечките идеолози и активисти на тековните студентски протести на Атинскиот универзитет. Кога дозна дека подготвуваме настан за одбележување на ’68, беше ептен позитивно изненаден затоа што впечатокот на прогресивните активисти од странство за Македонија бил дека „младината не се чувствува како дел од светската револуција“, дека квазисоцијалистичкото југословенско минато и тажната транзициска реалност тотално нè извадиле од контекст и дека што поскоро мора да се еманципираме во интернационалното движење.

Перцепцијата на Димос не е далеку од вистината која ја живеевме до пред неколку недели. Но, со неколку настани, застанувајќи против државното НАТОумие и националистичкото безумие, надоврзувајќи се со денешниот настан, покажавме дека полека креираме сопствен алтер-глобалистички и прогресивен дискурс. Слични искуства сме имале и кога сме комуницирале со другарите од Бугарија, Србија, и подалеку. Не сме сами, ја имаме нивната солидарност и поддршка, исто како и солидарноста и поддршката на другарите ширум светот!

Критиката која ја упати Кире за конзервативноста и несолидарноста и пред сè пасивноста како главна карактеристика на младите, исто така, држи вода, но верувам не за долго, затоа што овој настан, како и сè што допрва следи, нема да заврши дефетистички, со плачење како ништо не чини и упатување критики. Нема повеќе жалење, туку напротив, директна акција. Би парафразирал еден од хероите на ’68, Жан Пол Сартр, кој вели „Јас сум сонувач, и не дозволувам реалноста да ме разочара, затоа што реалноста може да се смени“. Ние сакаме да ја промениме таа реалност и денес дојдовме овде да си најдеме сојузници. Денес дојдовме да споделиме конструктивни идеи околу кои можеме да се обединиме и да ги фураме додека не успееме.

Првата работа која што сакаме да ја постигнеме, е будење на свеста на студентите за самите себе. Па, ние треба да сме конгнитивниот, мислечкиот дел од општествениот апарат, столбот на свежата критичка мисла во општеството. Студентите се тие кои во 1968 го започнаа колективното преиспитување на реалноста на ниво на цел свет, буквално; студентите се тие кои долги години потоа, насекаде низ светот дрмаат борејќи се за сопствените права, но и за правата на другите. Млади сме, неоптоварени и слободни да делуваме, и не мора некој да ни го каже тоа – така е. А со оглед на тоа каква е ситуацијата со високото образование, но и во поширок општествен контекст кај нас, потребно е само мала инспирација за да станеме.

Уште од прво одделение мене ми било срам да кренам рака и да зборувам на предавања. Со текот на времето, успеав пополека да се отсрамам, па сега уста не затворам. Помеѓу вас има и мои колеги, кои што ќе ви го потврдат тоа. Но, моите излагања на предавањата се многу повеќе монолози и симултани испади, кои што ете, се својствени можеби и за пар други луѓе, но не е тоа општа пракса на сите студенти. Студентите главно ќутат. Сега дури, дел од оценката ни се и поени за активно учество на предавања, и пак понекогаш се случува штама. Отсуството на дебата е очигледно во студентските амфитеатри; не ме ни чуди зошто и надвор од нив се молчи за сè и сешто.

Што може да биде проблемот? Недоверба во самите себеси? Недоверба во останатите? Помиреност дека индивидуалното мислење не може да смени ништо? Не знам, вие кажете ми.. Стравот можеби? Исконскиот страв здобиен уште од тоталитарните наставници во прво одделение или искомплексираните професори во обид од средните училишта? Или можеби стравот од седокосите универзитетски професори, со чест на неколку исклучоци, но повеќето од нив тирани и угнетувачи коишто се однесуваат како да се недопирливи и кои вечерва немаа храброст да се појават овде, истите што понекогаш тресат тешки глупости, а ние го знаеме тоа, и им ќутиме? Оние кои понекогаш дури и си земаат за право да нè третираат како стока, да одлучуваат за нашите животи?

(Пауза. Жданг тука на табла лепам налепница „Секогаш сомневај се во апсолутниот авторитет на професорот!“ и ги делам низ публика останатите налепници)

Не заборавајте дека ниту еден авторитет не е доволно голем за да ве замолчи, ниту еден професор не е ништо повеќе човек од вас! Секој е должен секого да ислуша, а тоа повлекува и одговорност да се каже сопственото мислење. Ми се гади од оние кобожемски зафрканции кои кружат, насловени како „10 професорски заповеди“ кои само го оправдуваат и потенцираат упикувањето и лижењето. Не! Професорите треба да нè почитуваат, а ние во овој случај треба да се избориме за тоа, директно, јасно, гласно, видливо.

Најмалку што можеме да направиме е да земеме од овие налепници и да ги залепиме по секој амфитеатар и предавална, над секоја катедра, за да бидат потсетник на тоа дека ниту еден професор не смее да биде третиран како повисока форма на живот од самите себе си. Така секогаш ќе бидеме свесни за сопствената улога, но и одговорност да бидеме ЗБОРОТ!

* * *

Следна тема на која сакам да се осврнам, се гротескните студентски организации, од типот на ССУКМ или Студентскиот Сојуз на Правен факултет. Тоа се институции кои се заглибени во сервилноста кон естаблишментот, дувла полни со опортунисти спремни за отскок во натамошна бирократска кариера, одлични сурогати на политичките партии, но никако не се институции кои помагаат во остварувањето на студентските права. Напротив. При организирањето на овој настан, се соочивме со опструкции од нивна страна, до таму што на нашите другари, конкретно на Иван - еден поздрав за него - значи на Иван му се закануваа со дисциплински постапки и суспендирање од полагање затоа што лепел плакати, особено плакати со таква содржина; а тоа јасно кажува дека тие самопрогласени наши претставници се ПРОТИВ нас, а воедно се служат со ниски удари и реторика на заплашување во најкодошко-кукавички манир. А истите тие организации земаат пари од нас при секој упис!

Па тие имаат буквално монопол над студентското организирање, имаат целосна поддршка од системот затоа што се негови цицалчиња, и благодарејќи на тоа успешно преживуваат секаков обид да бидат сотрени. Пример за тоа е успешната иницијатива за студентски парламент која заглави во бирократските канали, и покрај тоа што собра шест пати повеќе потписи од вкупно гласовите на студентските избори. И до кога ќе го трпиме тоа? Што треба да се случи за да сфатиме дека Студентскиот сојуз е всушност една орда алчни за моќ фанатици кои се спремни да газат по нас за да ги извозат сопствените его трипови?

Да бидеме реални, разноразните пародии но и накази од студентски сојузи, итно мора да се распуштат, да им се одземе сиот кеш и бенефиции со кои располагаат, да се разоткријат сите матни игри и некој да сноси одговорност за тоа! Самоил Малчески и господинот Син на Професорката и ним сличните ретроградни елементи мора да си одат и да не се вратат, затоа што се кочничари на здравата мисла и акција, и на крајот на краиштата, противници на младешкиот дух! Старци заробени во кожа на адолесценти, кои наместо со живот, се полни со мртвило.

* * *

Конечно, проблем којшто сигурно никогаш нема да биде актуелизиран од Студентските сојузи е можеби и најперверзниот момент во македонскиот образовен систем – ПАРТИЦИПАЦИЈАТА.

Мене лично ми се гади од црвените уплатници. Мислам, знаете ли што плаќаме со нив? Дали знаете како оди патот на тие 200, 600, 800, не знам, некаде и по 1.000 евра, што знам, на рати?!

Вака некако: во десното поле, го впишувате името на корисникот на сметката кому му уплаќате. Тоа е соодветниот факултет. Под него го впишувате името на банката на корисникот. Тоа е Народната Банка на Република Македонија, државната благајна. За да ви стане појасно каде одат парите, под тоа имате едно поле кое се нарекува „сметка на буџетски корисник“.

Значи парите кои што вие ги уплаќате секој семестар, одат директно во буџетот, и со нив располага Владата, односно Министерството за Финансии. Да не заборавиме, во буџетот одат и парите од сите исполижани таксени марки. Да не заборавиме, во буџетот оди и одреден процент од она што го плаќаме со секоја фискална сметка. Да не заборавиме, особено на име образование, во буџетот се слеваат и многу странски фондови и донации. Буџетот се полни од сите страни, и секоја година достигнува нов плафон.

Но, како се троши тој републички буџет? Сосема доволно е да напоменеме дека за 2008, Македонија повеќе од двојно поголеми средства троши на војска, отколку на образование. Од тоа голем дел од средствата се наменети за тенкови по НАТО стандарди, додека старите се уништуваат, а добар дел одат и за плати на војниците во мисијата во Ирак, каде што трупаме армија и остануваме помеѓу 23 злосторнички земји, рамо до рамо со Грузија, Монголија, Казахстан, Азербејџан, Ел Салвадор и Тонга. Но, за студентите нема пари. За студентските домови нема пари. Ама, па, има пари за будење на националниот идентитет (во 21 век еј!), за снимање нацистички спотови во кои страшниот показалец те посочува и ти вели дека ТИ СИ МАКЕДОНИЈА, сè тоа под капата на т.н. Агенција за млади и спорт. Значи колку е младешки да мастурбираш на национален идентитет, да дркаш на Филип, Александар и македонскиот неолит. Што е следно? Измислување на Македонски Биг Бенг додека чекаме на ред пред чучањацот? Пошто попрво тоа отколку да стават веце шолји, до таму ни е нивото на цивилизациски развој!

Се ветуваат нови универзитети и факултети, а на предавање се гужваме ко сардини по 100 луѓе на 50 степени, во три смени. Не би сакал да шпекулирам ни со професорските плати, но знам дека мал е бројот на стипендирани студенти. А има доволно голем буџет и без ние да го полниме.

Условите за студирање можеби не се неподносливи за секого, но се далеку од поволни. И мора да се менуваат. Јас сепак би преминал на суштината на овој проблем и решението кое ние го предлагаме.

Значи, она што е најболно во целата ситуација е што ние повеќекратно го плаќаме нашето образование, без оглед на тоа дали денес било подобро или полошо од порано. Еднаш преку даноците, а вториот пат преку партиципацијата. Еднаш со секоја фискална сметка, вториот пат со секоја црвена уплатница. Настрана од тоа, постојат и странски фондови и организации кои доста дебело вложуваат во овдешното образование. За ефектите некогаш ќе дебатираме.

Но, едно е неспорно. Со тоа што ние директно, најтранспарентно и задолжително плаќаме високи суми за да добиеме право на образование, стануваме не студенти, туку клиенти на овој универзитет. Суштината на нашиот однос не е а приори стекнување со знаење и вештина, туку здобивање со услугите кои оваа фирма нам ни ги нуди – а за многумина тоа е само универзитетска диплома по која било цена, исто како и кај приватните факултети, кои толку сакаме да ги исмеваме. Наместо платонски однос на учител-ученик кои се среќаваат во училиштето, ние стапуваме во чист капиталистички однос понудувач-купувач кои се среќаваат на пазарот. И додека целта на учителот му е да пренесе знаење, на понудувачот целта му е да си го максимизира профитот на најлесен начин. Знаењето така станува стока и предмет на размена, достапна за оние кои што имаат да понудат нешто за возврат. И, преку ноќ, јас наместо индивидуа, студент, станав одечка банкнота од 200 евра – овој факултет и државата многу повеќе ме гледа како заработка отколку како студент. Ако платам, ќе учам, ако не, кој ме ебе. Можете да биде желни и способни колку сакате; тоа не е пресудно – пресудно е да платите.

Овдека гледам многу банкноти, кој од 200, кој од 600, кој од 1.000 евра. Многу отуѓени души, на кои институцијата која што треба да ги продухови, уште толку им ја всадува гнасната капиталистичка реторика во која парите имаат улога на објект на опсесивно посакување. А тоа не носи ништо добро.

Затоа, да бидеме реални: партиципацијата на Универзитетот Кирил и Методиј треба да биде екстремно намалена, а на долг рок, укината. Таква е праксата на речиси сите државни факултети во светот, дури и во најнеолибералните држави. Таква е праксата и во регионот, таква е праксата и во Европа, и ние ќе се бориме таква да стане праксата и кај нас. Затоа ве повикуваме да ни се приклучите во таа борба.

Реално е да бараме универзитетот Кирил и Методиј да стане јавна образовна институција, наместо сегашново државно претпријатие кое рекетира студенти. Реално е да бараме универзитетот Кирил и Методиј да им овозможи услови за образование на сите оние кои што имаат желба да учат таму, а притоа ги исполнуваат предвидените критериуми, кои пак не смее да се однесуваат на тоа кој колку е спремен да плати. Високото образование треба да биде достапно, квалитетно и евтино. Тоа е јавно добро, и никој не смее да го погани.

Нашата визија за Универзитетот и сите негови факултети е нивна што поголема автономија – затоа, реално гледано, не смееме да дозволиме во иднина Ректорот да ни го бира Владата. Власт на Универзитетот треба да бидат студентите, а не функционерите. Не треба просториите на факултетот да се издаваат под кирија на приватни фирми – тоа се јавни простори, кои ни припаѓаат на сите нас и кои треба да ни бидат на располагање за задоволување на нашите потреби. Универзитетот Св. Кирил и Методиј во моментов е далеку од она што треба да биде, и затоа ние сме решени да дадеме сè од себе за ја смениме таквата реалност. Затоа мора да се обединиме и да бидеме доволно реални, за да го постигнеме она што се чини невозможно!

Другарки и другари,
Дојдовте десетици, но доволно е само еден да застане рамо до рамо со нас за да речеме дека сме успеале.
Доколку нашата порака допре до кого било, ќе си одиме дома со кренати глави.
Доколку си мислите дека сме радикални, ние тврдиме дека сме само бескомпромисно млади.
За нас, ништо не е готово, битката допрва започнува!

(2008)

Извор: vuna.info
Слики: Mahmoud Refaat