Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

19.02.2015 00:48
Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

Кој може да каже колку корупција е потребна за една нормална држава?

 

Да започнам со рекапитулар на очигледното: неовластено масовно прислушкување е прекршување на законите, Уставот, меѓунарoдните декларации за човекови права и за тоа виновниците мора да бидат казнети. Тоа е атомска бомба за приватноста и демократијата, која подразбира тајност и на нашите одлуки и не може да функционира кога ваков надзор постои. Ова не е ништо ново, барем за оние што редовно читаат што доаѓа од малиот камп за дигитални слободи што главно гравитира околу 2с.мк и КИКА. Но, мислам дека е згодно да се повтори за сите оние кои не се во тек: 1, 2, 3, 4, 5, 6

Но, дебатата не завршува тука. Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и неовластено се прислушувани 20.000 луѓе од страна на домашните служби, тогаш тоа е македонската елита, како што утврдивме - македонскиот 1%, прислушувана од неа самата, се разбира не буквално, туку посредно  - овозможувајќи ги мерките на еден или друг начин во подолг временски период. Секако, вината за тоа најмногу лежи во главната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ којашто ги контролира клучните институции, но соработници се сите институции и нивни претставници кои не сакале да спроведат мерки и проверки или пак ако не можеле, тогаш не си заминале од функциите, односно останале да ги уживааат плодовите на привилегијата власт. Ако нешто во поп-културата или секојдневното сфаќање на нештата стигнало од мислите на Хана Арент, тогаш тоа е идејата за баналноста на злото. Ми се чини дека молкот на целокупниот институционален апарат е токму тоа.

Оттука, објавите на СДСМ на Заев всушност, покрај откривање на постоењето на неовластеното масовно прислушување, се и војна помеѓу едниот процент. Останатите сме повикани да дадеме поддршка. Но, дилемата, иако можеби тешко може да се артикулира, лесно може да се препознае: дали даваме поддршка од принцип  - затоа што корупцијата на Републиката мора да заврши, или од нужност  - затоа што катастрофалното деветгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ мора да заврши? Ова не е наивна разлика. Ако секој што е некој во оваа земја е прислушуван, а кога веќе сме сложни дека тоа е масивно нарушување на уставниот поредок, тогаш прашањето за времето што доаѓа единствено е колку проценти од нив се корумпирани?

Македонското „протекување“ на тајните снимки не е налик на ниеден пример од популарната меморија. Ова што го доживуваме не е ни Елсберг со документите за Пентагон, ниту Никсон со Вотергејт, ниту Викиликс со телеграмите, ниту Сноуден со НСА. Не е дури ни филмскиот расплет од новата Борнова трилогија кога Мет Дејмон во улога на Џејмс Борн по факс ги праќа документите за злоупотреба на неговата организација до NYT. Не е  -  едноставно затоа што СДСМ не е новинарска организација како NYT или Гардијан, ниту пак како Викиликс има желба да стане тоа. Aко монополот врз овие информации ги има политичка партија, може ли да се потпреме на тоа дека политичка партија ќе ги спроведе обврските на медиумите за служење на јавниот интерес? Може ли таа да биде четвртиот столб на власта, кога, очигледно и логично, претендира да биде првиот столб?

Овие прашања ставаат специфичен товар на СДСМ на Заев. Ако решат навистина да му служат на јавниот интерес, радикално како Викиликс или умерено како Гардијан, тогаш треба да ги обелоденат и снимките што ќе ги разоткријат и луѓето што се блиски до нив. Статистиката вели дека сигурно има такви луѓе. Будалесто би било да веруваме дека само елитата што е асоцирана со ВМРО-ДПМНЕ е корумпирана. Дури и односот да е 90% наспроти 10%, би требало во служба на јавниот интерес да знаеме сѐ. Така сите објави ќе го доведат во прашање не само постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и другите политички партии онакви какви што ги знаеме. Ова е тој специфичен товар што го носи СДСМ на Заев, и што нѐ враќа назад на прашањето принцип или нужност. Впрочем, од нив зависи каков вид на поддршка ќе добијат, од нивната одлука дали ќе бидат џелат само на ВМРО-ДПМНЕ или на сите оние што 25 години ја буткале Републиката во бездна, па така и самите на нив. Со други зборови, треба да видиме дали ќе ги видиме само големите злоупотреби како што се наводите за местенки во Врховниот суд или и малите кои што веројатно постојат од страна на локалните моќници во локалните судови. Ова е тешка одлука.

Секако, ваквиот специфичен товар на СДСМ на Заев делумно произлегува од состојбата во која со години наназад се наоѓа македонското новинарство, а пред сѐ поради неговите спреги токму со истата елита. Доколку имавме весник со барем половина од капацитетот на Гардијан, можеби СДСМ ќе можеше да ги предаде документите таму и да се посвети на тоа што вообичаено го прават партиите  - програма и избори, бидејќи така се менува власта во демократските држави и во оние кои барем претендираат да станат такви. Последново само ја комплетира сликата за тоа каква комплицирана и обемна работа нѐ чека во обновата на општеството и Републиката што треба да следи. Но, одговорноста за тоа да стигнеме во точка во која што обнова ќе биде возможна во моментов целосно е во рацете на СДСМ на Заев.

Луѓето не се плашат наивно од изреката „сите се исти“. Сите го препознаваме прашањето за вредностите, прашање кое што е многу важно. Гаранцијата за тоа дека некој локален моќник веќе во 2017 нема да ги клика копчињата во ДБК треба да биде двојна: таквите што сега кликаат некои копчиња во општинска соба да бидат исчистени сега и Уставот и законите да бидат променети заради поголема заштита на граѓаните.

Под претпоставка дека сѐ што беше до сега кажано од страна на СДСМ е точно, ваков расплет е можен во едно „Черчилијанско сценарио“. СДСМ на Заев да ја обелодени комплетната „Вистина за Македонија“ и штом оваа „војна за вистината“ заврши, тој да си замине и да имаме можност да избереме „цивилен премиер“, а елитата што ќе ги пополнува клучните места по институциите да биде целосно испразнета од луѓе што имале врска со корупцијата изминатите 25 години.

Клопчето што сега го одмотува Заев може да биде преседан за решавање на сите политички битки во иднината. Којзнае дали СДСМ се спремни на тоа.

Извор: medium.com/@therealpsmst
Слики: Свирачиња